Ацо Шопов: Неговата веселост ја избриша куртоазијата *

Секоја средба со другарот Тито ми е врежана во сеќавањето како густо испишан лист од историјата. Сум имал можност во разни прилики и по разни поводи да бидам во негова непосредна близина или да доаѓам во допир со него и секогаш сум бил озарен од светлината на неговиот ум и неговата јасна, недвосмислена мисла што како понорница потонува во човека за да се роди како ѕвезда водилка на неговиот живот и кормилар на бродот со кој тој плови. Но, оваа средба за која сакам да зборувам ми е посебно драга. Беше тоа крајот на август 1975 година. Претседателот на Сенегал, поетот Леополд Сенгор доjде како шеф на делегацијата на својата земја во официјална посета на Југославија со цел да оствари важни меѓудржавни разговори и средби и да учествува на Струшките вечери на поезијата, како лауреат на највисокото поетско признание на оваа институција − Златниот венец на Струга.

Претседателот го пречека својот гостин пред својата резиденција на Брдо кај Крањ.

На свечениот ручек приреден во негова чест, претседателот Тито му пожела на гостинот срдечно добредојде и изрази посебно задоволство што Сенгор ќе има можност да ја посети нашата Република на поезијата, да учествува на Струшкиот поетски фестивал и да се запознае со поетските преокупации и достигања на македонскиот народ.

Република на поезија! Оваа висока оценка на претседателот Тито нè исполни со гордост нас, сите Југословени. А за Македонецот тоа не беше само чувство на гордост туку и голема обврска што и понатаму треба да се потврдува и докажува.

По враќањето од Струга официјалните стеги попуштија, луѓето во двете делегации се чувствуваа многу блиски еден кон друг и се однесуваа многу поспонтано.

На интимната вечер другарот Тито зборуваше долго инспирирано, очигледно задоволен од успешниот престој на неговиот гостин. Меѓу другото тој рече дека Сенгор за време на овој краток престој успеал да ги види Словенија и Македонија и дека ќе ја посети Србија, односно Белград. Останатите републики ќе му се даде можност да ги посети при повторното доаѓање.

Преведувачката го преведе речиси дословно овој подолг говор на претседателот Тито и откако заврши рече: „Простете другар Претседателе ако нешто пропуштив да преведам“. Другарот Тито се насмевна и духовито ѝ одговори: „Простете ми вие што заборавив на Вас“. Оваа негова забелешка внесе таква веселост кај сите присутни што и последните причини на куртоазијата станаа излишни.
________________________________
* Текст на Ацо Шопов објавен во Вечер, 24.05.1980, стр. 14. Истиот е објавен претходно во Културен живот, XXII, 5−6, 1977, стр. 20, под наслов „Република на поезија“ Авторизираниот машинопис се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ, АШ К3 АЕ66

Други разговори и статии на Ацо Шопов