Примордијално хуманистички поетски концепт*

Георги Старделов (1930-2021), пред бистата на Шопов, во Друштвото на писателите на Македонија.

Георги Старделов

Oна есенцијално определување на поетскиот концепт на Ацо Шопов, според кој поезијата е една од најдлабоките детерминации на човекот, доага од фактот дека поетот Ацо Шопов стапи во светот на поезијата истиот час кога стапи и во светот на револуцијата. Тој само навидум егзистенцијален факт се покажа и како превосходно поетски факт, тој на неговата поетска креација ѝ втисна печат на една страсна, вехементна и длабока човечка акција. Во 1941-та, кога згрмеа пушките, неговата песна, рагајки се во думаните на војната, и самата војуваше. На тој начин веќе во чинот на раѓањето на неговото поетско искуство тој потврди, argumentum ad hominem, дека поезијата, дека поетското творештво воопшто, е неумолив чин на едно виолентно, на едно длабоко човечко ослободувањеј кое е и самото по себе ослободувачко. И токму тој неразделен однос на поезијата и револуцијата, на поетската креација како врвна и непринудена човечка акција, се изразува како meritum на поезијата на Ацо Шопов. Сето тоа се потврдува низ севкупното поетско искуство на овој поет. Да се сфати поезијата и нејзиниот врховен онтички принцип низ големата синтеза и неразделното единство на живеењето и пеењето, тоа е имено таа црвена нишка што ја проникнува целокупната поезија на Ацо Шопов. Токму тој факт и ја сосредоточи неговата поезија врз темелите на човечката драма, врз корените на егзистенцијата. Поезијата на Ацо Шопов постојано е во потрага токму по тие корени на нашата внатрешност откривајки ни го, од стих во стих, нашего најинтимно и затоа најчовечко соочување со самите себе, со пеколот во себе, со човечките кратерски страсти, со недоловливите бездни на човечкиот ум. Или со еден збор: со драматските вистини и познанија на супстанцијалните темели на животот и светот, токму на овој свет кој, излегувајки од најразурнувачките војни во својата историја сè уште не смогна ум да ги надвладее можностите на една нова апокалиптичка катаклизма. Во таквото пресвртничко време, поезијата на Ацо Шопов е битна претпоставка на пацификацијата на човечките духовни сили, претпоставка на една нова и духовна и морална обнова на човекот и светот.

Ако го проследиме поетскиот континуитет на Ацо Шопов, од неговата прва книга Песни (1944) преку Небиднина (1963) Гледач во пепелта (1970) Песна на црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980), веднаш забележуваме дека меѓу сиве овие негови значајни поетски дела суштествува една органска, една неделива естетска и филозофска кохезија.

Дури и во песните од Африка, во кои до најсублимен вид дојде антејскиот концепт на неговото поетско искуство кој се изразува во стиховите: „да ја открие родината откривајќи го светот” и „откривајќи ја родината да го открие светот” („Настан на езерскиот брег”), Ацо Шопов не гради еден дијаметрално подруг свет, туку само се надоврзува во своето исконско пеење на стариот, продлабочувајќи го и осмислувајќи го него со уште поголема и егзистенцијална и филозофска и поетска длабочина.

Така, она што во Небиднина беше доминантно – небиднината како негова универзална и синонимна метафора на неговата поезија, како нејзина речиси поетско-космичка праслика, во Гледач во пепелта и во Песна на црната жена добива една уште поинтегрална оркестрација. Сериозниот набљудувач и истражувач на оваа поезија и на ова поетско искуство не може да не забележи дека во случајот на Ацо Шопов, кој не е пред сѐ поет, туку единствено поет, се среќаваме со една ретка кохерентност не само на поетската вокација, туку и со кохерентноста на поетското искуство кое е детерминирано токму од таа фундаментална метафора на неговата поезија – небиднината. Се разбира, тоа кохерентно и единствено во својата кохерентност поетско искуство добива метрички и артистички совршенства, но небиднината, во која се закопани како во длабока тишина сите тајни на егзистенцијата, останува егзистенцијална поетска опсесија. Таа како да е растопена во секој збор, во секоја слика, во целосноста на мисловната и емоционалната структура на секоја негова песна.

