Ацо Шопов – портрет*

Миодраг Друговац

Поетот мора да живее со своето време, вкопан во него, но припаѓајќи му и на времето пред граничната линија на неговиот, субјективен момент на егзистенцијата. Дури тогаш, ако сме го сфатиле добро Душан Матиќ, може да се обистини онаа експлозија полна со човечност во контекстот на лирското доживување, во стихот. Ацо Шопов како поет никогаш не се оглушил од ова исконско правило, имено во своите стихови да ги еманира импулсите на битот на историјата во траење, што пред сѐ значи – на човекот во траење. Не треба посебно да се нагласува дека, кај Шопов, тој човек во траење е еден над сѐ субјективен човек, но при тоа треба да се има на ум дека тој негов човек, иако превосходно субјективен и лирски, воопшто не е лишен од енергија и дијалектика на историското во себе си, во анатомијата на својата субјективна драма.

Ацо Шопов е роден на 20 декември 1923 година во Штип. Учествуваше во уредувањето на сите позначајни македонски книжевни списанија – Иднина, Нов ден и Современост, како и на сатиричниот весник Остен. Повеќе години беше уредник, главен уредник и директор на издавачката куќа „Македонска книга“ во Скопје, а сега е амбасадор на СФРЈ во Сенегал. Добитник е на повеќе книжевни награди. Почнувајќи од 1944 гoдина, кога е објавена неговата збирка Песни, Шопов е во постојан творечки подем. Изразит лирски талент, тој покрај Песни ги објави и следните книги: Пруга на младоста (заедно со Славко Јаневски), На Грамос, Со наши раце, Стихови за маката и радоста, Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време, Небиднина, Песни, Јус-универзум, Гледач во пепелта, како и изборите Paѓање на зборот, Златен круг на времето и Избор. Избори од неговото творештво се објавени и на српско-хрватски, словенечки, унгарски и руски јазик, а одделни песни и циклуси песни на сите европски и воневропски јазици. Шопов е познат и како преведувач; го преведуваше Јован Јовановиќ-Змај, Отон Жупанчич, Густав Крклец, Григор Витез, Крилов, Шекспир, Ростан и други. Учесник е во Народноослободителната војна од 1941 година и уште во тоа време почнува поконтинуирано да се занимава со поезија и да објавува во партизанските публикации. Член е на македонската академија на науките и уметностите.

Во лириката на Ацо Шопов се наметнува, пред сѐ, атрибутот на градителството, под кој ја подразбираме способноста на делото да биде фактор на историјата. Првиот елемент во прилог на оваа теза го наоѓаме уште во почетничките стихови на песната „Анови“, напишана спроти Втората светска војна. Тоа е елемент, но не е аргумент. Тоа е повеќе елемент на поетската генеалогија на Шопов. еден генеалошки ориентир, сигурно важен за книжевно-историски рекапитулари, но воопшто не решавачки во детерминацијата на вредносниот ентитет, внатре, во спомнатиот атрибут градителство. Такви генеалошки меѓници ќе има книжевната биографија на Ацо Шопов и сред виорите на Татковинската војна и Револуцијата (на пр. песните „Љубов“, „Партизанска пролет“ и уште некои, кои ќе влезат во неговата прва збирка Песни, објавена во Белград на македонски јазик). Меѓутоа, со оваа збирка поетот отвора процес на своја поетска еволуција. Со оглед на македонската книжевна ситуација од тоа време и сѐ она што му претходеше (раскинати континуитети во вертикалата на развојот на автентична македонска книжевност, потоа комплексната и толку чувствителна проблематика на книжевниот јазик и сл.), веќе оваа збирка ја карактеризира атрибутот на градителство: тоа беше првиот чин на една поетска драма, а истовремено и првиот чин на современата книжевна драма кај Македонците.

