Јус-дискутанти

1
Секој од нас има свој свет и свое гледиште,
секој има свое мислење и свој став,
секој смета дека е роден да седи во првото седиште
и дека тој и само тој е прав.
Можеби се прашате како се разбираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

2
Збориме на собири како луѓе учени
дали Маркс го напишал „Капитал“.
Во слични распри цел живот сме вклучени,
но за научен одговор животот е мал.
Можеби се прашате зошто се судираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

3
Зазбивтано, често и долго се расправаме
кој е првиот вселенски патник,
за своето сфаќање со облог ги даваме
левото око и десниот катник.
Можеби се прашате зошто се конфронтираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

4
Како управувачи сметаме возбудено
и во два табора на два фронта се делиме.
„Два и два се четири“ – едните тврдиме излудено,
„Не, туку пет” – другите спокојно велиме.
Можеби се прашате зошто така собираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

5
Секој од нас има свој агол на гледање,
секој својот поглед жилаво го брани,
Нема директиви, нема заповедање,
па што ако некој некого го рани!
Можеби е нужно да резимираме?
Впрочем и за тоа дискутираме, дискутираме.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.20, 14.VI.1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.