Јус-наградување

1
Ниеден наш граѓанин не е толку луд
да ги заборави своите уставни права.
Секој живее од својот труд
и не зема повеќе отколку што дава.

2
Сечиј углед, признание, положба и век
зависат од трудот, а не од некаква лага.
Но трудот не е ни јаболко ни лек
па да го измериш на кантар или аптекарска вага.

3
Побрзај, затоа, без многу умување
да ловиш во нашето јус-наградување.

4
Ако сакаш да дојдеш до пари треба да си посебно создание,
да си надарен од бога,
да имаш мускул и нога
и место глава градско собрание.
Ќе леташ тогаш на коњ вран,
еден ќе те крсти, друг ќе те куми,
и без да мислиш ќе добиеш стан
и тешки милионски суми.

5
Но има и друг пат лесен и кус.
Автор, да речеме, стани.
Покани ја
музата Скрибоманија,
објавувај за таканаречениот масовен вкус
разни раскази, повести и романи.
Или таа своја цел оствари ја
пишувајќи синопсиси, книги за снимање и сценарија.

6
Но за да бидеш познат и признат авторитет
не е достатно да фрлаш само магла и дим,
ти треба бездруго пред нашиот свет
да се појавиш со некој странски псевдоним.

7
Најсетне, што! Зар некој од некого граба!
Зар нечиј доход во туѓ џеб се влева?
Се научи веќе и последната баба
бајракот како за награда се крева.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.