This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Лирика на црната небиднина*

Душко Наневски

Душко Наневски (1929-1994), македонски литературен критичар

Душко Наневски

Кој ти го даде тоа име, водо непроѕирна, водо црна?

А. Шопов, „Небиднина”

Во повоената македонска поезија, јавувајќи се со првата генерација, Ацо Шопов несомнено има една пионерска и истакната улога, потврдена и со водечко учество и влијание низ сите нејзини развојни фази до денес. Од друга страна, секако не е случајно што низ неговиот творечки раст можеби највпечатливо се огледува и текот на нашата поетска еволуција. Дека тоа не е обично совпаѓање, доволно е само да се потсетиме дека некои негови творечки објави означија и почеток на нови етапи во нашата современа поезија. Неговите партизански Песни (1944), печатени како прва збирка на ослободениот збор, го отворија почетниот период на национален и колективен занес, со егзалтација на идејата и социјална романтика. Со збирката Стихови за маката и радоста (1952), кои на времето предизвикаа бурни реагирања и полемики, пак тој го најави пресвртот кон потиснатите интимни мотиви, низ кои потоа, во периодот на интимната лирика, се разгрнаа многу поетски светови и лирски настроенија. Можеби поради овој пресврт, тој и денес кај едни повеќе е познат како поет на борбени балади, кај други со своите лирски минијатури за тишината.

Меѓутоа, оваа промена содржи и едно креативно единство и една подлабока паралела меѓу поетот и одот на времето. Мислам дека во него имаме една изразита творечка индивидуалност, со усет за битни процеси, слух за нови барања, чувство за она што доаѓа. Во таа смисла веќе се наѕира и местото на неговата најзначајна поетска книга: Небиднина (1963). Иако и пред неа се забележуваше една потрага по откривање на комплексните наследства во поетското битие, низ спонтан стих, изгледа токму тој го донесе она што го бараа многумина: го идентификува трагичното чувство на Небиднината како димензија на нашето постоење. Навистина, тоа дојде во миг на интензивни струења во таа насока, но затоа ѝ даде еден судбински амблем на нашата модерна поезија, особено со поетското ниво на своето доживување на небиднината, под чие дејство веќе се јавуваат и други небиднински визии и таженки, можеби пак како нови синтези на традицијата и модерниот поетски збор.

Во уводната песна на Небиднина тој нов почеток, самиот поет го означува како: „Раѓање на зборот”. Beќe со акцентот на раѓањето на зборо изразена и сета разлика од поранешнптп „пеење” на зборот. Во таа смисла, вредноста на оваа песна е параболична, открива еден преломен, интензивно доживеан миг на нов пристап кон творечкиот чин. Иако барањето на новиот збор отсекогаш било опсесија на поетскиот немир, во оваа песна има нешто што кај снего првпат се јавува, еден продор до пеколот на творештвото, што допира до огнот на зборот. Кога со почетните стихови „Глужд на глужд, камен врз камен“, ја навестува тежината на тоа пробивање, во него се пали еден таен оган со моидар пламен, што го гони да изгори во јагленот на зборот и да се стопи, или да го најде и да го донесе во поезијата зборот што го бара.

И додека „чади ноќта“, а „зборот се двои од темнина“, тој во очај се обраќа до творецот во себе, да ја отвори „тврдината камена” во чии наслаги ја чувствува и тајната и моќта на зборот. Потоа доаѓа и онаа маченичка „Молитва за еден oбичен но уште непронајден збор“, како бдеење во храмот на ноќта, додека да се јави големиот и вистински збор што ќе трае и ќе зрачи како поезија.

Во душевните длабини изгледа ја открива новата формула, а во огнот на зборот го наоѓа и клучот со кој ја отвора својата богата тврдина, за да биде откритие и за нашата поезија. Раѓањето на зборот потоа стана и пошироко прифатен израз за модерниот алхемиски транс, што најде ехо и кај поетите и меѓу истражувачите и антологичарите на поетскиот сон.

