Васил Тоциновски, македонски писател критичар и преведувач

Васил Тоциновски, македонски писател и литературен критичар

Сатиричната поезија на Ацо Шопов*

Васил Тоциновски 

Творечкиот дух е немирен и љубопитен. Секогаш подготвен на нов ризик и авантура, подвиг и резултат. Таков е духот на чудесниот поет Ацо Шопов, кого го знаеме и како вреден препејувач на значајни дела од светската литература, а помалку или речиси воопшто како автор на раскази, есеи, записи, репортажи. Би се рекло дека сме го заборавиле и како автор на сатиричната поезија. Иако тој негов предизвик ќе се јави и како посебна книга: Јус-универзум

Таа малечка книшка [од 59 страници], би рекле дури премолчена книшка, не само што претставува драгоцен и вредносен прилог во севкупното, сѐ уште недоволно познато и валоризирано книжевно дело на Шопов, туку можеби токму таа најмногу и најуверливо зборува за него како човек и општественик, творец и хуманист. Како автор на сатирична поезија ќе се јави на страниците на хумористично-сатиричниот весник Остен во текот на 1966 и 1967 година. Ќе објави 22 сатирични песни, кои ќе бидат содржина и на неговата книга во последователната 1968 година1

Кој бил поводот и што го натерало овој „нежен и префинет лиричар“ да почне да пишува сатирична поезија? Како одговор на поставеното прашање не се потребни никакви претпоставки и анализи, за овој на прв поглед необичен творечки чекор, од причина што одговор оставил самиот поет. 

Во Фонд Ацо Шопов, во Архивот на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје, се наоѓаат и два листа автограф, сино мастило, именувани од авторот „Како и зошто почнав да пишувам сатирична поезија“2. Страниците всушност претставуваат одговор на поставени прашања од редакцијата на некој весник или списание, и на него не се запишани прашањата, туку под точна пагинација, тој ги нуди своите пет одговори. И уште во првиот одговор, искрено забележува оти тоа станало „сосема случајно без да сонувам дека лириката може да ги наежи своите боцки“.

Идејата ја дал Славко Јаневски, тогашен главен уредник на весникот Остен. Требало да стартува новата Остенова серија, па од својот пријател побарал да му напише нешто што ќе му текне за Остен, и што ќе излегува кога ќе му текне. Таа покана не била формална, но така кон неа не се однел и Шопов. Размислувал како и со што би одговорил како поет чии стихови ќе треба да укажуваат и критикуваат, исмејуваат и жигосуваат, некого и нешто да погодуваат и како изречена вистина да напредуваат. „Ми текна дека кај нас многу се употребува и злоупотребува поимот ЈУС. Имено, по јус живееме, се облекуваме, јадеме, вреднуваме, спиеме, напаѓаме, браниме, сакаме… Јусот стана некаква наша втора природа. А каде е вистината?“

Токму за да одговори на тоа прашање, се зафаќа низ стихови да ги искаже своите погледи и ставови, оценки и мерила за етиката на сопствената современост, луѓето и животот, политиката и творештвото. Свесен притоа дека, како соработник на Остен, ги прави првичните чекори во областа на хуморот, сатирата и карикатурата, кои секаде и во секое време наспрема себе ги имаат и своите непријатели. 

За тие состојби во македонската литература, како и за улогата на тој вид творештво, се изјаснува и самиот: „Бездруго ние немаме развиена сатирично-хумористична литература. Зошто е тоа така? Причините можат да се побараат во нашиот своевиден комодитет, во напластеното сало на нашето спокојство и нечувствителноста кога се работи за другите, во пречувствителноста кога сме ние во прашање, во недостигот на готовност да се видиме самите себеси во искривено огледало, да се потсмевнеме на себеси и на нашите општествени и приватни мани. Освен тоа, сатирата е најакциона од сите видови уметнички акции, најударна, директно свртена против исчашеностите, бездушноста, нехуманоста, против соцконформизмот што ги прави луѓето неспособни за какво и да е самостојно ангажирање. Сатирата е сушта спротивност на конформизмот и конформистичката литература, ‘опасна’ и ‘лизгава’ земја, рушител на ‘мирот’ и ‘редот’. Од сите уметнички ризици таа е најголем ризик. Но, и задоволство ако не е потфрлање”.

