Јус-сатирикон

1
Во младоста бил тивок, но сензибилен,
бил суптилен, нежен, свилен.
Ги љубел на љубовта очите,
копал ископани рани,
пробивал срца во дрвјето и плочите
и јавал на своите љубовни каравани.
Во младоста бил нежен лиричар,
а сега е лут сатиричар.

2
Зар постои некаква допирна точка
меѓу лутото перо и врелата љубовна плочка?

3
Гледајте, небото земјата ја бакнува,
а таа папокот срамежливо го истакнува,
им ги нуди срамежливо местата забранети
на сите повикани и неканети.

4
Отворете ги прозорците и старите капии,
ѕирнете во современата мода,
сите ќе ве пречекаат со документи и тапии
дека пијат изворска вода.
Однадвор вар-варосана,
однатре – жабуњосана.

5
Прошетајте низ улиците по летна горештина
и научете барем една вештина:
како и за кого ѕвоното да ви ѕвони.
Има луѓе што држат деноноќно здравици,
нагоре пуштаат свилени балони,
надолу – диви секавици.
Има луѓе што личат на обични дабри,
а има што дишат на суво со жабри.

6
Но има и такви што паднале в сон
далеку од секаков сатирикон.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, 23 август 1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.