Ацо Шопов: Чија работа доведе до непожелните компликации?*

Почитувани другар уредник,

Бидејќи соопштението на Управниот одбор на Фондот „Стале Попов“, делумно објавено во вашиот весник, за анулирање на наградата за 1976 година, со што и јас се согласувам, може да предизвика извесни недоразбирања, Ве молам да ја објавите оваа моја изјава за вистинскиот развој на работите во врска со доделувањето на наградата.

На својот прв состанок одржан во почетокот на оваа година (22 февруари), Управниот одбор на Фондот реши Авторската агенција да ги достави сите издадени дела во периодот што го предвидува Правилникот на Друштвото на писателите на Македонија. За да ја олесни и забрза работата Управниот одбор од своите редови избра жири комисија како советодавен орган кој го врши изборот, но конечното право на одлучување му припаѓа на Одборот. Во жири комисијата влегоа следните другари: Д-р Сејфедин Сулејмани, Д-р Томе Саздов, Доне Пановски, Владо Поповски и другарката Оливера Николова. Жири комисијата е конституирана на состанокот на Удравниот одбор на Фондот одржан на 11 март оваа година во мое отсуство, а под претседателство на другарот Владо Поповски. За претседател е избран другарот Сејфедин Сулејмани. На овој состанок е решено да се достават на членовите на Фондот по еден примерок од сите книги што доаѓаат предвид за разгледување, како и собраните дела од Стале Попов во 12 книги, додека собраните дела на Владо Малевски да се достават само на членовите на жири комисијата. Ме изненадува овој двоен став во врска со делата на Стале Попов и Владо Малески но како што реков тоа е одлучено на Управниот одбор во мое отсуство.

На 5 мај годинава Управниот одбор на Фондот одржа состанок на кој претседателот на жири комисијата Сејфедин Сулејмани поднесе извештај на ова тело во кој дословно се вели: „Состанокот на жири комисијата е одржан на 18 април 1977 година со утврден дневен ред: разгледување на материјалите за наградата „Стале Попов“. На состанокот учествуваа сите членови на комисијата, освен Д-р Томе Саздов кој писмено ја извести комисијата за оправданоста на неговото отсуство и за неговиот глас даден за делото на Томе Момировски Бреслики. На состанокот се водеше расправа за општите начела и поединечните дела наменети за наградата. Откако е извршена таа расправа и издиференцирани делата кои не би требало да се земат предвид, во записникот се истакнува дека квалитетот на пристигнатите дела задоволува и дека „литературната критика треба да биде земена за наградување, со цел уште повеќе да се зајакне нејзината стимулативна страна и општествено признание“.

Записникот на жири комисијата завршува со следниот предлог:

„Поаѓајќи од горните ставови и разгледувајќи ги пристигнатите дела комисијата на Одборот му ги предлага следните автори.

  1. Владо Малески, Кажувања.
  2. Миодраг Друговац, за статиите дадена во 12 книга под наслов Стале Попов во книжевната критика
  3. Стојмир Симјановски, Синови на горите.

По писмен пат комисијата беше известена дека Д-р Томе Саздов се определува за делото на Томе Момировски Бреслики. Претседателот на жири комисијата Сејфедин Сулејмани на крајот од извештајот го моли Одборот овој записник да го верифицира.

На овој состанок на Управниот одбор на Фондот од 5 мај не беа присутни само Оливера Николова и Д-р Томе Саздов како членови на жири комисијата. Ниеден од останатите членови на жирито присутни на cocтатокот на Управниот одбор не изрази никакво сомневање во веродостојноста на записникот ниту укажа на какви и да е други неправилности. Само истакнаа дека од предложената листа приоритет му даваат на кандидатот Владо Малески. По доста исцрпна дискусија Управниот одбор на Фондот го верифицира овој записник на жири комисијата и реши да се донесе одлука за наградата на 11 мај во полн состав на Управниот одбор на Фондот.

Меѓутоа на состанокот од 11 мај дојдоа 7 од 11 членови на Управниот одбор на Фондот. Не присуствуваа Сејфедин Сулејмани, Оливера Николова, Владо Поповски и Александар Алексиев. Овој неполн состав на Фондот посебно ја отежна работата.

Откако се собравме мнозинство од вкупниот број на членовите, пристапивме кон работата. Повторно беше прочитан записникот од жири комисијата, како и дел од расправата што се водеше на претходниот состанок на Управниот одбор на Фондот. Притоа Томе Саздов го повлече својот предлог за книгата Бреслики и Управниот одбор на Фондот заклучи тајно да се гласа за еден од трите кандидати. Бидејќи еден од нив беше Миодраг Друговац, член на Управниот одбор на Фондот го поставивме и ова прашање. Присутните членови на фондот се согласија тој да остане на гласањето на што беше речено дека има право како член на Фондот.

По извршеното гласање одредената комисија ги изброја гласовите и соопшти дека Миодраг Друговац добил пет гласови, Владо Малевски два гласа а за Стојмир Симјановски не е даден ниеден глас.

Од досега реченото може да се заклучи дека гласањето е извршено врз основа на верифициран записник на жири комисијата и со мнозинство од членовите на Управниот одбор на Фондот.

Меѓутоа, во натамошниот развој работите зедоа поинаков тек. Приговорот на другарката Оливера Николова во кој изрази сомневање во веродостојноста на записникот на жири комисијата и исправноста на работата на нејзините членови, објавен и во нашиот печат, предизвика бурни полемики и ја вознемири нашата јавност. Тие полемики ја ставаа под прашање институцијата награди и имаа далекусежни последици. Заради тоа и изјавив во печатот дека во почетокот на септември ќе го свикам Одборот да заземе став во врска со новосоздадената ситуација. Но пред да го свикам овој состанок на Одборот сметав дека е нужно жири комисијата да се произнесе во врска со веродостојноста на нејзиниот записник прочитан на 5 мај, прифатен и верифициран без никаков приговор и оградување, на предлог на претседателот Сејфедин Сулејмани а во присуство на Владо Поповски и Доне Пановски, како членови на жири комисијата и останатите членови на Фондот. Од тие причини на 29 август му упатив писмо на претседателот Сејфедин Сулејмани во кое меѓу другото велам: „Ве молам како претседател на жири комисијата и барам од вас да ја свикате во полн состав жири комисијата за да го разгледа приговорот на другарката Оливера Николова и да ја утврди веродостојноста на записникот што вие го презентиравте на Фондот. Ве молам состанокот на жири комисијата да го закажете во првата недела на септември и да ми доставите писмен извештај за резултатите од состанокот“.

До денес не сум примил писмен извештај. Од печатот и од материјалите што ги побарав од Друштвото на писателите разбрав дека е одржан состанокот на жири комисијата на б септември и дека е донесен следниот заклучок:

„Во врска со приговорот на Оливера Николова околу доделувањето на наградата „Стале Попов“ за 1976 година жири комисијата на 6 септември 1977 година се состана во полн состав и обидувајќи се да направи автентична анализа на својата работа го донесе следниот заклучок:

Поради одредени слабости сторени во постапката и на жири комисијата и на Управниот одбор, му предлага на Управниот одбор на Фондот „Стале Попов“ повторно да ја преспита одлуката за доделување на наградата.“

Овој заклучок на жири комисијата воопшто не ме задоволува и не одговара на моето основно барање: дали злисникот е веродостоен или не, односно дали верно ги изразува ставовите на членовите или е произволна конструкција.

Нова Македонија од 7 септември годинава ги пренесува изјавите на членовите на жири комисијата од кои може да се заклучи дека секој од нив има своја верзија. Изјавите на членовите се наполно контрадикторни и мнозината од нив прават обид вината и одговорноста да се фрли на Управниот одбор на Фондот, како тие да не се рамноправни членови на овој орган, а некои од нив (Владо Поповски и Доне Пановски) како и да не присуствувале на состанокот на Фондот кога се верифицираше записникот на жири комастиjатa.

Очигледно е создадена чудна и неодржлива ситуација: на едно место нешто се прифаќа и потврдува како свој предлог, а на друго место истото се одбива и одречува. Во еден од овие случаи членовите не настапуваат совесно и чесно, туку се служат со разни игри и комбинации префрлајќи ја одговорноста од еден на друг.

При сево ова, сметам дека има низа пропусти и нерешени прашања во правилникот за доделување на наградата „Стале Попов“, изработен од Друштвото на писателите на Македонија. На двапати Управниот одбор на Фондот упатува барање до Друштвото да го измени и прецизира овој правилник но и во двата случаја Друштвото се оглуши на овие барања. Заради овие пропусти можат да се прават секакви комбинаторики.

На последниот состанок на Управниот одбор на Фондот од 19 овој месец беше прочитано писмото од Миодраг Друговац со кое тој ја враќа наградата, а потоа работната заедница на Авторската агенција презентира писмо со кое се бара анулирање на наградата и се даваат верни податоци за делото на Друговац. Но, за мене останува нејасно зошто тоа Агенцијата го прави сега, а нејзините претставници Агна Бунарова и Владо Харалампиев, кои присуствуваа на сите седници на Управниот одбор на Фондот, не кажаа ништо од приговорите изнесени во писмото. Зошто?

Оваа изјава ја давам за поцелосно да ја информирам јавноста, а читателот сам нека оцени чија работа доведе до овие непожелни компликации.
____________________
* Текстот, објавен во Нова Македонија, на 25.09.1977, е варијанта на писмото што Шопов го упатил до Управниот одбор на Фондот за наградата „Стале Попов”, кое се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К3 АЕ110