Во овие неколку редови тој како да го сумирал сѐ она што пред тоа веќе го имал испеано низ стиховите за jус-универзумот. Го радува фактот што Остен одново заживува, надевајќи се оти така oрганизирано долгорочно тој ќе претставува и помош и поддршка за сите оние кои сакаат да создаваат сатирична литература и за карикатуристите. Тоа се целите и задачите за неговото подоцнежно членување во редовите на редакцијата.

Секако на лирискиот поет не му било тешко да се зафати со сатирата. Во својот одговор на четвртото прашање, тој е мошне дециден: „Мислам дека лиричарот и сатиричарот не си пречат еден на друг. На извесен начин  тие си помагаат и се надополнуваат. Сатиричарот го презема зборот кога лиричарот не е во состојба поетски убедливо да сугерира некоја идеја, а лиричарот го истиснува сатиричарот кога овој ќе се обиде да гради со негови средства“. И на следното поставено прашање, само нагласува: „Веќе реков дека лириката и сатирата живеат под ист покрив. Не гледам причини да ги направам непријатели“. 

Во Фондот Ацо Шопов сочувани се автографите кои бројат 25 листови (мастило и молив), и 49 листови машинопис на истите наслови, или вкупно 74 листови во папката „Сатирична поезија – Јус-универзум“, под кои податоци стои и годината 1968. Најверојатно тогаш таа е подготвена како книга, кога и излегува од печат. Сите објавени прилози на страниците од весникот Остен, се содржина и на книгата, но сега со поинаков редослед. 

Првите песни од книгата, сосема сфатливо најдиректно ги тангираат областите во кои сушествува и создава нивниот творец, јазикот и литературата. По аршинот на „Јус-критичар“(от), творците биле високи и куси, им делел минус или плус, и додека така кумувал, не заборавал во туѓиот да го провери својот вкус. Неговата стручна експертиза имала само ембарго или само виза, и додека им пресудувал на сите, никако и никогаш не ја заборавал својата девиза на камелеон. Критиката на тоа човече му станала професија, но и високо издигната и осознаена етичка категорија. Без влакна на јазикот, неговата полна идентификација ја потврдува катренот: „Цела деценија пишува критика,/ но место естески анализи и проблеми тој ги решава своите дилеми:/ како да се допадне на нечија политика“. Затоа и му е лесно, зашто „Сета негова инспирација/ лежи врз државна дотација“. На тој премудар критичар кој на сите им дели памет, ушите секогаш му висат на туѓа глава. Живее удобно и богато, без грижа на совеста, а од тоа и нема потреба зашто уште како малечок, за да биде верен на „нивната фамилија“, таа го зела под своја закрила. 

Јус-поет, илустрација на ДармарТоа се стандардите и на „Јус-поет“. Тој е суптилен и фин, прв меѓу сите поети, на својата камила јава повешто и од бедуинот, и сѐ му е познато и сѐ му е во близина. „Чудна е неговата поетска душа:/ дома пее, а надвор слуша“. Позлатен е од признанија и награди, се открива себеси преку телевизијата и испраќа пораки до нацијата, членува во сите жири комисии. Тој е единствен и недостижен: „И никој не може да ја прегази таа поетска река/ па макар и да обуе од седум мили чизми“. Хировит е, па налутен од секојдневните баналности посакува да биде манекен на поетска модна ревија. Се дружи по афинитет чие име е „За да те преведам – преведи ме!“ 

Да забележиме оти секоја песна е поделена на повеќе помали целини, кои сами по себе, одвоени со бројки, претставуваат своевидни епиграми. Сѐ во него е прецизно предвидено. Поетските координати го имаат просторот од „дај ми го на ти“, а малите хонорари не се проблем, па затоа нека не се пишуваат обични песни, туку да се пее само за јубилеи. 

Јус-сценарист, ислустрација на ДармарТука е и „Jус-прозаист”(от). Тешко е да се биде прозаист и секој не е надарен за тоа. Големата сопствена фотографија ја претставува неговата прозна биографија. А на неа потписи лично негови и од неговата мафија, како и фактографскиот податок оти тој се родил во македонските книжевни конфронтации и веднаш се извишил над сите нации. Стои тој на врвот на кој има место само за него и „Со поглед стемнет од чад и бура/ нѐ убедува од својот естетски врв:/ ‘Јас сум зачеток и јас сум прв,/ со мене почнува вистинската литература’“. За секаде и во секое време свои приказни за фиоки и дупли хонорари има „Јус-сценарист“(от). Ете го во таа галерија и „Јус-журналист“(от), кој како тореадор ја предводи седмата сила и сите пред него од страв и почит клечат и молат. Тој е секогаш во срцето на настаните, на сите страни од светот, сѐ знае и предвидува, критикува и подигрува, соопштува податоци и алармира.

До него е „Јус-тропариум“(от) [чиј автор] трогателно соопштува оти е тој наша и сечија радост и болка, па сѐ пред него слуша и се покорува, светот прави така како што тој командува. И така „Ќе те благослови со творечка слободица,/ ќе те премачка со непозната боја,/ од секаде по малку ќе налее поетска водица/ и ќе ја продаде како своја“. 

Биографијата [на авторот на] „Јус-сатирикон“(от) започнала во неговата младост кога бил тивок и сензибилен, суптилен, нежен и свилен, јавнат на своите љубовни каравани, пред да стане лут сатиричар. И во минливоста, бесмислата и апсурдноста на егзистенцијата тој сатирикон е само нивен дел: „Но има и такви што паднале в сон/ далеку од секаков сатирикон“.

Пеејќи пак за „Јус-лингвистика“(та), разграничувајќи ја љубовта од вистината, поетот видовито низ тој суштински знак ја предвидел денешната јус-трагедија: „Кој тврди дека јазикот служи/ човек со човека да се здружи./ Прав е јус-лингвистот кога вели/ дека тој нѐ делел и ќе нѐ дели. Во тоа лицемерие и предлогот останува на нивото од апарати „за симултано јус-комуницирање“. Сакако дека својата вера не треба да биде претворена во бункер и јазична бариера. 

Јус-политичар, ислустрација на Дар МарСоцијалистичкиот морал, како стожерна тема во сатиричната поезија на Ацо Шопов, нема поуверлив и подоследен претставник од оној на „Јус-догматичар“(от). Нему ништо не му е свето, толку е моќен што дури и самиот живот се изморил од неговите мисли, идеи и теорија. Животен модел не треба да се бара, ете го тој пред нас: „Тој на минатото со презир гледа./ Минатото е големо ништо и голема духовна беда./ А за иднината што да се грижиме ние/ кога во малото негово прсте таа спокојно спие“. Едно е тој, а нешто сосема друго животот кој непрестано се движи по своите врвици.

Оттаму како да потекнуваат политичарите и дипломатите, лицемерите и подлизурковците, лакташите и дрдордковците, и уште какви ли сѐ не „невидени и нечуени таленти“. И никако не треба да се заборави оти покрај јус-поетот, јус-критичарот и јус-прозаистот, постои, и тоа уште каков „Јус-политичар“. Тој анализира, бира, комбинира, „и нема мира/ сѐ додека со прогресивните процеси/ себеси не се идентифицира“. А неговите принципи нежно се завиткани во лушпа од пароли и фрази. Тој е неуништив и вечен. И додека сѐ тече и се менува, според редот и логиката на животот, само тој останува функционер до крајот на својот век. Тој е мецена на културата со државна каса, ја чита иднината, секаде е присутен и работниот човек му лежи на срце. „За него системот на работничкото самоуправување/ е систем на красноречиво надмудрување“.

Јус-универзум, ислустрација на Дар МарТака се раѓа мноштво од „Јус-универзум“. Се раѓа за да покаже колку е срамно ако не си надарен универзално. Ете тоа чудо од човек, „Уште од младини, додека трчаше бос/ со смисла за политика тој почна да си го вади лебот,/ и толку се разви неговиот политички нос/ што пулсот на светот го чува денес во џебот.“ Нема ни ден, ни настан без него, поинаку и не би можела да живее нацијата, зашто тој во улога на покровител трпеливо го учи народот како се доаѓа до афирмација. Тој е во музеите, галериите, литературата, филмот, театарот, па и во стопанството насекаде и во секое време.

Како се станува некој и нешто? Тука за пример служи „Јус-градација“(та). Во сите периоди и фази, успеси и порази тој е во челните редови. „А беше мал и беше ситен/ и беше затрупан сиот со акти./ Но актите бргу ги претвори во факти,/ а фактите – во лакти“. Ете го сега важна личност! Може ли некој во неа да ја прпознае и открие некогашната мала и ситна човечка присутност? И така расте тој од Републиката до Федерацијата, влегува во кругот што се врти, станува мисла и смисла на убавото и среќно социјалистичко општество. Во него сите се еднакви и браќа, среќни и богати, тие се парола и лозунг, а можеби се и „јус-рекламерство“. Тие се мерка за некој и за нешто во животот. Колку е тоа моќно, пее поетот, оти: „Волшебна е нашата јус-фантазија./ Со неа и кичот и шундот се преобразија“. Крајниот дострел е приватната цел.

