Јус-солидаризерство

1
Додека го славиме Денот на солидарноста,
додека Денот на трудот го славиме,
да не заборавиме
гордо да се исправиме
и пред другото лице на стварноста.

2
Зар може некој да се жали,
зар има толку слепи,
духот на солидарноста ги крепи
сите наши паради, собири и фестивали.

3
Солидарни сме кога треба работниот ден да се скрати,
кога со зборови поаѓаме во поход,
кога делиме по неколку плати
„со нова распределба на личниот доход“.
Солидарни сме сите, големи и мали,
особено кога треба солидарноста да се фали.

4
Солидарни сме кога седиме на приеми и банкети
кога се гледаме низ прсти,
кога нешто крупно некој ќе ни вети,
кога донесуваме решенија цврсти.

5
Солидарни сме сите и солидарно судиме,
особено кога ланскиот снег го кудиме.

5
Не сме солидарни ни ист ни е судот
само кога треба да се мери трудот.

6
Но не е важно… Сега кога славиме
таа дребулија ќе ја заборавиме.

7
Празник е. Молчат фабричките сирени.
Нема ни дежурни, ни работни смени.
Ех, колку ни е арно
кога во колони од мажи и жени
на викенд одиме сите солидарно.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.17, 29.IV.1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.