Вака сумирано*

-ски

„Интимната“, како таква, и не само таа под гилотина на резенцијата

„Само конкретната естетска анализа, а не фразерство, а не апстрактните построенија и таyтологизирањето на зборови што треба да се употребуваат со повеќе мерка и со посилно чувство на одговорност, ќе даде практична помош за ликвидацијата на анахронички и деструктивни појави во нашата денешна лирика“. − Д. Митрев

„Бессилни да извршат било каква анализа за уметничката вредност на поетското или прозното дело, некои „критичари“ копјата на својата критика ги свртуваат во сосем друг правец, место естетска анализа на делото даваат политичка карактеристика на авторот“. − А. Шопов

„Пред да ја подведуваме нашата поезија под норми треба да покажеме и извесно трпение: да го почекаме развојот на нејзините форми, оној слободен развој на животот“. − Б. Конески

Последното [седмо] годишно собрание на Друштвото [на писателите] се одржа во едно време − прво: кога нашата литература, општо сумирано, одбележува еден реален успех и второ: кога таа литература почна да дава и повод за дискусии, отпрвин претпазливи, матни, несигурни, со туторски однос од платформата на „идеолошката“ опсервација, потоа да се засили и писмено каде и да било до самонеодговорност.

По рефератот на Д. Митрев „Современата македонска литература“ се разви на собранието дискусија за некои нови (кај нас само нови!) моменти во литературата, првенствено за нашата „интимна“ и за оние рецензии кои во таа интимна почнаа да претчувствуваат злокобен дух, индивидуализам, декаденција, асоцијалност.

Што поправо некои такви рецензии ѝ забележуваат од алфа до омега на современата поезија, која понекогаш својот радосен извик го заменува со воздишка на лична тага? − Некогаш се удираше по паролаштво, недоживеан патос, сурова декларативност, сега по индивидуализам и песимизам.

Повод за дискусија даде најмногу збирката Стихови за маката и радоста на која некои новопечени или недопечени рецензенти се устремија, одречувајќи ја скоро сосем, претварајќи ја својата рецензија, ако таа била тоа, во политички акт од „идеолошката“ картотека, бессилна и сосем бессилна и неделикатна, и анахронична, и невешта, и досадна, и никогаш сигурна да ја сфати својата задача и да го исполни својот долг со еден одреден метод, со едно знаење, со една конкретна естетска анализа, да открие во еден циклус, без обѕир што е тој на интимна тема, она што е добро, искрено, доживеано, поетско и она, другоно, што не е вредно, да го носи името поезија.

За жал, со придавките почна многу да се манипулира: таква и таква поезија: паролашка, лична, декларативна, борбена, љубовна, шлагерска, асоцијална. Но многу се заборава на именката. Она што е поезија е поезија без обѕир каква е − содржи ли тоа парола и повик на борба или е само тивок љубовен сон и мечта за нешто изгубено или недоживеано. Парола постои кај колосално изразити поети − Његош, Мајаковски, Блок, Ботев, Змај, Багрицки и обратно, интимна тематика, кај Бодлер, Хајне, По и пак − кај Мајаковски, Блок, Ботев, Змај, Багрицки. Она што чини, чини и во првиот и во вториот случај, она што не чини не чини никако.

Но кај нас, најмногу кај нас, постои за сѐ шублерска крута мерка, норма, рецептологија¹. Вака и вака − и никако поинаку. Гони рецензијата, онаа за која е збор, она што си го знае, а уште повеќе она што не го знае, вообразувајќи дека е токму таа совест на нашата стварност и ништо помалку. И тој топ од излог со детски играчки сее оган на сите страни.

Интимно, да го употребам тој збор без четворостих, верувам сите ние, чекаме на рецензија и сакаме да ја дочекаме онаква каква не е: озбилна, анализаторска, донекаде, спрема силите без претензии политички да суди, рецензија која не ќе загрижува со својата безгрижност. Ги следиме рецензистите и теоретичарите − со надеж, можеби, ќе дочекаме таква рецензија која ако не заслужи ода бар ќе заслужи интимно топла песна, онаква каква се пее за пролетта, и − за иднината. И не ќе биде пародирана и памфлетирана („Богатството на Сиера Мадре“ − пародија духовита од В. М[алевски]; памфлетирана − памфлет постер „Место одговор“ од А. Ш.).