Молитвите: еротска поетизација на љубовта

Првиот резултат од овој квалитетно нов однос на Ацо Шопов кон поетскиот чин е циклусот „Молитви на моето тело“. Зборот што така долго и упорно го бара поетот, всушност е најубавиот човечки збор и се вика: љубов. Овој прастар човечки збор, инспирирал многу поети да ја откријат својата творечка димензија. Во поезијата на Шопов љубовта и порано често била доминантна и сакана тема. Во „Молитвите“, меѓутоа, тој како да доаѓа до тајната на магијата со која од љубовта и зборот се создава најубавата поезија. Во единствена инспирација, налик на исконски човечки говор во песна, се чини спонтано се испеани сите „молитви” со еднаков внатрешен интензитет и во сублимирани поетски облици.

Она што најнепосредно привлекува, и изненадува, тоа е еротската сензуалност на овие поетски молитви. Од првата, до последната, во нив се протега еротиката на телото, со постојани преобликувања во поетскиот говор: како лирика на крвта, која со нескротена дивина бара „корито да тече“, како жеден „мост меѓу два брега“, кој во „извиен лак“ чека „некој бран да го плени“, па да заечи „сино од нежност“; или како гладен виј на вијот земен“, што лута низ сите предели да разбуди „срни во нечии зеници“. Beќе и од овие неколку изрази доволно е впечатлива еротската тензија во поетската мисла и во поетската слика. Понекогаш се чини таа достига и степен на опсесија, што не прави разлика меѓу болка и екстаза:

Сплети ги тие светлини, тоа горење бело,
тие секаквици во темнина што спијат,
обви го со нив ова гордо исправено тело,
сеедно како камшик или ко бршлан вијат!
(Четврта молитва на моето тело)

Во оваа жед за изгор во убава љубов, секако се огледува човековата преокупираност со еден праисконски порив, што во случајов оди од хедонистичко сфаќање на животот, до едно сосема современо чувствување на телото како синоним на постоењето. Можеби и со модерен обид за ослободување на еротиката, во фрojдовска смисла, како психолошки прамотив на креацијата и импулс на поезијата.

Меѓутоа, исто така е видливо и дека тоа грешно, „издолжено тело“, кај овој изразит лиричар, сепак, не останува предоминанта на неговата нова лирика, ниту оди во крајностите на помодната вулгарност во поезијата. И кога е „темен вител“ во крвта, еротскиот порив само го интезивира поетското доживување, низ кое добива и сосема култивиран израз. А под наплив на љубовни емоции, се преобразува во чисти лирски облици, добива полна поетска сублимација. Еротското зрачење само открива дека поетот всушност одамна е желен за топлина и нежност, во едно долго и големо барање на љубовта: за неа „молитвено клечи“ и „од чекање гине“; распнат во „мрежа од страдања“, питомо живее од мугри на нечии желби; трепери пред „молбена закана“ и „студена штедрост“, меѓу болните контрасти на текстот и зборот, од „лукавост нежна“, до „слатки измами“, со повторлива трагика пребарува спомени, во блага иронија преколнува сè, и се надева само на топлина под „смирено крило“. Во ова повлекување има нешто многу блиско до една наша поетска традиција, до оној карактеристичен стил на чувствување во нашата песна, низ која еротската мечта питомо се преобразува во нежни лирски симболи.”

Низ слично преобликување на крвните и емотивните немири, во „Молитвите“ на Ацо Шопов се буди и истата, мечтателна имагинација, која еротскиот оган го пренесува во чудесни слики од сонот. Интересно е да се види како низ сите раслојувања меѓу секавици и сенки, во „ Молитвите“ сепак се разгрнува една изразито љубовна фабула, имагинативно развиена до размери на модерна љубовна бајка. Постепено телото се оцртува во став на антички дискофрлач кој „земјата ја корне со чело“, „на рамо носи месечина”, со „око фрлено во вселената“; а кога доаѓа Таа, го мами под „водопад од месечина“, како танчарка во „домородечки ритам“, што станува „везилка на играта“ и, исчезнува како „пеперуга на сонот недоболина“. Во оваа хипербола на љубовната идила, што останува во впечатокот како силуета од поетска фреска, се обединуваат линиите на сите еротски и лирски мигови. Тоа и ги поврзува „Моливите“ во една голема љубовна поема, особено со онаа историска и интимна проекција на љубовната игра, што се простира и открива во слоеви, низ дискретни, аликвотни значења на сликите и зборот.