Во Песна на црната жена,небиднината е она црно и огромно Ништо, она што поетот го определува како исконска страст и непрекината жед за пронаоѓање на изворите на сеопштото потекло и на својата праслика. Тој континуитет, таа конзистентност на поетското искуство на Ацо Шопов потврдува дека кај ретките и исклучителните поети постои барем една книга, песна, стих, или макар само една метафора, која најсеопфатно го детерминира нивниот поетски свет и врз чии темели се гради потем целокупната градба на нивната поезија. Таа книга, таа песна и таа метафора во конкретното поетско искуство на Ацо Шопов е, како што веќе реков, небиднината како изворна праслика. Таа ја натопува со една посебна словенска тага и топлина целокупната негова поезија. Од неа потекнуваат оние меланхолични штимунзи и настроенија толку карактеристични за неговата песна, од неа потекнува онаа судбинска предестинација, онаа исконска страст да се откријат мрачните свиоци на времето, како што е тоа поетски ингениозно видено во поемата „Светлината на робовите“, особено во првата песна „Тука ме доведе моето провидение“, што сама по себе ја детерминира неговата поетска програма. Меѓутоа, небиднината, таа метафора на овој поет, има во неговата поезија едно специфично значење.

Да се замислиме над еден стих од Песна на црната жена: Човекот е огромен, океанот мал („Загледан во океанот”). Е ли тоа онаа иста традиционална романтичарска и неоромантичарска интонација во фалш дивинизација на човекот? Не. За Шопов човекот е безмерно голем, поголем од океанот, зашто човекот е една бескрајна и недофатлива бездна, како она црно сонце од стиховите:

Црно сонце, птицо преправена во ѕезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е тоа бездна.
(„Црно сонце“)

Човекот е, значи, тоа грандиозно и неизмерно суштество кому му нема крај, кој е во бескрајот, неодгатлив еднаш засекогаш, необјаснив дефинитивно. Човекот е таа вечна, таа крвава, таа драматично конвулзивна загатка на сето постојно, смисла што е неопфатна во својот сеопфат, мера на сите можни мери и затоа смисла што осмислува сѐ. Зашто човекот е најголемото чудо, највисоката смисла на животот, зашто човекот е еден од најголемите градители во историјата, но и еден од нејзините најголеми рушители.

Ацо Шопов, како поет на непрекинливата човечка револуција, верува во градителските сили на човекот, но не на наивно романтичарски и соц-плакатерски начин. И неговата книга Песна на црната жена, која ги открива светлините на робовите на Црна Африка, исто како и Небиднина и Гледач во пепелта ни дава за право да тврдиме дека човекот, тој горд homo sapiens, е сѐ уште еден од главните протагонисти на „светската болка“, причинител на злото. И затоа речиси низ сите свои стихови поетот го повторува оној познат рефрен од својата истоимена песна. „Треба да бидеме подобри/ треба да бидеме подобри”.

Неговите песни од Небиднина па сѐ до Песна на црната жена ни поставуваат множество прашалници. Зошто, и покрај тоа што хоризонтите на добрината, убвината и вистината непрестајно се шират и распространуваат зошто, сепак, далечината до нив и меѓу нив и човекот не се смалува? Во што е големината на човекот, зошто е човекот огромен, а океанот мал, кога ништо не е постојано на светов, кога сѐ завршува на еден неизменлив начин – со и во небиднина? И токму во ова фундаментално прашање се кристализира оригиналноста на поетскиот концепт на Ацо Шопов како примордијално хуманистички концепт. Небиднината за него не зборува само за човечкиот трагизам, туку и за човечката возвишеност, за неговиот фаустовски и прометејски хероизам. Поради тоа, неговиот поетски трагизам како чувствување на светот, е активистички, пркосувачки, т.е. некако виталистички заснован. Зашто, само човекот остава трајна, непоминлива трага:

Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме,
човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
во некој мост на некој лак.
(„Тажачка од онаа страна на животот“)

Нуркајки се до јадрото на егзистенцијата, поетското искуство на Ацо Шопов не ја наоѓа смислата во небиднината како таква, зашто за него човечкиот свет не е царство на мртви и разурнати нешта. Од фактот дека на секој крај, на секој неизбежен и неумолив крај, небиднината ги исполнува сите места, од фактот дека цел век патуваме од себеси до својата небиднина, од тој факт Ацо Шопов не го гради црногледството како секој поетски Weltanschaung, туку хероиката, големата и непрекинливата борба на човекот да ја превозмогне минливоста, ништожноста, смртта. Затоа во неговата поезија сè пулсира низ една драматична патетика во која се вкрстуваат светлината и мракот, љубовта и небиднината, минливоста и трајноста, со еден збор животот и поезијата.