Истиот тој прв чин на една ретко изворна поетска драма, на која ќе ѝ бидат посветени сите овие немирни и работни повоени години, ќе го продолжи својот сон и јаве сѐ таму до 1951 или 1952 година и ќе го отелотвори во својата игра, својата мисија својот универзум, ентузијазам на масите, колективистичките преокупации, често потхранувани со идејно-политичка и општествена прагма, спрема која во тоа време како и да не можеше да се има нешто покритички однос и поради која не можеше да дојде до израз оној поскриениот, внатрешен поетов свет. Сите четири збирки од оваа, прва творечка фаза на Ацо Шопов – Песни (1944), Пруга на младоста (1946), На Грамос и Со наши раце (1950) – ставени се во служба на Револуцијата, евоцирајќи ги нејзините идеали, патилата на борците и народот, пркосот и возвишената трагичност (на пр. песната „Очи“), или се обидуваат поетски да го објективизираат идеалот на социјалистичката преобразба на нашата земја. Притоа главно се дивинизира тој идеал, како и општествените односи воопшто, како и оној рискиот јунак-градител, како и самото време… Таа поезија ја карактеризира искрен патриотизам и длабок патос на лични осведочувања. Мислам дека тој период во нашата повоена книжевност уште не е сестрано истражен и објективно валоризиран. Посебно во македонската книжевност: во југословенската констелација на школи, доктрини, правци и движења, таа книжевност сепак мора да се зема како извесна differentia specifica – рековме зошто! Македонската поезија, да речеме, не помина ни низ експресионистичката, ни низ надреалистичката фаза, како што е случајот со поезијата на Србите и Хрватите. Во времето на српскиот надреализам и југословенската социјала, Рацин со своите песни, со потпирања на народната поетска имагинација, ги поставуваше првите темели на новиот, континуиран период на македонската уметност на зборот! Првата повоена генерација македонски поети и натаму трпи силно влијание од народната песна. Анахронизам за другите, за македонската поезија тоа беше една неминовност. Поетот, кој по некоја година подоцна ќе ги преведува Шекспир и Корнеј, Ростан и Багрицки, Змај и Тадијановиќ, во тие први години мораше да му плаќа данок на сѐ по малку: на неусовршеноста на јазикот, на влијанието на народната песна, на сопственото неискуство… Не залудно беше наречена таа прва генерација писатели велика: таа мораше да изведе политичка и културна, лингвистичка и книжевна револуција, а истовремено – на повеќе различни страни – да извршува високи општествени и политички должности, често составувајќи ги денот со ноќта и ноќта со денот, градејќи пруги и нови градови, хилроцентрали и задружни домови, толкувајќи ја македонската и општојугословенската револуција од говорницата на меѓународните форуми, а во ретките слободни часови, ете, посветувајќи ги мислите и чувствата на своите литературни бели ноќи.