Оваа лирска поетизација на љубовта во „Молитвите“, со секој нов стих се крева и кон една повисока продуховена апотеоза на љубовта. Како во „храм голем од чекање“, поетот во молитвеното бдеење го обзема и метафизичкото чувство дека љубовта е недофатна: и голема и света и вечна тајна. Тоа чувство дошло до израз и во насловот на поемата: „Молитви на моето тело“. Во овој навидум парадоксален спој, сепак се јавува една творечка симбиоза, што може и наполно да се осмисли: Хипостазата на телото, секако е крај на една религиозна или аскетска поетизација; но поетската апотеоза на љубовта секако е и отпор на нејзиното деградирање со порнографската слобода. Кога на поетските откривања би им се давало пореално значење, тоа би можело да биде оригинална идеја за еротски и духовен интегритет на личноста, и пронајдена варијанта за едно ново верување во љубовта. Ако се чини илузорна оваа далекусежна претензија, со неа барем поетското сфаќање на љубовта задржува спиритуелна магика, низ која и се потврдува вредноста на „Молитвите” како поезија.

Колку повеќе се разгрнува циклусот на „Молитвите“, тие сè поизразито се откриваат и како длабока човечка исповед во љубовта. Ацо Шопов и од порано е познат со исповедниот тон во поезијата, тоа е негов знак на искреност. Низ овие поетски молитви за љубов, како што вели самиот, се разголува до болка. Само за миг како да се сепнува: „Каде потаму во мене?”, кога допира до оној симболичен „каракамен“, со запечатени лузни и страв од отворање на стари рани. Но тука изгледа и раскрстува со отпорот, сфаќа дека поезијата е во откриването на вистините до крај, и наога храброст да дојде до тажниот миг кога го признава и својот „пораз величествен“.

Потоа, низ пробивање до спонтаноста во поезијата, потечува и она мноштво од темни наследства, душевни трауми и интимни тајни. А во „Седмата молитва”, телото со „свенлива убавина“, го отпретува и долго криениот мотив на својата молитвеност, ја преколнува љубовта: „Биди му родилка, зачни го повторно сега!” Во таа молба љубовта да биде ,,милозлива, дарежлива и блага“, веќе не прави разлика дали доаѓа од „девојка, жена или мајка“, благодари на секоја рака што ќе му подари лековита, животворна вода. Така, барајќи го древниот еликсир кај сите носителки на нежноста, поетот изразува и едно подлабоко сфаќање за преродба во љубовта и на личноста и на песната.

Човечка и поетска драма

Beќе од ова произлегува дека „Молитвите“ на Ацо Шопов не се само еротска или филозофска поетизација на љубовта. Би можело да се рече дека во нивниот богат поттекст се чувствува и цела една човечка и поетска драма, потенцирана со својствената романтична инспирација на овој поет. Отпрвин, тоа е една носталгија по младоста, жал по неповратности, судир со преодноста, горчлива мудрост на годините. Некаде е сеќавање за едно старо проклетство, доживеано како продолжено изгнанство и тагување по загубениот рај. Поетот загатнува и еден мистичен круг, со фатална игра на судбината да останува вечен осаменик. Можеби и поради една обреченост да биде „на нестварни желби стварен светилник“. Тоа се и подлабоките извори на неговата меланхолија, овојпат исполнети и со чувство на незбиднатост, на една постојана Небиднина, како поим за неостварливост на исконските човечки желби и на поетскиот сон.

Кога така комплексно ги отпретува мотивите на својата трагика, поетот едновремено ги осветлува и судбинските удари што го детерминирале неговото чувствување на небиднината. Изгледа неговата таженка започнува уште со раѓањето на оној „каракамен“, во кој не случајно и сега го длаби својот лик низ постојано страдање. Некаде од детството доаѓа и оној глас на пекање и лелекање, покренат и до збор што „иде замелушен” и „крши слепоочници“. Во сеќавањето избиваат и слики на ужас, и струи во свеста трагично искуство од поминати премрежија.

