Ацо Шопов: Бев свесен за ризикот…*

Роден е во 1923 година во Штип. Првпат со поезија се јавува непосредно пред војната во тогашниот средношколски весник. Поинтензивно почнува да пишува за време на НОБ и објавува во органот на III Македонска ударна бригада „Огин“. Првата самостојна стихозбирка Песни ја објавува веднаш по ослободувањето, во 1944 година.

Потоа, еднаподруго, излегуваат повеќе стихозбирки на Шопов, од кои за неколку добива признанија: Стихови за маката и радоста, На Грамос, Слеј се со тишината, Beтрот носи убаво време и други.

Освен со оригинално творештво, подолго време се занимава и со препев од југословенски и странски поети. Досега од југословенската поезија има издадено препеви на избрани песни од Змај, Цицибан од Жупанчиќ и збирки детски песни од Витез и Крклец. Од странската поезија ги има препеано Басните на Крилов, Песната за Апанаса од Багрицки (заедно со Славко Јаневски), Сирано де Бержерак од Ростан, Сид од Корнеј и Хамлет од Шекспир.

Сега подготвува за печат своја нова збирка песни, како и избор од старата кинеска лирика, а наскоро намерава да препее избор од поезијата на Борис Пастернак.

− Кога бев поканет да го преведувам Хамлет, бев свесен за ризикот од овој потфат. Се колебав дали да се зафатам со една толку одговорна задача. И, се разбира, токму тој ризик и беше една од компонентите за она што го остварив. Но, она што ме натера да се зафатам со преведување на Хамлет беше и извесното искуство што на тој план го имав пред тоа.

− Што ви претставуваше тешкотија при преведувањето? 

− За мене најтежок беше почетокот, како што беше случај и со Сид и Сирано де Бержерак. Најтешки се за препев првите стихови, со кои се пробива пат кон поинтимно навлегување во духот и сушноста на делото. Не е случајно што кај мене, како и кај мнозина други преведувачи, е видлив тој напор при преведувањето. Неколкупати навратував и ги преработував првите страници на Хамлет. Подоцна и многуте потешки монолози полесно ги решавав. Најпосле човек почнува да живее со личностите и ситуаците на делото. Тешкотиите спoнтано се решаваат. Така, откако го завршив делото, вршев интервенции над целиот текст, но тие не беа од суштинско значење. Пред сѐ, во себе ги решавав проблемите, а потоа само ги пренесував на хартија.

________________________________
* Разговорот е објавен во Нова Македонија, 11.10.1960, стр. 5.

Други разговори и статии на Ацо Шопов