Ренесансата на критериумите на уметничките вредности настана во други услови, нешто подоцна, под влијанието на новите критериуми внатре во филозофијата на изградбата на социјалистичкото општество. КПЈ даде знак. КПЈ беше и остана предводник на тие нови односи, визионер на изградбата. Тие односи беа заедничко дело на КПЈ и нашата работничка класа. Потоа сите структури на општествената надградба ги зафати пресврт. Поезијата, на пример, почна да се бара себе си во интровертниот свет на поетовата личност, во лавиринтите на потсвеста. Субјективното јас проговори од длабочината на срцето и душата, есенински топло и меко, интимистички-исповедно и меланхолично-резигнантно, растреперено, трогателно… Понекогаш до солзи трогателно! Мајаковски од првиот чин на оваа драма со епилог, се симна од сцената и само инцидентно, со по некој шлагфорт, се огласуваше само за да биде полифонијата на поетските гласови и полизначноста на поетските форми нешто поетички покомплицирана пред внатрешното око на утрешниот истражувач и систематизатор. На сцената сега стапи еден друг Рус, Есенин, со рубашка и немирен перчин коса на челото. „Страшно ми е криво што си поет…“ – одекнуваа неговите стихови натопени со мекото боемство на насетениот пораз, а во тенор го придружуваше еден друг, поиндискретен, србијански разбушавен глас: „Вино, вино, виолина! Во виното е ликот на господ!“ – се во смисла на онаа, често раздразлива, хорска вознесеност со песната и катарзата на личната интима. Тоа беше друг вид, или можеби втор степен на една и иста поетска ексклaмативност, чиј субјективизам без мера, но не и без вкус, испазува кај нас поетика на меки штимунзи, субјективистички и анакреонтски расположенија, понекогаш со искрен а понекогаш со лажен патос, на литературно мотивирано или измислено страдалништво од маргините на човековата и општествената дијалектика. Тоа е оној втор чин, всушност еден исто така градителски чин и во поетскиот опус на Ацо Шопов. Тој испазува многу трајни вредности на оваа поезија. Раскошен талент, Шопов со својата нова поезија се најде на самото чело на тој нов бран, кој откорен ги измени нејзините преокупации и лик, рафинирано топло и истенчено интимно модулирајќи ги реалитетите на една дотогаш задушувана реалност на внатрешното JAC. Во песната „Љубов“, од првата фаза, Шопов, на пример, пееше за пламенот народен што пламти и пушките што грмат и доловите што ечат од рафалите и топовските канонади, за борците за зори јасни кои, од името на утрешниот живот во слобода, во смрт без жалба минат, па сето тоа во лак на една трогателна екстатичност треба да ја засегне и девојката-партизанка, кон која поетот се обраќа  како борец, другар од ровот, љубовник во соништата: „Огнени очи не ќе ти свeнaт – илјада срца со жар ќе палиш, – илјади борци в борба ќе кренат“. Патриотизмот е вткаен и во песните на Шопов испеани на таканаречените младински или градителски мотиви од истата фаза, иако на тие песни им недостига токму оној квалитет од кој сите тие, повеќе или помалку директно произлегуваа: непосредност на доживувањето! Една од нив, на пример, „Задружна песна“, почнува со стиховите: „Расни ми, расни, мило мое чедо, – задруга в село радост ти плете“ итн. Но веќе книгата Стихови за маката и радоста (1952), а особено следниве две – Слеј се со тишината (1955) и Ветрот носи убаво време (1957), означуваат почеток а одделни песни од тој циклус и втемелување на една радикално нова поетска програма, лирски повдахновена, изразно попрефинета и поинтелектуална што се однесува за поетовиот однос спрема човековата драма и спрема својата сопствена драма на живеењето и траењето.

Тоа е веќе поезија која супериорно оперира со една во сè модерна лирска експресија, користејќи го симболот и метафората како моторни средства на својот јазик. Тоа се оние средства кои ја влечат напред поетската мисла, со чија помош се поттикнува асоцијативниот сплет на значења со мошне широк радиус на распространување. Кога се појавија, Стихови за маката и радоста беа пречекани безмалку како соблазнување. Уривајќи ги создадените поетски навики, заблуди, прагматистичко-дидактички основи на една анахронична свест за мисијата на поезијата, радикално кинејќи со крамповите и задружните домови, како и со извесниот народно-поетски инструментариум, оваа поезија истовремено беше израз и полн погодок на онаа книжевна и општествена пресвртница, која аспектуално широко почна да се докажува особено по судирот и раскинот со Информбирото во 1948 година. Едно од основните филозофски и етички тежишта на таа пресвртница, не само декларативно, е манифестирано со комплекс прашања кои ги подразбира таканаречената слобода на творештвото, значи – некаде блага, а некаде нагла деканонизација на литературните концепти, некаде блага а некаде нагла свртеност кон поетовата интима и со логиката на тој ред на нештата – ослободување на дотогаш запретаната енергија на внатрешниот поетов микрокосмос. Се разбира, многу песни на Ацо Шопов од оваа фаза денес го имаат, како што ќе го имаат и утре токму тоа, пресвртничко значење, а тоа значи дека и нивната книжевно-историска смисла е несомнена. Многу песни, пак, се со поминливо значење, иако во нив онаа интимистичката жица, исто така, мошне трогателно затрепери. Во песната „Не љуби ме“ (од збирката Стихови за маката и радоста), тој е поднапиен една вечер рана и в мисли тоне над ноќниот стол, па на својата другарка и порачува дека во срцето гори само җал – за нашата изгубена среќа, – а за него, за синот наш мал, па го засегнува човекот таа искрена болка, таа тага неизмерна, таа животна несреќа или судбина, како сакате, дури и наспроти тоа што многу од овие стихови, од стиховите испеани на мотивите на љубовта, жената, синот, винските расположенија и сл., се натопени со сентиментализам кој понекаде се граничи со приватност!

