Африкански мотиви*

Слободан Мицковиќ

Книгата песни на Шопов [Песна на црната жена, 1976] е врзана со еден далечен свет, за нас таинствен и непознат, за Африка. Имаме, значи, допир на еден наш изграден и рафиниран поет со средина во која тој е присутник, но сепак дојденец, сепак привременик, Меѓутоа, моќта на вистинската поезија е токму во тоа, непрестајно да го отвора патот меѓу одделните светови, да гради мостови меѓу нив и свои нови светови.

Шопов кон предметот на својата поезија пријде тогаш кога го насети во себе созревањето на процесот на идентификација, кога во него, во тој далечен свет, ги најде и своите автентични поетски побуди. Затоа таа поезија не приоѓа кон својот предмет со намера да дескрибира, да го издвои во него егзотичното и раритетното, туку да ги изнајде оние појави кои ќе бидат поетски релевантни, кои ќе го надоградат предметот со една автентична поетска визија, ќе изградат врз него една поетска идеја. Од оваа книга ние ќе ја доживееме Африка не како од патепис, не како од поетски бележник, туку како едно познато созвучје, како блиска човечка содржина која и тука ја доживуваа генерации и генерации пред нас.

Страотната слика од поемата „Светлината на робовите” станува една средишна представа за минатото на нашиот свет: таа зрачи една општа човечка трагика, едно врвно сублимирање на човечките патила воопшто. Шопов го наоѓа вистинскиот збор за големината на таа трагедија зашто говори за неа воздржано и длабоко, без оној патос кој најпрвин се нуди кога ќе се помисли на една таква тема.

Пред нас, во оваа книга песни, се открива чудото на Африка низ нејзините универзални содржини, низ онаа општочовечка димензија што поетот во неа ја открива и ја афирмира. Кога ќе ги сретнеме во оваа книга баобабот или фланбоајаните, тие егзотични дрвја веднаш ќе ја загубат егзотиката зашто низ песните стануваат симболи на едно автентично човечко живеење. Од нив, од афричкиот предел, од афричката историја и култура, Шопов извлекува свои поетски видувања што се автентични, зашто се на истата емотивно мисловна линија на која се наоѓаат и најдобрите остварувања на Шопов досега, а се, исто така, и автентично интерпретирани, во рамките на една поетска традиција која самата Африка ја негува. Тоа е спој на две поетски насоки кој покажува дека поезијата насекаде, ако е автентична, има еден суштински контакт со се која друга автентична поезија.
_________________
* Препис на машинопис од Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К4 АЕ 137. Датумот и местото на објавување не се познати.