Ацо Шопов: Република на поезија

Секоја средба со другарот Тито ми е врежана зо сеќавањето како густо испишан лист од историјата. Сум имал можност во разни прилики и по разни поводи да бидам во негова непосредна близина или да доаѓам во допир со него и секогаш сум бил озарен од светлината на неговиот ум и неговата јасна, недвосмислена мисла што како понорница потонува во човека за да се роди како ѕвезда родилка на неговиот живот и кормилар на бродот со кој тој плови.

Но оваа средба за која сакам да зборувам ми е посебно драга. Беше тоа крајот на август 1975 година. Претседателот на Сенегал, поетот Л. С. Сенгор дојде како шеф на делегацијата на својата земја во официјална посета на Југославија со цел да оствари важни меѓудржавни разговори и средби и да учествува на Струшките вечери на поезијата како лауреат на највисокото поетско признание на оваа институција − Златниот венец на Струга.

Претседателот Тито го пречека својот гостин пред својата резиденција на Брдо кај Крањ.

На свечениот ручек приреден во негова чест, претседателот Тито му пожела на гостинот срдечно добредојде и изрази посебно задоволство што Сенгор ќе има можност да ја посети нашата република на поезијата, да учествува на Струшкиот поетски фестивал и да се запознае со поетските преокупации и достигања на македонскиот народ.

Република на поезија! Оваа висока оценка на претседателот Тито нè исполни со гордост нас, сите Југословенн. А за Македонецот тоа не беше само чувство на гордост туку и голема обврска што понатаму треба да се потврдува и докажува.

По свечениот ручек, во придружба на Сенгор одлетввме за Струга. Сѐ беше во беспрекорен ред − од организацијата на престојот, преку вечерта посветена на сенгоровата поезија во охридската црква „Света Софија“ кога на поетот му беше врачен Златниот венец, па сè до инпозантната поетска манифестација „Мостови“ кога пред многубројниот народ собран на бреговите на Дрим настапуваа поети од целиот свет.

Поетот Сенгор беше толку импресиониран од поетската вечер „Мостови“ што не пропушти ниедна прилика а да не го истакне својот восхит дека само на Охридското езеро и во Црна Африка имал можност да види толку народ кој со таков култ и љубов му пристапува на поетскиот збор.

По враќањето од Струга официјалните стеги попуштија, луѓето во двете делегации се чувствуваа многу блиски едни кон други и се однесуваа многу поспонтано.

На интимната вечера другарот Тито зборуваше долго, инспирирано, очигледно задоволен од успешниот престој на неговиот гостин. Меѓу другото тој рече дека Сенгор за време на овој краток престој успеал да ги види Словенија и Македонија и дека ќе ја посети Србија, односно Белград. Останатите републики ќе му се пружи можност да ги посети при повторното доаѓање.

Преведувачката го преведе речиси дословно овој подолг говор на претседателот Тито и откако заврши рече: „Простете другар Претседателе ако нешто пропуштив да преведам“. Другарот Тито со насмевка и духовито ѝ одговори: „Простете ми Вие што заборавив на Вас“. Оваа негова забелешка внесе таква веселост кај сите присутни што и последните причини на куртуазијата станаа излишни.

Потоа заминавме за Белград. Ми се чини дека никогаш овој град не сум го видел толку бел и чист. Кога му направивме комплимент на Претседателот на Градското собрание Ж. Ковачевиќ, тоj ни рече: „Не, не го исчистив градот, го исправ! Знаете, Вие доаѓате од поетски собир во Струга па сакав градот да ни биде чист и убав како поезија“.
________________
* Текстот е објавен во Културен живот, XXII, 5−6, 1977, стр. 20. Истиот е објавен покасно во Вечер, 24.05.1980, стр. 14, со исклучок на последниот параграф. Авторизираниот машинопис се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ, АШ К3 АЕ66

Други разговори и статии на Ацо Шопов