Но, процесот е отворен и тоа е таа пресвртничка естетска и книжевно-историска инвестиција од егзистенцијално значење за целиот натамошен развој на македонската поезија. Нема да кажеме дека тој развој беше условен само од таа и таквата поезија на Ацо Шопов. Самиот тој развој имаше патишта и патчиња, стрмнини и свиjоци од кои мнозина летнаа во пропаста на заборавот или во прегратките на јаловиот, вербалистички експеримент. Некои не можеа да се прилагодат; можеби и затоа што талентот им беше тенок и поетската жица напукната под гудалото на Новото. Младинската и градителската естрада, макрокосмичка, хорска и паролашка во својот поетски фундамент, едни доведе на минорните патчиња на реминисценции на бившото, со стари средства; поталентираните имаа право на подолта патека и свој пат на посериозни искушенија. Шопов е еден од тие, меѓу првите, кој во проблесоците на тишината, мекоста на душата, езерската шир и потреперувањето на лисјата, здогледа еден од повеќето можни свои поетски хоризонти. Песната „Во тишина“ (од збирката Слеј се со тишината), ја насетува токму таа пајажинеста мекост на вибрациите на Непознатото и донекаде програмски открива нова страница од неговата и поезијата на македонски јазик:

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

Таа програма, меѓутоа, имаше и своја опачина. Лутејќи се и повеќе отколку што е потребно, своевремено на неа го сврти вниманието српскиот критичар Зоран Мишиќ, на кого овој свет на меки и нежни штимунзи му се стори како „свет за себе, а тоа значи, свет според себе“, зашто поетите почнаа да пишуваат стихови „заради себе, односно заради стиховите и убавината, која, како што е познато, е вечна и единствено прибежиште среде овие мешаници, судири и ветришта кои дуваат од сите четири страни на светот и ја нарушуваат поетовата мирна, попладневна и повоена мирновременска починка“, иронично иако со право констатирајќи дека таа поезија, „наследничка на малограѓанската безидејност и идеализам, изгради една своја ситна изолационистичка теориичка, која отприлика се сведува на оваа мисла: – сето тоа за нас не се однесува ништо“¹. Се разбира, Мишиќ ја имаше предвид тогашната состојба во српската поезија, иако неговите забележувања се однесуваат не малку и за хрватската, словенечката и македонската поетска практика. Се однесуваат, значи, и за македонската поетска практика, но само делумно, а делумно поради тоа што она несовременото како штимунг и писмо во српската поезија на таа интимистичка ориентација, е ново и современо во македонската поезија. Нема да повторуваме зошто! Пеењето на „мирен, разумен, мирновременски, разбирлив, испробан, вечен, пријатен, мек и нежен начин за ракитите и врбите, за зелен-водите, за жабите од блиската локва и небото сино како диви смокви, и како ленот го свиткува лесно ветре, и како сон лесен гранката ја ниша“², само е дел од една вистина и за српската поезија, но како теза и мисла воопшто неприфатлива од становиштето на развојот на поетските форми, изрази итн., кај Македонците. Ако дури и станале знамиња на таканаречениот нов реализам, според зборовите на З. Мишиќ, „поточињата, облаците, галебите и другите реквизити на лиричарите со мек и нежен штимунг“³, со оглед на македонската литературна ситуација, не можат овде да се оквалификуваат како ситен изолационизам и малограѓански конзерватизам. Напротив, штимунгот за кој станува збор и реквизитите што ги споменува Мишиќ, за македонската поезија претставуваа вистинска книжевна пресвртница, по своите мотивски и изразни интенции несомнено револуционерна, аксиолошка повисока етапа во нејзиниот скоковит развој.

