Јус-универзум

1
Да бидеш едностран… тоа е повеќе од жално.
Не чекај ни ракоплескање ни бис.
Но ако си надарен универзално –
ти си тогаш шампион, ти си тогаш мис.

2
Универзалноста не може со ништо да се плати.
Таа е златно клуче за сите тајни врати.

3
Уште од младини, додека трчаше бос
со смисла за политика тој почна да си го вади лебот,
и толку се разви неговиот политички нос
што пулсот на светот го чува денес во џебот.

4
Тој е просто – чудо.
Тој е способен за сѐ
од политика до џудо.

5
Уметноста му е вечна опсесија.
Но ако му речеш дека ѓаволот е црн
дарбата своја обеси ја
на некој глогов трн.

6
Нема ден, ни настан без него што може да се случи
ни може поинаку да живее оваа нација:
во својство на покровител тој трпеливо нѐ учи
како се доаѓа до афирмација.

7
Но не само кон музеите и нашите галерии,
кон филмот и литературата погледот му е вперен.
Неговите тешки батерии
го расчистуваат веќе и стопанскиот терен.

8
И со наука се бави, почитуван и ценет.
И така, свртен кон најдалечната далност
тој ни покажува колку е пленет
од магнетот на својата јус-универзалност.

9
Негов идеал е и негов сон
да го издржи овој маратон.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.

Јус-универзум, ислустрација на Дар Мар

Јус-универзум, ислустрација на Дарко Марковиќ – Дар Мар