Врвот на болот*

Ристо Лазаров

Везилка2011 покренува ново едиција, Врвови, и воопшто не е случајно што нејзина првообјава е токму стихозбирката Гледач во пепелта од Ацо Шопов. На оваа книга бездруго ѝ припаѓа почетно место на самиот врв на современиот македонски творечки планински венец, како шро нејзиниот автор е еден од гордите челници на нашите остварени творци.

Ацо Шопов прв ја откри во нашата поезија и таа тушина стана култна, траен знак на распознавање. Колку што одминува времето, денес во општата фејсбуковска и твитерска дрдорливост, таа, тишината, ни го открива сето свое значење, ни открива всушност дека не се наоѓа подобар и поумешен говор од говорот на тишината. Мислата како повеќе да одекнува ако не се каже, ако се одмолчи. Онаа мисла која кај Ацо Шопов никнуваше од бескрајните длабочини на празниот лист хартија.

Ако моќта ѝ припаѓа на тишината, што тогаш со зборовите, зошто служат зборовите? Па, зборовите служат да се пишуваат песни. Зад нив, секако, не стои само тишината, ама ние, од пуста мрза, често и не знаеме што стои зад тишината и зад зборовите. А ретко, ептен ретко запнуваме да ја откриеме јатката на зборот и што има во неа. Како да ни се оддалечуваат соѕвездијата од метафори.

Од зборовите се создаваат стихови, а од стиховите песни, сите песни на овој свет. Но, само кај вистинските и големите поети, каков што несомнено е Ацо Шопов, некои стихови звучат како цела песна. Еве само неколку примери од Гледач во пепелта: птицо претворена во ѕвезда, кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна; мојата црнина твохја прегрнина, / твојата темнина моја подземнина. / Земјо олелијо, земјо пустелио; времето невреме вистинско е време; изгасни песно во огнот што го запали сама; светлина капе врз нас од ѕвезда што одамна згасна. И така натаму, и така натаму. Набројувањето би било долго.

Од неговата рана младост, скоевска и партизанска, до 20 април 1982-та, поминаа многу историски татнежи и светкавици, се отвораа и многу темнини низ кои требаше да се врви. Ацо Шопов настојчиво си ја следеше ѕвездата што ја беше запаметил уште од качувањето кон врвот (на болот?)** на роднокрајниот Исар и со која си замина во вечноста. И тагата и убавината се слеваа во таа ѕвезда на Шопов. Sвезда опашица, со оган небото што го пара. Sвезда, која, блесната во песните на Ацо Шопов, ја споделуваше трагиката на југот. Тој знаеше дека таа е во сонцето, како штп знаеше дека сонцето може да биде и црно. Преточена во песна, таа станува таинствен облик на времето. 

И тогаш, пред речиси половина век, и денес, повеќето песни од стихозбирката Гледач во пепелта личат како предел на осаменик кој повикува посетители. Повикот, инаку, е упатен од непотрошлив собеседник вкоренет во спомените на сите кои го познаваа – непресушен извор на добродушност и отменост. Собеседник кој сè што имаше носеше во себе, како што се носи роза во реверите на песната.

Ацо Шопов прв објави стихозбирка во слободна Македонија, онаа Македонија за која веруваше дека е судбина на светот, а светот судбина на Македонија и денеска таа македонска слободарска поетска прворожба не може да се есапи само за прост и празнозначен факт. Попрво ќе да беше тоа неговиот прв чекор кон иднината и небиднината, кон црното сонце. Среде небиднина знаеше да ни каже што ќе ни се случи вчера и што ни се случило утре. Среде небиднина, потем, тивко, тивко излегуваше од сонот, за в мугри да го препознае и црното сонце. И сè така, верувајќи дека сите реки и мориња имаат и друг брег. Сè така, знаејќи, и од сопствениот опит, дека поезијата – како и секоја вистинска уметност – е напор, тежок напор. Некој беше рекол дека пишувањето поезија е, всушност, увежбување на смртта.

Со заминувњето, пролетта 1982-та, Ацо Шопов стана првиот класик на повоената македонска литература. До крај ѝ остана верен на поезијата, нескршливо верувајќи дека токму поезијата ги достигнува највисоките висови на јазикот.

И тишината, и небиднината, и црното сонце, сè што создаде Ацо Шопов, се неодминливи знаци на една поетска великост, знаци на зрелост кои беспоговорно сведочат дека сè што ќе биде сработено и стокмено како што треба, се претвора во спомен, станува трајна вредност. Наспроти сите морници на новите времиња во кои не се баш и реткост обидитите значајни писатели да се тутнат во заборавот и тоа не со критика и превреднување, ами со неподнослива леснотија на едно ирационално самоволие.

На следбениците Ацо Шопов им остави непотрошливи бразди. Неговиот збор остана – непрегор, немушт патоказ кон врвот од болот. Мост кон светот, кон оној свет со којшто треба да се биде „на ти” при споделувањето и на убавината, и на тагата.

Нема кој да не знае дека Ацо Шопов беше душа човек. Сушта потврда на тоа дека поезијата е еден вид душа искажана со јазикот.

____________________

* Поговор на Гледач во пепелта во издание на Везилка11, во 2013 год. Ристо Лазаров изговори верзија на овој текст, на 3 мај 2012, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), по повод одбележувањето на триесетгодишнината од смртта на  Ацо Шопов. Повеќе податоци за настанот ќе најдете тука. Проширена верзија на тектот е објавена во Нова Македонија, Год.73, бр. 24249, 24 јануари 2018, стр. 16 под наслов „Врвот на болот : за Ацо Шопов, за нашите класици , а и за нашата заборавност“.

** Алузија на песната „Тажачка од онаа страна на животот