Дури и внатре во интимистичкиот круг на песните на Ацо Шопов, збирката Ветрот носи убаво време означи почеток на една нова фаза, лирски порефлексивна од претходната. За таа поезија Славко Јаневски на внатрешната страница од кориците на оваа збирка даде еден свој необично збиен и инструктивен суд: „Ветрот носи убаво време, најновата збирка поезија на Ацо Шопов, не распнувајќи се да биде емоционална, таа е тоа во секој стих; не претендирајќи да биде филозофија, таа тоа со многу филозофски зрнца во себе, филозофија која носи меланхоличен потсмев на еден поет („Чудак“, „Здравица“, „Добра нoќ“) – еден необичен, по малку темен хумор, сосем непознат во нашата поезија.“ Песните од оваа збирка во извесна смисла се мост меѓу поранешниот и поновиот поетски ракопис на Ацо Шопов, на пример, меѓу песните „Очи“ и „Кон галебот што кружи над мојата глава“, од првата и втората фаза на неговото творештво, и искуствата на една Небиднина (1963), која веќе наголемо ја зачнува и навестува песната „Сосем налик на сите брегови“ од збирката Ветрот носи убаво време⁴. Значи, дури со неколку песни од оваа збирка се насетува поцврстата естетска врска на претходните два света со третиот, неоспорно најквалитетен, врска која во благ лак, како златна нишка, се спушта во разгранатиот, мисловно подлабок, интелектуално поартикулисан и изразно попрефинет свет од песните на Небиднина! Нејзината метафоричност, нејзината мелодика, контрапункт на конкретното и недофатливото, предметното и асоцијативното итн., се само некои знаци за распознавање во структурата на тој брег кој е сосем налик на сите брегови, на тој камен на брегот

на чии раменици од врело сеќавање
времето се зглобува како арабеска,

за и секој обид на заминување од тој брег да се стори залуден, зашто измама е заминувањето, лага е бегството од други и од себе, самозалажување е одбегнувањето на пријатниот лик на неименуваната, зашто таа фактички е многуименуваната Жена, па сознанието и признанието:

Светлината на каменот кротко во преграб не зема, Интимата, но ѕвонот е нешто поостар; со немир населените роишта со елементарна сила на изразот, а сепак во свеста на песната се наѕираат медитативната рефлексивност и интелектуалност со по релевантни поетички значења; катренот и, воопшто, поцврстата метричка структура во поранешните песни, сега му го отстапија местото на слободниот стих и ритмика што ја подразбира неговата версификациона законитост.

Животот не се грижи за никого; за поетите, можеби, најмалку. Но на поразот да му се спротивстави стоицизмот, да се спротивстави без поза во ставот и излишна елоквентност во дикцијата, ѓаволски е мачно во ова наше време кога толку многу има животни свијоци и кога од поетот се бара на тие смртоносни свијоци да покаже не само решителност, туку и добродетели на разумот, не само добродетели на разумот туку и емотивен динамизам во плимата на внатрешниот свет, чија автентичност мора да ја докажува одден наден со збор во чии вртоглави бездни ќе се чувствува животворното кружење на крвотекот. Не знам што значи, не би можел ни на себе си да си го објаснам прецизно критичкиот палијатив „поет со романтичарска инспирација“, кој како сенка, инаку, го следи Ацо Шопов сѐ до денес. Дури и по Небиднина, таа „вечна колизија меѓу двата пола на останувањето, меѓу два света на живеењето, поврзани сепак со цврсти нишки на меѓусебната каузалност“⁵, траат недоразбирањата околу тој, според мене, вештачки исфорсиран термин, со кој поезијата на Ацо Шопов нема теориски подразбирлива сума на допирни точки за со него да се етикетира везден. Проблеcоците на „романтичарската инспирација“ се можни тука и само толку можни за да се докаже со нив токму сета добродетел на оној нерв, на оној порив, со чии поттикнувачки импулси се овозможува самиот поетски чин и се прехранува, ако можеме да кажеме така, ткивото на емоционално-мисловните слоеви на песната. Дури ни таканаречените лабораториски поети, поголеми алхемичари од Шопов, не го кријат и не го омаловажуваат навистина незаменливиот учинок на тие поттикнувања.