За Ацо Шопов, човекот, кој ја носи небиднината како сопствен крст, е посилен и потраен од самата небиднина, од смртта, од пропаѓањето како такво, бидејќи човекот се трансцендира, зашто тој на светов не е само на помин, туку низ својот сопствен живот се воспоставува во него, зашто се опредметува во определени симболи и паметници кои се потрајни и од него самиот и кои потем траат со столетија. Самопотврдувајќи се во нив човекот трае и зрачи низ нив и кога ја напушта борбата на животот и животот како непрестајна борба:

Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
кој ти ги даде моите очи
што зреат во сонот на твоите лисја?
Погледу зелен, зелено вишнеење,
кој нѐ осуди на исто бдеење?
Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
од каде твоите длабини во мене,
од каде мојата крв?
Кој ги избриша со рака лесна
сите далечини, сите близини,
кој ни ја досуди таа небиdнина
да билам стебло, да бидеш песна?
(„Небиднина“)

И големата хуманистичка порака на поезијата и на поетското искуство на Ацо Шопов, која е лајтмотив на целокупниот негов поетски свет од „Очи“ и „Љубов“ до Небиднина, Гледач во пепелта и Песна на црната жена, е токму во тоа што ништо до што се допрел човекот, дека ништо од она на кое е втисната неговата, човечка трага не пропаѓа во ништожност, дека човекот трае длабоко и толку трајно во иднината колку што во неа трае, по него, неговото сопствено дело.

Затоа песните на Ацо Шопов, особено оние од неговата последна поетска фаза, живеат во границите на апсолутниот простор на човештвото. Основната нивна супстанција, оној прасупстанцијален елемент од кој тие настанале е оној хераклитовски оган, тој неизгаслив, речиси космички и митски димензиониран оган кој светли, ги распламтува тие пожари во нас и надвор од нас, не ни дава да стивнеме сѐ дури во него не изгориме. Тој траен оган во оваа поезија, чија поетска апотеоза е една од најубавите песни на Шопов „Долго доаѓање на огнот“, всушност, е симбол на онаа хераклитовска река на настанувањето и исчезнувањето на човекот, која истовремено коинцидира со него, со она најчовечкото и најтрајно што на човека му е дадено и што е потрајно од него самиот – а тоа е љубовта, таа втора одредница на автохтоното поетско искуство на Ацо Шопов, на која тој ѝ ги посвети своите најубави песни.

Затоа и можеме да речеме дека во неговата поезија небиднината коинцидира со љубовта Така гледаме дека дури тогаш го опфаќаме тоталитетот на поетското искуство на Ацо Шопов кога велиме дека е тој поет на тишината, поет на љубовта и небиднината како едно единствено чувство и чувствување на животот, бидејки неговата поезија потврдува на еден неодминлив поетски начин дека меѓу љубовта и небиднината нема разлика, бидејќи, како што самиот ќе рече: Тука се раѓаат сами и гаснат сите нешта“ („Грозомор”)

Македонската поезија во личноста на Ацо Шопов го има еден од своите врвни лиричари. Како и кај неколкуте наши бележити поети, втемелувачи на повоената македонска поезија, неговата песна се карактеризира со еден богат и мошне слоевит поетски јазик, кој фасцинира со живи, прегнантни возбудливи и сугестивно експресивни слики кои се преточуваат во еден блескав музикален говор, неверојатно мелодиски звучен, сонорен и сугестивно продорен. Неговата песна е така кохерентно градена што ниту еден збор, ниту една слика не може од тој толку цврст поетски постамент да се помрдне, а притоа да не се разурне нејзината совршена поетска архитектоника. Но, над сѐ, неговата песна ја карактеризира еден богат внатрешен живот со богата поетска асоцијативност во која колку подлабоко нуркаме, толку подлабоко таа се разгранува и раширува, па се чини неопфатлива во својата длабоко емоционална и длабоко интелектуална полифонија.

Но, со сето тоа вкупом, неговата песна секогаш имплицира длабоко во себе и еден конзистентен морален став. Таа никогаш не ги изневерува моралните прерогативи на пеењето како изворно, како свое автентично живеење, бидејќи извира од еден човек кој е и поет, а не само од еден поет кој е и еден човек. За Ацо Шопов поезијата е еден од најприродните и најнепринудените начини на однесувањето на луѓето меѓу себе. Кај него е демистифицирана поезијата како „метафизичко чудо” и затоа таа за него остана истовремено и еден од најчовечките начини да се живее и опстојува во светот, за да може низ неа човекот да се одгатнува самиот себе си и, на тој начин, да ја одгатнува вечната и крвавата загатка на тоталниот проблем на животот. Тој консеквентен морален став на неговата поезија да се остане апсолутно доследен на самиот себе го гледам и во неговиот непрекинлив пледоаје да се остане секогаш, да се биде секогаш на својот сопствен извор.

Токму затоа, доследен на своето поетско битие да ја доболува својата песна како своја најдлабока животна судбина, Ацо Шопов беше и остана сиот свој живот само поет.

Еволуција на поетското искуство Шопов

Полесно е како Колумбо, да се открие
некој друг, нов свет, отколку подлабоко
да навлеземе само во еден дел на овој,
коj ни се чинн дека така добро го познаваме.

Хенри Торо

Како еволуираше поетското искуство на Ацо Шопов? Кои се трите најмаркантни фази на неговата поетска еволуција?

Во првата фаза во неговата поетска и естетска еволуција, која ја сочинуваат првите негови три книги: Песни (1944), Со наши раце (1950) и На Грамос (1950), неговата поезија ја открива револуцијата во три доминантни теми: борбата, љубовта и смртта.

Пркосен и акционен стих

Темата на борбата во неговата поезија од првата поетска фаза е поетски транспонирана низ две доминантни согледби. Од една страна, Ацо Шопов во повеќето свои песни го открива ужасот на војната, онаа апокалиптична атмосфера на уништувње, оние инферналии од воениот масакр низ кој човечкото војување е налик на кланица:

Пред мене труп…
зад мене труп
крај мојте нозе се грчи брат,
и крв му плиска од пресечен врат,
а напред там –
смачкан куп –
сѐ труп врз труп,
(„Сон“)

а, од друга страна, борбата го открива и она етичко величие на цел еден народ, кој токму низ борбата, низ онаа перманентна борба што била патување до себе, се осмислува, претворајќи ја својата национална небиднина во целосна и дефинитивна афирмација на своето национално битие. Оние, на пример, почетни, навистина драмски и херојски, патетични и трагични слики од „Очи“, една од најубавите песни што ја имаме во нашата поезија на тема на НОБ:

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в рце,

го откриваат оној македонски непокор, оној револуционерен самопрегор, онаа величественост на смртта во борбата за афирмација на човековата слобода, за силината на љубовта над смртта, за семоќта на верувањето и надежта над очајот и скепсата. „Очи“ е несомнено една драма низ која се раѓала и една огромна љубов низ една беспоштедна смрт. Лирското во неа е во интимниот однос на поетот кон саканата-соборец. Меѓутоа, вредноста на оваа песна е најмалку во нејзината молска сушност, во нејзиниот интимистички поттекст. Таа се издигнува како неприкосновена вредност во чувствата на возвишеноста и трагичноста, што ги открива низ секој свој стих, низ секоја слика, што низ митски симболи ја сугерира големата визија на иднината, што успева една субјективна стварност да ја претвори во објективен национален симбол, што ја поистоветува, како во секој мит, личната трагика, индивидуалната љубов со општонародната, што – во и низ индивидуалниот случај – ја открива големината и величието на општонародната борба.

Општо земено, Ацо Шопов од првата фаза во неговата поетска еволуција се надоврзува на поетиката на револуционерната и патриотската поезија кај нас и во првите години по Револуцијата. Неговиот стих е пркосен, акционен, честопати директен во идејната порака, притоа секогаш револтиран, како во На Грамос, против неправдата, злосторството, предавството, мракобесието.

Така директно и отворено ангажиран поет Ацо Шопов е само во онаа своја прва поетска фаза. Подоцна тој ќе се повлече во себе и ќе се обиде да го одгатнува битието човеково, битието на отстапувањето, смислата на нашето поминување низ светот преку своето сопствено откритие, низ своето сопствено себеиспитување. Тој сега ќе ја истакне девизата на својата поетика според која само вистините за себе можат да бидат вистини и за другите ако не се осмисли најнапред себеси.

Така почна втората фаза во поетската еволуција на Ацо Шопов, фазата на интимната лирика, која интегрално дојде до израз во неговата четврта книга поезија Стихови за маката и радоста (1952), како и во еден значителен дел песни во Слеј се со тишината (1955).

Чувството, супстрат на песната

Во својата втора поетска фаза Ацо Шопов им дава исцело хипостатично место на своите интимни преокупации, на оние интимно-лирски изливи кои го имаат својот зародиш веќе во првата фаза од неговата поетска еволуција. Меѓутоа, ако во својата прва поетска фаза тој во концепирањето на песната тргнуваше од општото кон личното, сега, во втората фаза, општото сѐ повеќе се губи и личното добива хипостатичко место. Неговиот стих сѐ повеќе ја редуцира во себе естрадната патриотска и социјална реторика и поранешната амбиција да биде повик за остварување на големите социјални и општествени идеи. Неговиот стих повеќе не им се обрнува на масите, туку на човекот како единка. Тој веќе не е емфатичен, ниту монументален во своите идеи, туку пред сѐ, меланхоличен, тивок. Додека во првата фаза општиот поим на кој можеше да се сведе целокупното негово поетско искуство беше борбата, сега во втората фаза, станува тоа тишината:

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.
(“Во тишина“)

или:

Можеби за болот друго срце треба
и тагата да е лач на месечината,
можеби јас нема да се најдам себе,
можеби…Но слеј се, слеј се со тишината.
(„Утре“)

Кои се доминантни белези на поезијата и поетиката од оваа втора фаза во поетската еволуција на Шопов?

Целокупната негова поезија од фазата на интимната лирика има видлива автобиографска основа. Во основата на конципирањето на песната лежи личното емотивно доживување. Песната, главно, е замислена како своевидна лична релаксација на своите сопствени, лични трауми:

За сина ти, знам, срце те влече,
„Врати ми се, дојди дома, мил!
Чинев, еве, идеш да ми речеш:
ти со него дамна не си бил“.
(Не љуби ме)

Освен тоа што неговата поезија претставува во оваа фаза, всушност, транспонирање на сопствените лични доживувања, не помалку доминантно место зазема и сетилната евокација: неговата песна продира до сетилно видливото и сѐ во неа е сведено на него. Затоа супстратот на песната го сочинува чувството. Во оваа смисла, неговата втора фаза, фазата на интимната лирика е емоционално мошне богата зашто е непосреден одѕив на срцето, така што целокупната негова исповедна лирика е создадена врз традицијата на романтичарската поетика.

Она имено, што Ламартин го вели за себеси: „Овие стихови беа лелек или крик на душата. Јас го вритмував овој крик или ова лелекање во самота, во шума, на море то е сѐ“, тоа е поправо сѐ врз што се држи песната во оваа фаза од поетската еволуција на Ацо Шопов. Вака конципирана неговата интимно-исповедна лирика низ чии молски штимунзи завладеа резигнацијата, болката, тагата, умората или разделбата, се роди пред сознанието дека пред несреќата сме немоќни и дека несреќата, колку човечката цивилизација и човечкото општество да еволуираат и напредуваат, никогаш не ќе може да се оддели од човека, зашто таа е всидрена во неговото битие и зашто нема ниту еден напор човеков кој еден ден не ќе пропадне, ако веќе секој живот завршува со смртта.

Таквото доминантно чувство во интимно-исповедната фаза на Ацо Шопов ја прави меланхолијата доминантно настроение што бдее над секоја негова песна, а неговото сфаќање за светот црномрачно. Меѓутоа, овој мошне типичен ацошоповски црномрачен концепт, метафорички најцелосно се изразува ако се именува со она што го вели самиот поет: бела тага. Таа, значи, бела тага, не е негација на човекот, зашто неговата поезија ни во еден момент не губи верба во големите човечки вредности. Токму напротив. Во повеќето случаи таа претставува нивна апотеоза, апотеоза на слободата, убавината, љубовта, наспроти ропството, грдоста и омразата.

Се разбира, сите овие рефлексивни продори ќе дојдат до полн израз во третата фаза на неговото поетско искуство. Она што меѓутоа, на меланхоличните настроенија во песните од Стихови за маката и радоста им дава вредносен акцент, тоа е она доминантно чувство во нив дека од искона со човекот владеат некои никогаш докрај недоловливи сили на кои тој е немоќен да им се спротивстави и да им тури крај. Зашто: што е она што ја прави разделбата меѓу лугето, зошто една голема љубов, некогаш, се претвора сега во голема омраза, а една убавина – во една грдота, и кој е тој што седи во нас и без престан нѐ тера да повторуваме: Зар вреди она што мислиш дека вреди? („Бела тага на изворот”)

Кога се појави Слеј се со тишината , која сѐ уште не е ослободена од чисто спонтаниот и од екскламативниот тон, од сентименталната разнеженост, но која содржеше и десетина песни со еден сосема поинаков призвук, како што беа: „Го барам својот глас“, „Промената“, „Залажување“, песните посветени на убавината [„Убавината”, „Ах таа убавина”], па: „На езеро“ или „Лов на езеро“ и тн., на мегдан беше еден Шопов кој, врз континуитетот на досегашниот Шопов, се обликуваше во една изразита поетска индивидуалност во повоената македонска поезија. Така, од 1955-та наваму трае третата фаза на поетската еволуција на Ацо Шопов, која, главно, ја сочинуваат книгите: Ветрот носи убаво време (1957) Небиднина (1963) како и сите песни што ги објави сѐ до крајот на својот живот.

Низ своето ново поетско искуство, откриено и донесено во третата фаза од неговата поетска еволуција, Ацо Шопов направи досега најрадикален и најдлабок обид да нурне и да се всидри до и на најдлабокото дно на самиот себеси.

Многузначна метафорика

Во „Петтата молитва на моето тело“ тој ја екстрахира оваа мисла во вид на едно самопрашање што гласи: „каде потаму во мене?“, прашање кое ја потврдува во последната инстанца естетската позиција на Ацо Шопов дека тој потрагата по себе ја смета како своја најдоминантна поетска опсесија. Така и сега, поетската и естетската еволуција на Ацо Шопов не трае во знакот на една своја самонегација, туку во знакот на една своја перманентна самоафирмација.

Во сите три суштествени негови поетски фази може да се следи една единствена поетска личност. Ако, како што рековме, во првата своја фаза Ацо Шопов тргнува од општото кон личното, од втората само од личното, а во третата од личното кон општото, ако значи, низ сиве три неgови поетски фази се чувствува поинаков пристап кон смислата и функцијата на песната, во основата на поетскиот став кон поезијата стои секогаш една единствена личност.

Неговите три фази не претставуваат некои затворени кругови што не упатуваат едни на други, туку напротив, тие имаат такви органски тангенти меѓу себе што се незамисливи едни без други. Не е неговата песна, било да се вика „Очи“, „Не љуби ме“ или „Небиднина“, некоја песна друга, поинаква, некоја песна на некој друг глас. Не. Тоа е истата песна, тоа е истиот глас чиј што спознаен волумен, чија што спознајна пенетрација во смислата на животот и сушноста на траењето, е, меѓутоа, од првата до втората и од втората до третата поетска фаза сѐ поширокострана, сѐ покомплексна, сѐ послоевита.

Во својата трета поетска фаза, поетот, на пример, не ја пее и не ја боледува само тагата своја, само болот свој, само занесот свој, туку каде и да се сврти, кон што и да ѕирне околу себе и во себе, забележува дека е сѐ менливо и минливо и дека сѐ почнува со љубовта, таа доминантна тема во сите и низ сите негови постски фази, а сѐ завршува, како што денес низ сето негово постско искуство е видливо со небиднината.

Од сето тоа се раѓа во поетот оној негов перманентен неспокој, карактеристичен и за првата и за последната фаза на Ацо Шопов. Од тој неспокој создава поетот и открива во тоа создавање сега една цела ракатка највозбудливи прашања на современата егзистенција за животот и небиднината кои во нашиов век постојат веќе незамисливи едно без друго, зашто на постоењето непостоењето му се заканува во секој и низ секој миг.

Така, низ третата своја поетска фаза, поезијата на Ацо Шопов донесува многу покомплексни, многу поширокострани и многу универзално подраматски и посудбински сознанија и откривања отколку што тоа го донесе или можеше да го донесе исповедната екскламација во претходната фаза. Битно за најновата фаза е тоа што тој во неа открива една многу посложена реалност отколку што ја донесе или можеше да ја донесе реалноста заградена во својата лична и исповедна зона. Сфаќајки ја денес, како и порано низ сиот свој поетски континуитет, песната како потрага по себе поетот забележува и открива во тоа свое себе веќе нешто што е вон од неговата приватна реалност, нешто што е над него. Така, на дното од своето битие тој го открива небитието воопшто, кое нѐ дебне, кое татни во подземјето, кое бдее во надземјето, во светот што го живееме. На дното, каде што треба да биде, поетот ја открива небиднината воопшто, осмислувајќи ја поетски неа низ ретко прегнантни и возбудливи симболи:

Има долу една тешка крв. Има крв една
Има една крв густа како црна смола,
крв ненаситна и исконски жедна.
Има една стара крв, црна и гола.
Лежи она и рие како крт.
Оди од праг до праг, рие низ свеста,
Непогрешно и неизбежно како смрт
ги исполнува сите празнини и места.
(„Има долу една крв“)

Во оваа негова поетска фаза бдее небиднината како настроение, како атмосфера, како спознание, но и како едно филозофско становиште. Се разбира, кај нашиот поет небиднината не се раѓа од некој трансцедентален систем на идеи, таа, како и сѐ друго кај поетите, е резултат на она што поетот го доживува и чувствува за современата ситуација на човекот во денешниот свет. Ако, кон тоа, земаме предвид дека во основата на поетската експресија во најновото поетско искуство на Ацо Шопов од последната фаза доминира една многузначна метафорика во чијшто супстрат лежи поетскиот симбол, можеме да речеме дека специфичноста на медитацијата во поетскиот свет на Ацо Шопов е во нејзината лирска сушност.

Mагиската сила на зборот

Новите специфичности на неговиот поетски говор доаѓаат до полн израз во слоевитоста на неговиот поетски свет. Во оваа смисла, неговата трета поетска фаза донесува и едно ново тематско подрачје, како во неговата, така и во нашата современа поезија воопшто. Тоа подрачје е магиската сила на зборот, на оној збор со кој опстојуваме во светот, било да му се спротивставуваме, било да го афирмираме. Низ ова свое тематско подрачје поетот ни ги открива тајната и смислата на зборот, ни ја открива онаа конвулзивна драма која се збиднува во процесот на творештвото кога стоиме пред раѓањето на зборот, зашто чувствуваме дека е само тој моќен да му одземе или пак, да му даде смисла на сѐ она до кое ќе се допреме да го спознаеме. Па ако зборот, тој столб врз кој градиме сѐ во поезијата: војни и земјотреси, поплави и селидби, пустоши и колери, надежи и очајувања, слободи и ропства, животи и смрти, ако, значи, со него го афирмираме или пак негираме човекот и цели народи, ако значи, тој и таквиот збор што како Атлас ја носи врз себе во поезијата сета земја, сите нејзини убавини и проклетства, ако тој и таквиот збор во поезијата е толку моќен и семоќен – тогаш има ли поголема поетска тема од потрагата по неговото раѓање, од осмислувањето на она што на сѐ му дава смисла:

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.

Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.

Збор се двои од темнината.
Модер јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш
небото го лулаш, земјата ја вртиш.

О ти што постоиш зашто не постоиш
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
зборот што ги крши сите слепоочници.
(“Раѓање на зборот“)

Зборот во поезијата на Ацо Шопов има една би се рекло космичка димензија. Таа негова моќ земјата да ја врти и небото да го лула, таа негова моќ да биде коперниковски центар околу кој се врти и се движи сѐ, тој збор што е налик на сите мирни заробеници, тој збор, таа тврдина камена, што како каменот останува, и покрај сите мени и над сите луњи и покрај сите столетија, сѐ така неуништив и сѐ така моќен и севишен, тој збор што се двои од темнината и кому модар јаглен му гори во утробата, тој збор што го пренесува прометејскиот оган низ мракот, тој збор што е и искра и пламен, што запалува и изгаснува пожари и револуции, тој збор што ја пее големата човекова исконска радост, болка и тага: тој збор е песната, големата човекова песна што се простира од крајот до бескрајот, од пределното до беспределното, од видливото до невидливото, од цветот земен до ѕвездите небесни маглини.

Чувствувајќи ја, на тој начин, моќта или семоќта на зборот, поетот му се обрнува:

Својот гроб со прокуда го копам
отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.
(„Раѓање на зборот“)

Но, има токму таков еден македонски збор. Во макотрпната потрага по него, во песната „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор” поетот го определи него како „збор на раѓање” и како „збор на лелекање”. И целокупната поезија на Ацо Шопов е испеана, создадена од тој македонски збор, што е збор-раѓање и збор-лелекање, што е збор-прокуда и збор-проклетство, што е збор-плач и збор-утеха:

Пронајди збор на раѓање, на лелекање,
пронајди таков збор. И овој храм
затворен во својата древност и голем од чекање
ќе ти се отвори покорно и сам.
Пронајди збор на раѓање, на лелекање.