Комична е по малку таа ситуација: да војуваш со такви рецензии, да им придаваш важност, да употребуваш дузина минофрлачи (дискутанти) а целта да биде − мува! Но не треба да се заборави дека рецензијата пред да дојде на општествен суд допринесува за формирање на тој општествен суд за други, иако тоа не мора да биде секогаш и сегде и да се однесува на секоја рецензија. Се работи ли понекогаш за слободоумност или слабоумност кога, на пример некој теоретичар ќе го открие новото во нашата поезија во јамбот (секогаш на македонски вештачки изграден) кој е создаден многу пати во афектна состојба по цена на литературниот јазик. И зар навистина е тоа новото само во нашата поезија и ништо друго? Или е новото во тоа што „борбата на мнение“ се слизнала од шините на принципот и уште слепо засилена јури кон фиктивна цел, влечејќи ги во бездна сите оние вагони − написи, записи и преписи.

И пак за младите и старите, а повеќе за првите

„Но сум против тоа што денеска се случува со Млада литература. Во текот на три години мислам дека се излезени 5-6 броја. Тие имаат изменето три редакции. Карактеристично е тоа што промените доаѓаат не од некоја потреба да се зацврсти колективот но има нешто што личи на борба за позиции, борба за власт.“ − J. Бошковски

Веројатно ниеден проблем на литературното поле не се дискутира така форсирано во другите републики како кај нас. Уште постои тезата стари и анатитезата млади. До толкава мера како да се работи за фудбал: стасуваат нови сили, тимот ќе се освежи, опстанокот во лига не е во прашање. Литературата не е фудбал. Таа бара и опитност и младост. Постојат помлади луѓе во литературата − од нив некои се талентирани, а некои не се, иако другите тоа не го увидуваат, а уште помалку го признаваат. И меѓу нив постојат добри и лоши како и меѓу „старите“. Млади и стари или добри и лоши? Прашањето ќе стане јасно, одговорот лесно ќе се оформи ако ќе се најде одговор на ова прашање: каде ќе се накалеми оној старец од внатрешноста кој пишува − драми, романи, сценарија − а нигде не публикува или не му публикуваат и сосем е непознат?

Постои списание за нив, тие што почнуваат да пишуваат, избија од флах-маишина, декларира, пее, раскажува и понекогаш негира. Нужно списание за „оние што доаѓаат“, но тие што доаѓааг или што се дојдени се сѐ исти; се вртат во магиски круг, како соработници, иако редакциите се менат ако не со секој број, тогаш барем со секој втор; секоја од нив декларирајќи и своја линија. Но тие самите малку се занимаат со свои проблеми, понекогаш по некој од нив барајќи брза афирмација, преку негацијата. Можебни тоа е и резултат на она „нешто што личи на борба за позиција, борба за власт“.

Што е Млада литература или поарно што би требало да биде, освен тоа што е второ литературно списание на Републиката? Апсолутно − прва помош за оние кои ветуваат, кои се талентирани, а немаат можност и за трета литературна трибуна, или чeтврта ако се земе во обѕир и неделникот Разгледи. И како што Современост со право ги отвора своите страници за некои понови имиња кај нас (Дракул, М. Јовановски, Мартиновски, Пендовски, Солев − споменати по азбучен ред) така ќе е успех и на Млада литература, кога ќе може да открива повеќе нови имиња. Тоa ќe е вистински успех а не демагогија.

За ждановизмот − не како за систем

„Една констатација дека малу или никако не се пее на социјална тема не е ждановизам.“− В. Малески

„Без обѕир што не постоеле во државниот или партискиот центар, тие (ждановистички елементи) се јавувале кај многу самозванци-поединци, што и да биле тие, кај оние мали зоговиќевци, кои преку написи, рецепти, догматичарски формули ја сведувале литературата на најтесен план…“ − С. Јаневски