Мотивското тежиште е на животните антиномии, чии симболи Шопов, со една над сѐ лирско-медитативна и филозофско-медитативна процедура, ги преобразува во нови, раскошно асоцијативни слики на реалните животни и внатрешни пејзажи. Еден човек, или поет, сеедно, е на нестварни желби стварен светилник и неговото тело е како распнат мост меѓу два брега, тие два судбински присутни и толку реални брегови на останувањето и заминувањето, на домашното огниште и печалбата, на очајот на оставените и мирот на погубените, брегови на оној кој е храм голем од чекање, кој се лекува со тишина и кој истовремено длабоко во себе си го носи величествениот пораз и некое ново раѓање… Без глазура, без цимулкање, без болешлив сентиментализам, се поднесува еден повеќеимен товар и мнoгуликата реалност на запознаени и прочувствувани животни игри, од кои љубовната игра е една од најзагадочните и поетски најинспиративните. Во песната „Петта молитва на моето тело“ наидуваме и на овие стихови:

Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима
цел живот патуваме од еден до друг,
и секој го крие она што го има.

Како што може да се забележи, нити лиризмот се загубил сосем, нити пак филозофската рефлексија ја истакнала толку високо својата катарка што да сме заокупирани исклучително со неа во доживувањето на овие стихови. Таа медитација има своја мера, свој сопствен печат, печат на сопственост, свое лирско јас. Примирена а очигледна, достоинствено актуелна а ненаметлива е таа замисленост пред тоа тело кое личи на една суводолица, пред она што е и пред она што ќе биде, додека се патува долго и цели вечности од една до друга небиднина, а најчесто и да не се знае каде се нејзините извори, нејзините стоглави исходишта на опсесивните немири, зашто понекогаш одеднаш надојдат како поплава и опустошат, а понекогаш се има впечаток дека тоа е всушност цела верига од секојдневното тивко умирање, она тивко гасење на човековата личност, зад чиј чекор стануваат пожари, урнатини, пепелишта… Се навестува едно лирски речовито (само) отуѓување; се палат светликави јазичиња на еротски состојби, премногу богати со сензуалност; крева глас митот за времето, митот за жената, митот за раѓањето и умирањето, митот за (не)постоењето. Сето тоа е развителено, измешано, проникнато едно со друго. Акцентирани се следните места по една логички замислива, феноменолошка табличка на вредности: испружено тело, мрежа (лаги, измами, лицемерства, слатки бладања), загубени надежи, земја како око во бездната на вселената. Но, макар колку да проникнуваме во асоцијативните соѕвездија, на тие симболи, очигледната полисмисленост и натаму нѐ принудува да изнаоѓаме нови клучови за нивното поцелосно дешифрирање. Ту сме во ситуација да поверуваме дека станува збор за жената, ту за земјата, ту се идентификуваат тие две нешта, а ту над целата таа симболика на копнеж и задавеност се надвиснува темен облак на едно време на кое homo teshnicus се обидел да ги искрши небесните светилници, да предизвика мрак но и отпор на мракот, поради што поетот е уверен дека светло Утре во длабини го крие. Таа несигурност, таа непостојаност на првиот впечаток, тој зов на стихот секогаш одново да го имаш во своите мисли и со него да почнуваш нови странствувања преку одгатнувања на секоја асоцијација – тоа е накратко, една од првокласните вредности на повеќето песни во антологиската збирка Небиднина. Тело и крв, љубов и струи на непостоење кои отсекаде надоаѓаат, кои го парчосуваат телото и љубовта ја претвораат во безнадежност, прав, круг: „зар вреди она што мислиш дека вреди?“ („Бела тага на изворот“ во збирката Ветрот носи убаво време), „о ти што постоиш зашто не постоиш, –  земјата јачи под камени плочници“ („Раѓање на зборот, Небиднина).