Во „Јус-миткање“ поетот ѝ се обраќа на жената, жената на Југославија, работничка, учителка, домаќинка со деца и љубовница на својот маж. И во сите тие миткања, тој пред таа жена клечи како голтар, и ѝ вели: „престани да бидеш црква без олтар/ во која секој ќе се крсти“, станувајќи јавно против додворувањата, лагата и лицемерието, неморалот и безобразието. А токму тие категории го прославуваат и величат денот на жената, девалвирајќи го светот и убавото во неа. Наспрема вреднување на личноста според нејзините квалитети и морални димензии, социјалистичката етика всушност е етикета на празногласие, пароли и јалови прославувања, на акции и манифестации, заборавајќи притоа оти единствена мерка за човекот се трудот и работата. Ерозијата на тој морал ја урива кулата од хартија и пена. 

И така се слават денови на солидарноста, на трудот, високо се издигнуа како врховно начело „Јус-солидаризерство“. И во тие славења едноставно се заборава исто така гордо да се застане през другото лице на стварноста. Какво е тоа општо слепило во кое духот на солидарноста „ги крепи сите наши паради, собири и фестивали“. Таа е со нас кога треба да биде скратен работниот ден, кога се делат по неколку плати и најмногу кога таа солидарност треба да се фали. На приемите и банкетите, кога се гледа низ прсти и се ветува кога се куди ланскиот снег, солидарни сме кога во колони масовно одиме на излет додека е празник и молчат фабричките сирени, и нема ни дежурни, ни работни смени. И има сал еден миг, а тоа „не сме солидарни ни ист ни е судот/ само кога треба да се мери трудот“.

Народот рекол и не згрешил, изразувајќи ја нашата поразија и омраза, кога рекол „на комшијата да му умре козата”. Тоа е нормата во трката во која неуморно и постојано се впуштени „јус-натпреварувачи“(те). Таа јаловост посебно ја нагласуваат стиховите „Јус-дискутанти“. Целиот живот протекува во правото оти секој има свој свет и свое гледиште, мислење и став, и дека токму тој и само тој е во право. Во сите пет пеења, се повторува рефренот „Впрочем за тоа дискутираме, дискутираме“ на состаноци и собири, разговори и трибини, конгреси и фестивали, работнички и синдикални недоветувања, како самоуправувачи и мудреци, и кога можеби најнакрај е потребно да резимираме, се знае, па ние „Впрочем и за тоа дискутираме, дискутираме“.

Во таа маса се и „Jyс-вреднувачи“(те) кои насекаде делат совети, упатуваат и покажуваат, докажуваат и утешуваат, и одново завршниот рефрен во секое од петте пеења додека тие се мачат и се трудат „А плачат за нив нивните платени работни места“. Сите знаат и умеат сѐ и сешто, насекаде се и во секое време, само никој не ја гледа и не ја извршува својата работа. Во таа пародија вратка мило и драго е тоа „Jус-наградување“. Тие апсурди одат дотаму што поетот препорачува: „Но за да бидеш познат и признат авторитет/ не е достатно да фрлаш само магла и дим,/ ти треба бездруго пред нашиот свет/ да се појавиш со некој странски псевдоним“. 