Кон тоа проговорува и една генерациска траума, со загубена младост и задоцнет преграб по животна убавина. Оној „пораз величествен“ можеби е од напор да се одржи етичка рамнотежа во едно брзо време на искушенија и паѓања. Тука е и трепетот на градот „соѕидан од светлини и води“, над кој поетот бдее во ноќта со озрачени соништа. А „окото фрлено во вселената”, открива и уплав од еден кибернетски хаос, што носи „смрт во бело и сино“, стрепет од едно можно ново проклетство. Така излегува дека „Молитвите“ на Шопов се и молитви за еден свет што бара одбрана од отуѓувањето на човечката моќ во една подлабока хуманизација. Од овој агол, хиперболата на љубовта од онаа историска фреска како да говори дека за силата на Антеј сепак најдобра укротителка е танчарката, дека само љубовта може да го спаси светот, дека во продолжувањето на таа древна игра можеби е сета мудрост на човечкото постоење и во модерното време.

Ова големо единство на поетските мотиви, симболично вплетени во круговите на „Молитвите“, што навестува цел еден свет, ја означува оваа поема на љубовта не само како најзрело остварување на Ацо Шопов, туку и како една од најзначајните модерни синтези во нашата поезија. Поетот изгледа помно ја следел еволуцијата на поезијата, апсорбирал и митологија и традициција, и современи искуства и авангардни откритија, во одмерен ритам и звук на својот стих, со кој се разликува со поетските струења денес. Ако од сегашната наша богата поетска продукција останат неколку поеми со иднинско значење, верувам дека меѓу нив ќе бидат и „Молитвите” на Ацо Шопов. Го велам ова не од желба да пророкувам, туку и повпечатливо да истакнам дека стојат меѓу врвните и трајни вредности на македонската поезија, особено со сублимниот вид и антологиските облици во кои се донесени речиси сите единаесет молитви.

За небиднинското во поезијата на Шопов

Иако во „Молитвите“ се засегнати речиси сите знаци на небиднината, нејзините мотиви ги наоѓаме и сферично продлабочени, низ осамостоени поетски облици. Првин, во еден преоден циклус, од две навидум дисонантни рапсодии, со нешто повеќе реалии, пренесени во поетска сфера: во „Старо купувам“, сред извици на еден неисчезнат, анахроничен свет, што се среќава како неодминлива болка, поетот во себе доживува судир на две времиња, низ сатиричен откуп на „стари саги на совеста“ и гротеска на една „нова ‘рѓа на соништата“; а во „Романтично бегство“, донесува и една рацинска, сиромашка елегија, проткаена со ново двојство во личноста, меѓу трагика и егзотика на минато во сегашноста. Така и двете песни, сепак, впечатливо се разгрнати како фон од домороден амбиент и секојдневна атмосфера на една поширока небиднина.

Всушност, за поетот од небиднината вистинско бегство нема, совеста рие и во нова облека, и во далечина на минатото. Таму ги наоѓа корените на една постара небиднина, што го исполнува со чувство на поголема осаменост и горчлива таженка за очи што биле длабочини. Во „Лузна“ веќе проговорува и неговата немирна поетска крв. Долго носена како запечатена тајна, таа сега ги пробива сите огради, со силни удари низ сите дамари:

Те оградив во девет градини крви,
те затворив во девет грла,
што бараш уште, зошто ме прогонуваш крви,
зошто закануваш со своето копито темно,
зошто незасито?

Отпрвин, овој страв од немирната крв, што надоаѓа во диви ритми, како да идат „сите коњи дории“, од кои „татнат сите кории“, се чини како одбрана на една интима од продор на лоша крв. Но кога се јавува лузната, што им свети на патот како месечина, овој лирски одблесок ја осмислува оваа бујна легенда на крвта како прогон на историски ритам, во чие обновување се чувствува и голема трагедија. Сеедно што поетот пред заканата на тој нејасен топот привидно се засолнува во болот на својот човечки век. Во него останува крвта што ја продолжува драмата на свеста со нови колизии („Има долу една крв“), кога го прогонува „непогрешно како смрт“, или го повела како „семоќен владетел“, да ја следи и да не се дели од неа, и кога чувствува дека спонтано го носи меѓу судрени светови во зло време, од една во друга небиднина.