Се разбира, тоа се само некои аспекти на оваа, понова поезија на Ацо Шопов, кои се оцртуваат во психологијата на неговиот стих, повеќе или помалку, како изрази на внатрешното претопување на конфликтите на една сложена човечка драма. Во овие песни нема ни трага од онаа поранешната исповедност, каква ќе сретнеме и во изборот Златен круг на времето (1969), иако ретко, главно во стиховите од постар датум. Во една своја белешка по повод песната „Грозомор“, Шопов пишува: „Поетот е во песната како во студена пештера, како во непрегледна шума, каде што, наместо дрвја лежат огромни, расфрлани и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди. – Често тој успева во тоа, а можеби уште почесто стои во неа, во таа шума, збунет и беспомошен, попусто повикувајќи да му дојдат на помош, во очајувањето, поранешните поетски искуства. Попусто, зашто секоја песна е едно посебно откритие, едно посебно поетско сознание што не може да се повтори ако е веќе еднаш доловено. И така од песна во песна. Штотуку ќе се затвори еден круг, треба да се отвори нов. И секогаш едно исто проклето прашање: како?“⁶

Навистина, како? Дали (и) со сознанието, со ставот, дека поет може да биде само оној кој ги прима импулсите на времето но и создава за други, кој самиот е, со целото свое суштество, еден распламтен патоказен импулс на времето? Индикативни се и во таа смисла многу песни на Шопов објавени во изборите Раѓање на зборот (1966) и Златен круг на времето (на пр. „Грозомор“, „Долго доаѓање на огнот“) и збирката Небиднина (на пр. „Раѓање на зборот“, „Има долу една крв“, „Песната и годините“ и други): имено, во нив е откриен еден нов процес на оваа поетика, процес на деатомизирање на зборот, откривање на ненасетени и уште непознати простори на јазикот. Зашто, некогаш поетите пееја песна; денес песната го пее поетот. Во таа нејзина песна, во песната на песната, поетот ја препознава својата судбина а зборот својот корен. Всушност, поетот и зборот се бараат еден друг, а тоа е веќе процес колку долг и полн со искушенија, толку во суштината револуционерен. Кога поетот и зборот најпосле ќе се сретнат, тие стануваат едно или сосем се разидуваат, засекогаш. Зашто, мудроста е во тоа да се бара и да се најде вистинскиот збор; и обратно: да се сретне вистинскиот поет. То е пат трновит; тоа е процес полн со магла на таинство. Тука компасите на поетиките и радарите на знаењето и кога помагаат, никогаш не помагаат доволно. Зашто хаосот на Непознатото единствено го облагородува сложената, суптилна чувствителност. Душата. Но ни таа не е доволна сама по себе. Песната ја интересира нејзината породилна искра, тој прв услов за настанување во светот на говорот кој некогаш беше хаос. И таа врие во себе додека не ја изврие вистината за своето потекло. Во својот генезис, како и во својот естетски принцип, таа содржи бескраен, недоловлив копнеж за создавање преку пронаоѓање на себе си од честичките не на Аполоновиот сјај, туку на Хефестовиот огин. Таа целата се тетерави од пијанството на некое тајно злато во себе, иако ѝ се познати облиците на прозодијата, иако нејзините пронајдени зборови некако секој момент се заплеткуваат и преплеткуваат и како да истрчуваат една од друга, претопувајќи се и секогаш одново станувајќи оној, како што тоа магистрално запиша Растко Петровиќ, „најтесен отвор на огромната инка“ во кој се плетат нишките на една нова и необична хармонија. Таков е тој „Грозомор“:

Тука се раѓаат сами и гаснат сите нешта.
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта.
Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

Песната: метафора на траењето, на чиј еден пол е минатото, а на другиот пол нејзината денешна хармонизирана, еманципувана реалност. Зашто, таа од хаос стана – облик. Таа од неговата, можеби привидна бесмисла, стана – смисла.

Таква, па и посвоевидна смисла, имаат и сатиричните песни на Ацо Шопов објавени во збирката Јус-универзум (1968). Не мал куриозитет за нашите книжевни прилики, тие песни се пишувани вдахновено, духовито, непретенциозно и со развиена смисла за критички дијалог со таканаречениот дневен податок, со некоја човечка и сталешка девијација, со некој човечки и општествен абнормалитет… Остро, бескомпромисно, етички и поетски рафинирано, Шопов шиба по искривоколченостите на човековиот лик, па и на целата општествена организација во чии структури се намножиле разни јус-догматичари, јус-рекламери, јус-дискутанти, јус-натпреварувачи, јус-новинари, јус-поети, јус-критичари, јус-политичари итн. – како што гласат и насловите на некои од овде објавени песни. Во времето кога сатирата очигледно е дефицитарен жанр, дури наспроти суфицитарноста на темите и мотивите во границите на нејзините интересирања, вистински подвиг е да се префрлиш себе си како истанчен лиричар на овој критички ангажиран колосек, со осила кои го печат духот со етички и хуманистички нонконформизам.

Нонконформизмот на Ацо Шопов не е случајна константа на неговите песни, како ни на неговиот дух, на неговите животни и интелектуални определувања. Нонконформист на јазикот, на поетските форми, тој со збирката Гледач во пепелта (1970), засега последна а можеби и завршна во циклусот што го зачнува Ветрот носи убаво време, ги продолжи трескавичните, небиднински проникнувања во тајните, магијата и големината на Животот и човековото Постоење. Би рекол дека самиот чин на проникнување се остваруваше во контрапункт со Паскаловата филозофска тема: Што е човек во бескрајот?, а го изречуваше имплицитното, инверзно поетово прашање: што е бескрај во човекот? Всушност, овде станува збор за слободна творечка модификација на Паскаловата тема или за нејзината модерна транспозиција. Човекот во бескрајот, лирскиот јунак во просторот, не е негација на бескрајот во човекот, на просторот во лирскиот јунак; и обратно. Но, иако се дополнуваат, вливајќи се една во друга како река во море, овие две теми сепак се разликуваат по многу нешто: со првата се зборува за една макрокосмичка човекова истуираност; со втората се одвртуваат славините на човековиот микросвет.

Кај Шопов една песна престигнува друга, следната; онаа, следната, како да ја образлага претходната. Тој систем на врски, на цврста внатрешна логика и кохеренција, речиси во иста мера е евидентен на четирите основни поетички планови: мотивски и стилски, чувствен и интелектуален. Меѓутоа, самиот систем е остварен до перфекција токму во збирката Гледач во пепелта: во осумнаесет, подолги и пократки, но сите само антологиски песни, Шопов брилјантно го демонстрира своето модерно поетско искуство, поетичка автентичност, својата филозофска замисленост пред корозивното човеково ЈАС. Поранешниот свет, претежно на сетивни немири, овде е заменет со свет на непосредна обземеност со човековата судбина, со тоа што нејзината анатомска снимка се проектира во светлината на виталниот трагизам, оловно тежок но и мудро сконцентриран на откривање на вистината за злогласната човекова отуѓеност. Така бескрајот во човекот е озвучен и избавен со сублимирана лирска и филозофска евокација, за човекот во бескрајот да се најде лице во лице со мудроста на својот опстанок. Со тоа баучот на Пепелта, или баучот на Смртта, дијалектички е релативизиран со хуманистичките акценти на силната естетска сугестивност. Релативизиран, но дали и надминат?

______________
¹Зоран Мишиќ: Реч и време I, Искушење поезије, изд. Нолит, Белград, 1963. За смислата и бесмислата. За лириката на „мекиот и нежниот штимунг“, за еден копнеж и еден занес на сите јазици на светот, стр. 44.
² Исто, стр. 45.
³ Исто.
⁴ Според периодизацијата на Ѓорѓи Старделов, третата творечка фаза на Ацо Шопов почнува со збирката Ветрот носи убаво време (Избор на А. Шопов, 1968, Предговор).
⁵Сретен Перовиќ, во поговорот „Интимни свијет Аце Шопова“, избор Предвечерје (на српскохрватски јазик), Графички завод, Титоград, 1966, стр. 105.
⁶Ацо Шопов: „Песник треба да пробуди речи“, Књижевне новине, Белград, 1 март 1969, бр. 348, стр. 9.

___________
* Teкстот e објавен во Културен живот, 1975, XX, 6, стр. 10-14, и во Современи македонски писатели, Скопје, Наша книга, 1979. Истиот е објавен на англиски во списанието Македонска ревија, во 1975 год.: DRUGOVATS, Miodrag: The Poetry of Atso Shopov. — Macedonian Review, 1975, V, 3, стр. 281-290.