Во лудориите на летото, својот печат му дава и „Јус-летување“(то). Плажи и фестивали, голотија и убавини, уживања, доживувања… на тоа лето, во знакот на мини-здолништа и мини-засолништа, есента ќе дојде брзо, брзо и ќе му стави вето! И среде тие „Jус-распинања“  животната логика доаѓа да нѐ удри по глава и да нѐ предупреди, ако воопшто можеме да сфатиме оти: „Старата етика за отпад е зрела,/ пред наши очи се распаѓа, се руши:/ живеела некогаш една душа во две тела,/ а сега во едно тело живеат две души“. Уништени се сите идеали и ќе може ли воопшто да се дофати било кој и каков крај. Социјалистичкиот или поточно југословенскиот морал својата единствена вредностна мерка ја има во парите. Со нив можеше да се откупиш ако си роб, да ја менуваш својата вера, на сопствениот гроб да си подигнеш споменик, ако треба да си присвоиш дури и некоја ривиера. За пари можеш со пластична операција да се разубавиш, да составиш одличен  приватен тим, повторно да ги напишеш Доктор Живаго или Животот на Клим Самгин, да ги драматизираш црнилата на својата нација, да се откупи работниот стаж, да се купи избирачко право и избирачки глас, да се откупат мандатите за највисоките функции и места, да се купат угледот и честа. Сѐ е можно ако имаш пари, зашто „Сегашниот законик е формален и крут,/ бараме правото на труд да се замени со право на трут“ [„Јус-откупувања”]. 

Малата книшка на Ацо Шопов Јус-универзум е една своевидна и голема историска читанка, и прекрасна поука, за едно не така дамна минато време, време на социјалистичката преобразба, на братството и единството, на среќата и радоста на југословенството. Време кога се смислувало и измислувало, мислело и пресудувало, одрекувало и запечатувало, вреднувало и девалвирало со една единствена врховна мерка, кратко и јасно дефинирана како ЈУС. Ако на себе ја имаш таа назнака, значи сè е во ред, и покрај тоа ништо повеќе не ти е потребно. Во тој мир и спокој, благосостојба и слава, бесмртност и исклучивост се живее сопствениот животец кој започнува и завршува во тој јус-човек. Тој е центар на светот. Ништо не допира до него, не го возбудува ниту вознемирува. Него го заштитуваат комунизмот и социјализмот, таа бескрајна среќа што им ја дарил на луѓето и кои веќе му подигнале споменик за вечно помнење. Таа морална ерозија Шопов остро и бескомпромисно ја жигосува во Јус-универзум, низ општочовечките универзални димензии со трајни уметничко-естетски вредности. 

Комунизмот како идеологија ја управува државата, власта, политика, ги гради меѓучовечките односи и ги поставува вредносните мерила за нив. Со неа се живее и сонува, се сака и мрази, се напаѓа, се брани, со неа се јаде и облекува. И во тој привиден мир, во таа бара која наоколу шири неподнослива смрдеа, човекот живее мирно и спокојно, и притоа на ништо не мисли, со ништо не се терети, едноставно станал неспособен било што да рече и да направи. Во тој тоталитарен режим се родил јус-човекот со „напластеното сало на нашето спокојство и нечувствителноста кога се работи за другите, во пречувствителноста кога сме ние во прашање, во недостигот на готовност да се видиме самите себеси во искривено огледало, да се потсмевнеме на себеси и на нашите општествени и приватни мани“. Самостојното ангажирање е категорија која не ја познава тој човек и за него тој е неспособен. Во огромниот политички скелет на тоталитарниот мамут, Шопов влегува со сатирата која по него е лирика со наежени боцки. Со тие копја тој започнува да води бој со многубројните и беспоштедни гадурии.

Неговиот збор е отворен и искрен, тој е куршум кој погодува право во срцето на целта, не да убива и уништува, туку со единствена потреба да ја пробуди заспаната свет и совест во човекот. Тој обезличен и ставен во калапот ЈУС употребуван и злоупотребуван, тоа е неговото прво и второ јас, и повеќе од тоа негово обезличување. За него постојат и негов интерес се само личниот комодитет, оттука егоизмот добил невидени размери. Тој невидлив терор над човекот се шири како поразија и го прави неспособен за ништо, останува без своја мисла и став. Токму врз тие постулати сатиричната поезија на Шопов го става својот печат, но и гласниот суд за нехуманоста, а токму во тоа име живеат и опстојуваат идеологијата на комунизмот како движење и социјалзмот како општествен поредок. Притоа тие како единствени патишта до тоталниот човек, суштеството на благосостојба и среќа, бескраен мир и спокој, човекот на иднината. 

