Антологиски избор*

(Ацо Шопов: Златен круг на времето, библиофилско издание „Мисла“, Скопје 1969)

Миодраг Друговац

За овие 25 години (1944−1969), во чија рамка, во чиј − како што би рекол Шопов − златен круг на времето е остварена литературната револуција на македонскиот јазичен медиум, вистината за таа револуција е еднаква на збирот на одделните остварувања што чувствителните инструменти од литературната опсерваторија − литературната историја − точно ги забележува на сите точки на еволутивниот лак, без оглед на тоа што понекаде и понекогаш можеше да се има впечаток дека со тие инструменти не е токму сè во најдобар ред!

Во тој златен круг на времето поетското дело на Ацо Шопов метаморфозираше во сообразност со дијалектиката на животот и уметноста кај нас и во светот, разгранувајќи се постојано и секогаш одново потврдувајќи го правилото, дека поетот мора да живее со своето време, да се вкопа во него, но припаѓајќи не само на тоа време туку и на времето пред граничната линија на неговиот субјективен миг на егзистенцијата. Имено, поетот е најповеќе поет тогаш кога пред лицето на минатото стои со лицето на иднината, а тоа е она лице за чие оформување најмногу е одговорна сегашноста. Поинаку речено, во сегашноста се случува иднината на поетот.

Токму еден таков впечаток се добива кога ќе се проследат сите три фази од поетското творештво на Ацо Шопов. Тие три фази ни се претставени и во овој антологиски избор Златен круг на времето, со тоа што акцентот паѓа врз песните од третата фаза (не само од Небиднина, туку и на сите оние што се напишани подоцна или во меѓувреме, а се објавени во збирката Раѓање на зборот или во списанието Современост.) Заедничкото, пак, на сите овие фази е еден неоспорлив феномен, всушност − еден од примарните атрибути на оваа поезија, атрибутот градителство, под кој ја подразбираме способноста на едно дело, на еден опус, да биде фактот на историјата.

Тука пред сè нашите читатели се најинтересни до сега непознати или малку познати нови песни на Ацо Шопов. Во овие песни (кои временски, хронолошки доаѓаат по Небиднина) се чувствува знакот на претходното искуство, но и стремежот тоа да се револуционизира со еден порационален, поинтелектуален сензибилитет, внатре, во песната, во стихот, во зборот. Но и тоа, како што може да се заклучи, интелектуализирање, генеолошки познато уште од некои песни од збирката Ветрот носи убаво време, е овде мошне специфично ацо-шоповско, при што ни лиризмот сосема не се губи, а ни филозофската рефлексија не го истакнува својот јарбол толку високо за да бидеме исклучителни со неа обземени додека ја примаме оваа поезија. Во еден свој коментар по повод песната „Грозомор“ (во Књижевне новине, Белград, 1 март 1969), А. Шопов речиси програмски го дефинира својот сегашен став спрема поезијата, поточно спрема средствата на поезијата: „Поетот е во песната како во студена пештера, како во непрегледна шума каде што, наместо дрвја, лежат огромни, расфрлани и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди.“ [Поетот треба да ги разбуди зборовите]. При тоа, поетот најчесто го иритира прашањето KAKO (со кој збор, на кој начин, со која форма и сл.?), „зашто секоја песна е едно посебно откритие, едно посебно сознание што не може да се повтори ако еднаш е доловено“. Тоа KAKO вооpшто во современата, во модерната поезија доминира; значи не е важно само што се транспонира, туку и КАКО односната материја се обликува, со кои средства, со каков израз! Тоа KAKO кај вистинските поети не се претвора во беспричинско вербализирање, во сува артифициeлност. Тоа е повеќе еден творечки стремеж за воспоставување на рамнотежата меѓу коефициентот на одразениот нов сензибилитет и коефициентот на изразните нови средства. Кај Ацо Шопов таа рамнотежа е воспоставена. Уште повеќе, пред нас се постаментите на една во сè модерна поетика, за која допрва ќе стане збор.
_________________________________
* Текстот е објавен во Вечер, 26.04.1969, стр. 6