За разлика од другите поетски книги на Ацо Шопов, во Небиднина среќаваме само една единствена, мала песна („Квечерина“), во која поетот наоѓа миг на спокој, со повлекување во својот омилен свет на тишината. Но и ова интермецо повеќе говори за еден интензитет, во кој спокојство всушност и нема: доаѓа по исчадена мисла во ноќта, кога веќе „спијат и водите“, кога исчезнува и она „јато плашици од погледот“, како понесена паралела на немирот и во сонот. Во оваа двосмислена, убаво видена игра на зборот, ми се чини суптилно е досегната и една подлабока состојба на човекот во модерното време, со она чувство на постојана умора без одмор, немир без спокој, што и во залезот, водите и рибите, наместо лековита тишина, само ја наоѓа својата неизбежна слика. Веќе со трепетот на првите ѕвезди зорници, поетот го опфаќа вителот на јавето, го расонува како „играчка на денот“, со уште потрагично доживување на небиднината. Особено кога потоа слуша дека и земјата го вика да се израмни со неа, како неумолив глас на човечката судбина. Во просторот меѓу поривот на крвта и тој глас на земјата изгледа се провлекува и оној „нигде неживеан век“, што во „Очај пред тврдината“ веќе говори и за една неминовност што „суди и не жали“, од каде враќање назад нема.

По ова мнoгулико откривање на човечкото одење по маките, како нивна нова синтеза, доаѓаат петте песни од насловната поема „Небиднина“. Во таа црна поема на страдањето, како и во „Молитвите“, пак симболично се вплетени сите нишки на поетовата судбина, во нов творечки јазел. Поетот, како врзан со лоша магија, проколнат „цел век да патува од себе до својата небиднина“, ја донесува сега и како своја лирска биографија: уште со раѓањето мине низ пожари и урнатини, во детството скита „по жега, по суша, по невиделина“, расте во глуви лелекања и темни чекања; потоа доаѓа заборавената приказна за една „ноќ лисје“, „нoќ студен ров” во која со стравот ја добива и лузната; тука некаде се присенува и мистериозната маѓесница што му ја дарува онаа фатална „црна вода… од која се болува довек на која ѝ се обраќа во поразна немоќ:

Водо непроѕирна, водо црна,
ти што откинуваш секој ден,
по еден никнат цвет
од каменот на моето чело…
кој ти го даде тоа име,
водо непроѕирна, водо црна?

и додека поетот во болот на откорнатите надежи го бара потеклото на тоа проклетство, тајната на таа непроѕирна вода, како нејасно насетување на една поголема небиднина, некој невидлив во него го пали и оној модар оган, некој му го краде и слухот и видот, одвај се препознава vo stebloto што самее на ридот, со крик: „кој нè осуди на исто бдеење?“, а во поентата се јавува и таа, жената непозната, но „глува за лелек и очај“, како студено лице на судбината. Во овој единствен небиднински грозомор, кога се чини дека се собрале сите зли дуси во една несреќна душа, има нешто што ги оправдува споредувањата на Ацо Шопов со инспирацијата на „проколнатите поети“, од Бодлеровото цвеќе на злото, до црниот гарван на Едгар По. Распнат „по патишта во себе што не ги знае“, тој ја открива истата злокоба над светот, но во онаа црна вода излачува и своја човекоболка, давајќи ѝ го името небиднина, што може да стане и нов термин за фатумот на проклетството и светската тага во поезијата.

