Поет кој не ја изневерува поезијата*

Илхами Емин

Во современата македонска поезија името на Ацо Шопов е посебно привлечно со фактот што е тој скоро единствен кој доследно и секогаш се бори да остане само како поет. Оваа констатација не е од мала важност кога се има предвид бегството на повеќе поети во прозата, или, што е покарактеристично, повеќемина продолжуваат да работат и врз поезија и врз проза. Освен што не ја „изневерил“ поезијата, Ацо Шопов сѐ уште ја нема изневерено ни онаа интимна поезија, која од почетниот чекор на овој автор се провлекува како негова перманентна преокупација, а која во потполност завладеала и со најновата поетска збирка Ветрот носи убаво време, што дниве излезе од печат во издание на книгоиздателството „Кочо Рацин“.

Во скоро сите песни од најновата стихозбирка на Ацо Шопов провејува еден исповеден, но не и избанализиран тон. Неговата исповед всушност е одразување на неговата интима и свет, кој, покрај силната емоционалност, во себе носи и размислувачки нишки, неопходни да се создадат целосно оформени песни, какви се поголемиот дел во Ветрот носи убаво време. Појавувањето на стихозбирката Ветрот носи убаво време во време кога ветровите на нашата поезија најмалку носат избистрено време, за нас означува не само документ за понатамошното зајакнување на поетското име на Ацо Шопов, туку и појава на еден поетски свет кој оди во прилог на невештачките и несимулаторски навеви во нашата поетска фактура. А со Ветрот носи убаво време најмногу добива од мнозина негираната чиста интимна лирика, која, преку очебијните резултатности на оваа стихозбирка, и понатаму здобива право и „легитимност“ за себе продолжување и егзистенција!

Основниот впечаток што читателот ќе го понесе од Ветрот носи убаво време е дека Ацо Шопов, ако не во потполност, тогаш во поголемиот дел на книгата, се ослободил од својот вешто негуван класичен стих и пошол по пат на откривање нови пред сѐ чисто формални новини во својата творечка постапка. Но, новото во последните поетски остварувања на Ацо Шопов не се резултат на никакви позајмувања туку тие дошле по пат на природно надраснување на скоро сите негови претходни поетски збирки, па и на Слеј се со тишината, и тоа не само во формален, туку и содржински поглед. Најдобар пример за природното раѓање на новата форма во изразот на Ацо Шопов е подолгата песна „Сосем налик на сите брегови“, во чија основа лесно се препознаваат контурите на поранешната поезија, од која таа израснала по долгото и свесно барање на поетот.

Меѓу песните кои заслужуваат посебно да бидат одбележени ќе ги наведеме: „Бела тага на изворот“, „Чудно прашање“, „Кажи ми небо“, „Во секој град“, „Треба да бидеме подобри“ и други.

Можеби единствена забелешка за стихозбирката Ветрот носи убаво време би била таа дека во некои песни премногу се чувствува воопштеност при изразување на конкретна интимна расположба, како на пример во песните „Добро утро летање“, „Поглед“, „Љубов“, „Да знам“, „Здравица“, „Очи и ораница“ и „Добра ноќ“, но мораме да нагласиме дека токму во тие песни поетот успеал да оствари по едно минијатурно поетско совршенство, какво што до сега сме имале можност да сретнеме само во кусите песни од Везилка на Блаже Конески. А оваа особеност е исто така симпатична и привлечна.

_________________________
* Текстот, со потпис И. Емин, е објавен под наслов „Ацо Шопов: Ветрот носи убаво време (Скопје, Кочо Рацин, 1957)” во Нова Македонија, на 22.11.1957.