Тоа е правилото без исклучок. Ако некој мисли поинаку, тој веднаш е прогласуван за рушител на редот и мирот во земјата на само еднаш дадената и остварена човекова среќа. Можна ли е критика на општествениот социјалистички поредок, на идеологијата на комунизмот, на измислиците какви што се работничкото самоуправување или парите како критериум. Одговорот не е потребен, тука се стиховите на Шопов, на кои не им е потребно прераскажување и толкување. Тие доаѓаат да нѐ предупредат и потсетат на сопственото време и сопствените измами и заблуди, грешки и промашувања, да ја штрекнат заспаната свест и совест, да ја расжалостат душата ако сѐ уште таа постои во нас. Ќе се препознаеме ли и ќе се соземеме ли по средбата со неа!? Таа извира непосредно од сѐ она околу нас, лесно се идентификуваат состојбите, настаните и случките, процесите и движењата. А зарем оној за кој безимено пее поетот не е токму тој и тој!? Сѐ тоа тука е толку чисто и јасно, лесно препознатливо, што и нема потреба од повеќе зборови. 

Политиката и политиканството, дипломатијата како цел сама за себе и моќта на рушење стануваат темел и суштински именител и во творештвото. 

Сознанието е поразително, зашто токму тоа е нешто повеќе од обичниот живот, нешто што ќе облагородува и возвишува, ќе радува и оплодува. Тие заразни и смртносни пипала се веќе во литературата, музиката, филмот, театарот, ликовната уметност, лингвистиката, новинарството и науката. Ми се чини токму тие како и најболно да одекнуваат од душата и свеста на авторот. А против сите манифестации, фестивали и прекројувања и жири-комисии и наградувања, кланови и клановштини, високи општествени признанија и функции, преведувања и премолчувања, конфронтации и кариери, автори и авторитети. Никаде повеќе не постојат вредносни мерки и критериуми врз основа на создадените дела, туку „универзални” личности кои се насекаде и секогаш, сѐ знаат и завршуваат, но никако да седнат и понешто да призавршат од својата работа за која најнакрај и се платени. Или по народната: сѐ околу се луѓе кои берат туѓи гајлиња. 

Изминати се двеипол децении од излегувањето од печат на книгата Јус-универзум од Ацо Шопов. Прочитувајќи ја денеска, сознанието е поразително. Како ништо да не се прочитало и како да не се извлекла ни една поука од нејзините пораки. И тоа како да не е читанка за едно наше скорешно минато време, туку историја на мигот што го дишеме и живееме. И не би била речена сета вистина ако тука и застанеме. Таа вистинска уметничко-естетска вредност произлегува и од фактот на нивната општочовечка, универзална димензија. Тоа едноставно ќе рече оти станува збор за сатирична поезија која пее за некои нешта кои се случуваат насекаде и во секое време.

_____________
* in Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993

___________________________________

1. Остен, Скопје, Ацо Шопов, „Јус-критичар“, бр.3, год.22, 19.X.1966, стр.1; „Јус-поет“, бр.5, год.22, 28.XII.1966, стр.12; „Јус-прозаист“, бр.6, год.22, 30.XI.1966, стр.12; „Јус-политичар“, бр.8, год.22, 28.XII.1966, стр.12; „Јус-лингвистика“, бр.12, год.23, 22.II.1967, стр.12; „Јус-градација“, бр.11, год.23, 8.II.1967, стр.12; „Јус-миткање“, бр.14, год.23, 22.III.1967, стр.12; „Јус-догматичар“, бр.15, год.23, 5.IV.1967, стр.12; „Јус-солидаризерство“, бр.17, год.23, 29.IV.1967, стр.12; „Јус-натпреварувачи“, бр.18, год.23, 17.V.1967, стр.12; „Јус-журналист“, бр.19, год.23, 31.V.1967, стр.12; „Јус-дискутанти“, бр.20, год.23, 14.VI.1967, стр.12; „Јус-вреднувачи“ бр.21, год.23, 28.VI.1967, стр.12; „Јус-сценарист“, бр.22, год. XXIII, 12 јули 1967, стр.12; „Јус-летување“, бр.24, год. XXIII, 8 август 1967, стр.12; „Јус-сатиркон“, бр.25, год. XXIII, 23 август 1967, стр.12; „Јус-тропариум“, бр.26, год.XXIII, 6 септември 1967, стр.12; „Јус-распинања“, бр.28, год. XXIII, 7 октомври 1967, стр.12; „Јус-откупувањa“, бр.29, год. XXIII, 18 октомври 1967, стр.12.

2. Ацо Шопов, „Како и зошто почнав да пишувам сатирична поезија“, Фонд Ацо Шопов, Архив на МАНУ, Скопје, ед.83, с.7.
___________________________________

За сатиричната поезија на Шопов, прочитајте ги исто така: