Остер сатиричен збор*

Миодраг Друговац

Додека ги читав овие сатирични песни на Ацо Шопов од книгата Јус-универзум, се чувствував како фатен во некоја чудна интелектуално-психолошка стапица, истовремено задоволен и револтиран, радосен и мачно тажен од прочитаното. А, зошто?

Ацо Шопов е превосходен лиричар; во Небиднина, една од најдобрите книги поезија кај нас (во Југославија), неговата лиричност радикално е збогатена со една рафинирана рефлексивност, при што во некои песни не е незабележлива дискретно-интонираната интелектуална поента. Сето тоа придонесуваше спектарот на неговата експресија да се здобие со уште една, присушта димензија на модерната поезија.

Меѓутоа, сега и овде пред нас е нешто сосем ново, непознато, па дури и ненасетливо во поетскиот опус на овој наш поет, освен ако не се има предвид неговата актива што во таа насока се движеше на страниците на Остен. И тука е она прашање, онаа стапица: можеме ли да го доживееме овој и ваков Шопов? Шопов, сатиричар, Шопов во едно сосема поинакво естетско руво. Шопов без лиричност, тивка медитација, префинето чувство, длабока животна филозофија иtн., а според веќе утврдените претстави за него, па и претпоставки за неговите творечки ефективи?

Но, од друга страна, зарем тоа префинето чувство, таа длабока животна филозофија, па и лиричност во границата на дозволеното – зарем сето тоа не е присутно и во овие, сатирични песни на Ацо Шопов?

Впрочем, зарем не е точно дека секој вистински и секој голем уметник, па и уметник на зборот, мошне тешко може да се рангира според овој или оној теоретски образец, афинитет, вкус, или според нашите субјективни претпоставки за неговите творечки можности и интересирања? И уште нешто: зарем не е точно, дека токму една емоционално богата личност единствено може да ги впие во себе оние суштински животни мигови што се – од оваа или онаа причина – петното на субјективната или општествената деформација, карикатура на еден морал, на животните и општествените кодекси? Единствено, во една фаза на својата творечка еволуција

А Шопов почувствувал дека е субјективно нужно и објективно корисно да се јави со овој грст сатирични стихови и на тој начин, отворено и директно, со остер збор, рафинирано и целесообразно да ја продолжи нитката на уметничката функција во општеството. Поетот може да пее за славејот, за тревите, езерите и бакнежите (дури и под оваа наша, веќе сега поетски детронизирана месечина!), но поетот, со своите стихови, може да биде и ѕвоно, камбана, будилник на совеста, критичар на животот, неговата свест и совест. Таков е Ацо Шопов во овие свои песни.

Во некои песни објектот е, би можело да се рече, наполно препознатлив; па сепак, впечатокот за карикатурата е општ, личноста и кога е препознатлива се доживува само како претставник, доколку не и како тип, на редица други исти или слични луѓе, без оглед на тоа дали се тие камелеони, бирократи, доматичари, (само) рекламери итн., или сето тоа заедно како во онаа ненадминлива сатирична песна „Јус-догматичар“, во која се препознава сета гротескност на една длабоко вкоренета појава, доколку не и сила, што во ова наше општество профитира со нервите на сите нас. За наполно да се разбере треба да се прочита целата песна за тој што многу патува и секогаш на сите им суди […]

Со респектирање ќе ја затвориме оваа добродојдена и ретко значајна, несериска книга стихови. Таа е огледало, но и прирачник на нашата општествена совест.
______________
*ДРУГОВАЦ, Миодраг: „Остер сатиричен збор – (Ацо Шопов: „Јус-универзум“, 1968, Мисла)”. – Вечер, 04.01.1969
______________

За сатиричната поезија на Шопов, прочитајте ги исто така: