Монологот на Хамлет, чин III сцена 1

Да бидеш или да не бидеш ти −
Еве што е прашањето сега.
Без ропот, молкум да го трпиш срамот
И сите стрели на судбата дива,
Или пак да се противставиш гневно,
Да станеш веднаш, да победиш в борба
Или да паднеш? Да умреш. Да спиеш.
Да знаеш дека ќе ја скинеш така
Нишката на безброј лишувања, маки
На ова тело. Тоа ли е целта?
Да умреш. Да сонуваш. Да спиеш.
Да гледаш сништа? Да, тука е јазлот.
Но што ќе сониш во смртниот сон
Пред ова земно одмотано клопче?
О, еве што го продолжува векот
На сите наши несреќи и беди.
Та кој би трпел подбивања, лаги
Измислени дела и заслуги лажни,
Гадости долни, преправања, хули,
И празни глави и глупи величија,
И тешка болка на презрена љубов,
Кога сè може просто да се решити
Со еден замав и удар на ножот?
Кој би го влечел тој животен товар
Под кој што стенка облеан со пот
Да знае каде по смртта ќе стаса,
Да не е таа непозната земја
Од која никој не се вратил назад?
Тој страв ја гони волјата да молчи
Пред сите земни сознаени злини,
Да стои нема пред скриени тајни.
Во таква штура малодушна мисла
Ко цветје вене решеноста наша
И нема излез бесплодниот ум.
И така гинат замислите смели
Во таа немош, одлагања долги.
Но доста веќе. Офелио, нимфо,
Во својот тивок и молитвен шепот
Спомни ги сите гревови на Хамлет. 

Хамлет принцот дански / Вилијам Шекспир, препев Ацо Шопов, 1960.