Најпосле, во „Песната и годините“, Ацо Шопов повлекува и една истрадана паралела меѓу себе и песната, како „два брега, два камена, две небиднини“. На човечки план, се чини дека во песната наоѓа последна утеха, што ги ублажува сите болки, кога се предава на нирваната на поетскиот сон. На творечки план, како да чувствува нова горчина од тоа што годините не ги компензира песната, што денот не се заменува со збор. Низ доживеани колизии во крвта, во очајот, во сонот, сознава дека во крајна линија сè се претопува во небиднина: песната извира од неа, таа ја исполнува со трагика. Не залудо вели: „Твоите години во мојата песна. Моите маки во твоето срце“. Токму со ова пренесување на небидната од душевните длабини во срцето на песната, го открива и нејзиниот лирски сублимат. Така Ацо Шопов излегува од круговите на интимата во во една чиста поетска сфера, во флуидот на црната небиднина наоѓа нешто налик на белата тага на Рацин, што се населува во секоја човечка душа. Изгледа со чувството за нејзиното простирање во сите насоки, потоа ги премостува сите внатрешни судири, и примирено прима на себе сè што е човечка болка и тага, што го доближува и изедначува со светот и времето преку поезијата. И ја благословува таа песна од земја и песна од небо“, како „време што не знае за стареење“, а во нејзиното богатење ја наоѓа и смислата на своето творечко претопување на годините во песната.

Татковинска димензија

Уште во „Молитвите” Ацо Шопов ја навестува родната земја од мака црна, како своја предодредена љубов, која постојано го поврзува со една заедничка небиднина. Низ другите песни сè повеќе се чувствува неразделно сраснат со неа, дотаму што во лирскиот релјеф на неговата нова поезија насекаде го распознаваме и нејзиниот пејсаж: телото во нема глад личи на „јаловица“, поцрнето од сонце, испукано од жега; прострено како неизодлива нерамнина, тоа на плеќи ја носи и „умората од ридјето“; брчките на лицето се „црни суводолици“, а рацете „два огна, две реки”, две небиднини. Секогаш кога се разгрнува себеси, отпретува нејзини наслаги, во имагинацијата открива нејзини облици.

За објаснување на таа длабока врска на поетот со земјата што го родила, во „Небиднина“ има еден многу интересен стих, кога вели дека таа е „црвеница“ во неговата крв, што продира во генезата на чувствувањето, можеби и до една хемија на песната. Претопена во крвта, или пластена во погледот, таа минува и во поетската слика, и дава свои одлики и бои на неговата поезија: и кога се јавува како спомен за „златен прав на јаболкница“ [Квечерина (?)] и кога во стрепет „по челото високо пасат плашливи елени“, и кога во мечтата вишнее со таа негова земја „црна од мака, од соништа зелена“. Не попусто вели дека се хранел „со лебот на нејзината убавина“, пиел „од грлото на нејзината песна“. Наполно свртен кон нејзините инспиративни извори, поетот овојпат остварува и сосема домороден вид на својата лирика, што на „Небиднина“ ѝ дава и една изразита татковинска димензија.

Во тоа сродено чувствување и лирско обликување на нашето поднебје во песната, постојано се вплетува и неговата небиднинска легенда. Кога поетот вели дека црнее од времето, тоа не е само чувство на осаменост, ни обична патина на стареење. Не случајно, некаде во близина, боровите „ја разлистуваат тишина на вековите“. Тие на поетската емоција ѝ навеваат црни сенки на судбина, опор мирис и наследена горчина од темни времиња. Во многу стихови впечатливо се гледа дека црната боја води потекло од некои далечни наречници, таа често напомнува на „Црна се чума зададе“, или наликува на „Црно му било пишано” со чии мелодии секако ја и доживуваме и откриваме нејзината небиднинска симболика, во смисла на една неспоредлива, македонска трагика. Во истата смисла, и топотот на коњите во крвта доаѓа од далечни немири и скитнички прогони по „патишта под бурјани”, „нoќи без месечина”, „денови без светлина“, толку судбински пребродени, што и во сликата носат наши фолклорни окраски. На едно место поетот и сам нагласува дека таа крв e „од претците (sic.) чиниш останата“. Во спиритуелен дослух со нивните невидливи духови во себе, ги добива и паганските обречувања, и глувите лелекања и фаталистичките привиди, како сочувани синтагми во јазикот, оживеани во поетска вокација. Тоа поетот и непосредно го кажува, кога сфаќа дека „секое утро (sic.) тврдината ја буди сонцето на тие што се мртви“. Ако тврдината е метафора за срцето на поетот, чувствувањето на минатото е уште еден постојан мотив во оваа небиднинска поезија, што ѝ дава митска и историска димензија. Впрочем, тоа е и говор на нашата древна песна, и силен бран во нашата модерна поезија, што ја исполнува со ментални наследства, пренесувани и обликувани низ небитници и селидби, небидија и црнила, тажаленки и темни кажувања, со еден збор: небиднини, од векови до денес.

