Јус-журналист

1
Седмата сила ја предводи како тореадор.
Пред него сите од страв и почит клечат.
Тој знае како се забива бандерилја меѓу роговите,
како се скротуваат биковите,
со еден збор
тој е семоќен во нашиот јус-печат.

2
Чувајте ги за себе критиките и заканите,
тој е секогаш во срцето на настаните.

3
Не лажете се ако го сретнете, на пример, во бар
дека и тој наминал како вие така…
Измама е чашата што ја држи в рака,
тој патува кон Суец, кон Гибралтар.
И пред да го забуца перото во вино
тој веќе ги прелетува и Водно и Кале,
знае што сонуваат Москва и Торино
и како заспива Клаудија Кардинале.

4
Домашните настани ги чепка со нокот.
Се клати на сите општествени оски.
Знае да скокотне со политички скокот,
но ако треба и со голи коски.

5
Сѐ му е туѓо во нашата клима
и сѐ му личи како дива градба.
„Внимание“, пишти, “Вардар-филм ќе снима
Македонска (се разбира) крвава свадба“.

6
Го враќа совесно културниот заем
и заплеткан во старите комарници
вџашено трча од саем до саем,
пребарува низ сите книжарници,
податоци збира
и алармира:
„Вака не може! Доста е! Стига!
Зар сме толку себични, слепи и глупи?
Човек не може ништо да си купи
освен по некоја овдешна книга!”

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.19, 31.V.1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.