Јус-натпреварувачи

1
Се натпреварувале два соседни града
чија култура е со полична брада.
Ниеден не сакал културата да страда,
па се оградил со културна блокада.
Секој сега има колонии и споменици,
а обата одат во доколеници.

2
Се натпреварувале две комуни градски
која ќе отвори повеќе дирекции
за регулации, планови, корекции,
за урбанизации и совети братски.
А сега пред тие дирекциски скали
со проблеми крупни стојат луѓе мали.

3
Се натпреварувале две сродни претпријатија
кое во Реформата побргу ќе се вклопи
и фондовите на другото ќе му ги стопи.
Но овој натпревар со глава го платија:
и двете сега рашириле зеници
пред куп од камати и разни меници.

4
Се натпреварувале двајца поети,
а секој како вистински поет
имал своја визија и свој свет.
Два света се судриле како две планети.
А сега во нивната поетска мелница
стои празна чаша и полна пепелница.

5
И двајца мислители се натпреварувале
кој е поумен, кој повешто збори,
кој не прави ништо, а кој нешто твори.
Јавно се фалеле, тајно озборувале.
Обајцата сега во преполни чанти
теории носат на јус-калкуланти.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.18, 17.V.1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.