Тој збор во поезијата на Ацо Шопов е љубовта. Така љубовта е една доминантна поетска тема во поетското искуство на Шопов. Процесот на нејзиното поетско осмислување трае аналогно на поетската еволуција на овој поет сѐ до неговите последни песни. Додека во првите две фази љубовта е или сведена на непосредна еротика, или свртена кон оние традиционалистички нејзини манифестации: разделбата, изневерата или страственоста, во третата фаза, во циклусот „Молитви на моето тело”, поетот ја разгатнува филозофијата на љубовта.

Метафизичката сушност на љубовта

Иако на прв поглед се чини дека, на пример, единаесетте молитви ја откриваат хедонистичката страна на љубовта, или нејзината пренагласена сетилност, сепак, во нив во прв ред доминира нејзината метафизичка сушност, онаа таинствена димензија што ја прави неа никогаш спознатлива докрај и кон која сме секогаш и засекогаш свртени како кон чувство кое е праподвижник на сите наши и сетилни и духовни моќи. Колку, меѓутоа, и да сме го доживеале тоа чувство, колку и да сме го спознале еднаш, стоиме пред љубовта секогаш како пред тајна, зашто колку и да ни е позната, тоа никогаш не се доживува и не се повторува на ист начин. Љубовта е неповторлива како животот, како смртта, како убавината, и токму затоа е вечно обновување:

Ах таа убавина, ах таа убавина,
тоа диво во крвта завивање.
Кине, граба, сече, носи како лавина,
вечна е притаеност и вечно откривање.
(„Ах таа убавина“)

Несомнено, некои од најубавите песни на Ацо Шопов посветени ѝ се на љубовта. Каков е и колкав е нивниот естетски дострел станува веднаш видливо кога, по богатството, исклучителноста и необичноста на нивните слики и метафори, по онаа грациозност и суптилност на стихот, по онаа библиска елиптичност и сеопфатност ги споредувам нив со „Песна над песните“:

На твоето чело високо пасат плашливи елени,
ти имаш раце силни и зараснати длабоко вземи,
во твоего грло растат треви зелени,
твоите зборови се ковчести и остри, но неми.
(„Шеста молитва на моето тело“)

Има во осмислувањето на љубовта нешто од нашата катадневна претстава за неа:

Твојата молбена закана, твојата лукавост нежна
и сите твои слатки измами ги знам
(„Седма молитва на моето тело“)

Има од оној фатализам и егоизам што ѝ се нејзе иманентни и кои се неразделни од неа:

Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима,
цел живот патуваме од еден до друг
и секој го крие она што го има.
(„Петта молитва на моето тело“)

Меѓутоа она што е најкарактеристично во филозофска смисла за сфаќањето на љубовта во третата фаза од поетското искуство на Ацо Шопов, тоа е нејзиното коинцидирање со небиднината. Она на што љубовта најповеќе прилега, тоа е небиднината. И не е ништо чудно зошто во новото поетско искуство на поетот сè во поезијата — како непосреден однос на човекот и светот, животот и духот — се одвива, се зародува, се осмислува помеѓу вечното раѓање и вечното згрутчување на крвта, меѓу онаа љубов и онаа крв, како што е тоа вонредно сугестивно видено во песната „Лузна”, која не може да се смири, која рие во нас, нè прогонува, за најпосле, на крајот, на секој неминовен и неизбежен крај, да се претвори во небиднина која неизбежно како смрт ги исполнува сите празнини и места.

Во тоа е, ете, драмата на поезијата на Ацо Шопов, еден автентичен поет non plus ultra, за кој поезијата била отсекогаш само еден од начините да се живее, еден од начините да се опстојува, за вечно да се одгатнува вечната крвава загатка, во што е тоталниот проблем на животот.
____________________
* Поговор на Гледач во пепелта (избор), 1991
Старделов е автор на монографијата Небиднината: поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов, 2000.
Студии на Старделов за творештвото на Шопов work in process
По повод Ветрот носи убаво време, 1958
Нуркање во длабините на битието, 1970
Поетот Ацо Шопов, 1977
Поговор на Гледач во пепелта, 1991
Првата деценија од поетското творештво на Ацо Шопов, 1993