Оваа тема потекна во дискусијата сосем по повод на некои „теоретски“ тези и рецензии. Може да се констатира дека малку се пее на социјална тема и не мора тоа да е ждановизам. Но ждановизмот, немајќи кај нас место да се претвори во систем, стана погрден збор за крутото разбирање на уметноста. Во СССР ждановизмот е израз на една партија, која е во рацете на бирократскиот апарат, и тој е во апсолутна возможност грубо да се меша во уметноста, преку разни жданови, од горе до долу. Во Франција сателитската партија на Торез не е на власт, но сепак таа преку своите органи се меша во уметноста. (Драстичниот случај со Пикасо и неговиот портрет на Сталина.) Кај нас не е ни првиот ни вториот случај. Кај нас постојат „теоретичари“ кои осудуваат сè она што, по нив, „не е идејно“ − механички, без страст, тапо прелистувајќи ги страниците на литературата или гледајќи ги сликите на уметниците. Тие чувари на идејноста, мудруваат, советуваат, заклучуваат. И што помалку нивниот збор претставува и мудрост, и совет, и заклучок, тие сѐ повеќе продолжуваат да бидат последен збор по сѐ, злоупотребувајќи ја сѐ повеќе и неодговорноста на уредниците. Неодговорноста и досадното навивање за догмата, тоа е ждановизмот наш, минијатурен, и досаден, и тривијален. Може да се бара да се пее на социјална тема, само што е социјална тема? Количките, крамповите и заводите или човекот кој и во наши услови може да доживува нешто свое, лично, сеедно − радосно или тажно. Таа душевна состојба на човекот, каква и да е, никнува кај нас и таа и има место во литературата и не мора да е шлагер иако е тешко да се одрече дека во нашата поезија, и во списанијата и во листовите, можат да се најдат шлагери. Не затоа што се на лична тема, туку затоа што се недоживеани, лажни, тривијални книшки и тие како такви и треба да се осудуваат и − да им се затворат страниците со − „ретур-неуметност“.

Ако расне нешто ново кај нас, чудно би било тоа ново² веднаш да се осуди, да се задуши уште во пупка. Да почекаме − пупката прво да се развие во цвет, да бидеме трпеливи и да имаме некоја почит кон творештвото. Но некој од нас, или не од нас, тоа не може − постои евангелие, а по него сѐ се мери − од Кохан до Тимофеев, од Шилер до Павлов. И тоа предизвикува оправдан револт и барање − доста догми, доста политикантски карактеристики, повеќе естетска анализа, повеќе разбирање за уметноста. И не само негација за вештачко афирмирање на малолетниците во литературата… И не само досадна цитатоманија − Белински, Балзак, Стендал, Енгелс…

Во еден дел од дискусијата беше збор за печатењето на домашната литература, за тешкотиите околу тоа печатење и за неискористени дотации што требаше да им се доделат на книговоиздателствата. На ова прашање нарочно се задржаа Б. Конески, Г. Ивановски и А. Шопов.
_______________________

¹ Ако го споредиме нашиот дневен печат (ако се сетиме само за сѐ − филм, театар, литература, сликарство) со печатот на Белград и Загреб ќе се увериме во тоа.

² Новото би требало да биде таа „интимна“ − овде спомената по силата на употреба и злоупотреба на зборот; и тоа „ново“ колку и да е ново за нас, не значи дека е ново во литературата; и тоа „ново“ стои детски збунето пред механичките атаки како што би се засилило со детска затрчаност од апсолутните пофалби и тотално одбранаштво; и да ги осудиме шлагерите во тоа „ново“, кога веќе си играме судии, кога веќе сите теоретизираме; и да ја отфрлиме лагата во поезијата, ако веќе таа постои, но да се обидеме да бидеме пообјективни, посигурни и помалку лични; во тој дух беа, вака парафразирани, барањата на дискутантите.
____________________
* Текстот е објавен во Современост, 1953, год. III, бр. 5, стр. 53-57, со потпис „-ски”. Според Владо Малески („Белешки на разни теми“, Разгледи, бр.  20, 1953 год.), автор на овој текст е Славко Јаневски. Од Веле Смилевски дознаваме дека овој текст претставува невообичаен преглед на дискусијата од Седмото собрание на Друштвото на писателите на Македонија. Дискусијата на Шопов на тоа собрание е објавено  под наслов „Некои ‘критичари’ место естетски анализи на делото даваат политички карактеристики на авторот”, во Разгледи, бр. 13, од 1953,  стр. 50.