Комплексна лирика

Овде се надоврзува и она современо неспокојство од егзистентни дилеми и немири на духот, што на поезијата од Небиднина и дава и една модерна димензија. Во растргнатоста на поетот често се изразува и еден наш чувствителен сензибилитет, колку условен од потреси на минатото, повеќе усложнет со современи пресии и адаптирања. Во страдањето на поетот има многу белези на питома и пасторална чувственост, во судир со една урбана динамика на животот и напор за поврзување со идеите на светот и времето. Низ неговата менланхолија се провлекува едно јасно чувствување на оно, злокобен „меч на тишината“, што го таи „очајот на оставени” над „мирот на погубените“; космичкиот немир во него предизвикува морбидни асоцијации, сенишни обличја апокалиптични призраци, поетски навестувања на една небиднина што можеби нè демне. За разлика од некои поети кои се обземени од истата морбидна состојба на светот, Ацо Шопов, сепак, не се губи во визии на апсурд, или во скепса на фатализам. На својствен начин тој сè што потемнува од вчера во длабини го крие, во ноќите го интегрира во нова вера, кога за секој откорнат цвет на челото никнува нова надеж во сонот, можеби како енигма што го држи светот и најубав дар на поетската тајна. 

Покрај овие изразити димензии, со една поразиена критичка медитација, во поезијата од Небиднина би можеле да се откријат уште многу досегнати знаци на судбината, особено во некои инспирирани мигови, со далекусежни поетски алузии: мошне е загадочно, на пример, потеклото на оној ,,гулаб вечен“, што гука „чудна една сказна од леб и од сребро“. Дали тоа е почувствуван говор на еден вечен и универзален закон, или тој чуден гулаб се јавува само над нашиот покрив, обновувајќи ја сказната за лебот и среброто како глас на наши гладни години и души? Од контекстот не е многу јасно дали е само израз на интимна драма оној изминат „рид од болка и човештина“, или може да се гледа како пронајдена етичка парабола за голготиката на нашето пробивање во времето? Интересно би било психолошки да се испита како поетот и својот „пораз величенствен“ го претвора во крик на ново раѓање [Прва молитва (?)], колку е тоа исконска моќ на човечката вера, дали е погодена витална црта на една наша жилавост, или е миг на поетска самоизмама? Посебно би вредело труд да се проследи развојниот пат на поетот и да се согледа подлабоката суштина на овој период, кога доаѓа под знакот на небиднината — дали е тоа преодно трагично чувствување на светот, неминовност на една морбидна современа атмосфера, или творечко навестување на една блиска фаталност? Најпосле, се чини примамливо и естетски да се објасни зошто поетот стана пленик на црната убавина, каква смисла сугерира кога таа е одблесок од библиската „Песна над песните”, бигор на нашата вековна елегија, напор да се одржи извесен принцип на хармонија и во разбиената структура на модерниот стих.

Се разбира, сево ова, што би дошло како аналитичко проникнување во многузначноста на една поезија и толкување на нејзината преплетена симболика, не дозволува поезијата од Небиднина да се сведува и именува со вообичаените определби: како еротска или рефлексивна, родољубива или интимна, филозофска или чиста лирика, зашто во модерна симбиоза ги содржи сите овие димензии како свои обележја. Можеби е најдобро да се гледа како комплексна лирика, или едноставно да се нарече црна лирика на небиднината, таинствена како онаа вода непроѕирна, со богати прелевања, неочекувани откривања и незнајни дејства на поетскиот збор.
__________________

* Поговор на Небиднина, издание од 1970 и 1974 год.
Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом наАцо Шопов.
Инсерт од овој текст е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „Молитвите – продуховена апотеоза на љубовта”.
_________________
Студии и статии на Душко Наневски за поетското творештво на Ацо Шопов:

Други толкувања на поимот небиднина.