Јус-тропариум

1
Застанат на брегот со тропари и псалми
тој тоне во мистиката на далечините,
на една страна ги двои светлините,
на друга – темнините,
а својата глава ја врамува во венец од ловори и палми.

2
Стои така и се вслушува
во неизвесноста и тајните
на просторите, на најбескрајните,
а неговиот глас сите ги заглушува:
„Ваша сум радост и ваш сум бол,
ова небо е мало за ореол“.

3
На водата ѝ вели: „Водо, раздели се“,
и водата покорно се разделува.
На народот му вели: „Народе, пресели се“,
и народот послушно во нова и ветена земја се преселува.
Ветената земја не е само ветена,
во сите чуда таа е посветена.

4
Таа е за едни нежно кокетирање,
за други – наивно прегрупирање,
а за трети – обично умирање.

5
Во таа земја само за стопари
тој ќе ти пее псалми и тропари
А ако успееш да ти стане кум
Ќе ти подари и цел тропариум

6
Ќе те благослови со творечка слободица
Ќе те премачка со непозната боја,
Од секаде по малку ќе налее поетска водица
И ќе ја продаде како своја.

7
На брегот езерски таа клопотавица
Ќе ти заприлега на вистинска убавица.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.26, 6 септември 1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.