Јус-градација

1
Во сите засвртници и сите фази
тој се пробиваше на план преден,
убедувајќи нè со израз чеден
дека поткожниците од душа ги мрази.

2
А беше мал и беше ситен
и беше затрупан сиот со акти.
Но актите бргу ги претвори во факти,
а фактите – во лакти.

3
Во општината стана важна личност,
се скри зад голем идеал
и тешко можеше да најде сличност
со оној човек ситен и мал.

4
Потоа отиде на друго место
и почна за една друга релација
да збори секаде, да збори често:
за Република и Федерација.

5
Го фрли својот општински крој
и стана така фактор битен,
и веќе сосем го засолни тој
оној човек мал и ситен.

6
Влезе во кругот што се врти,
а на сите надвор од неговиот пречник
„Чекајте – им рече со зборови шкрти –
дури ви падне забот млечник”.

7
Кругот се врти само во круг.
И најсетне се случи ова:
старата должност ја остави на друг
а тој отиде на функција нова.

8
Така ја докажа со овој гест
својата висока рото-свест.

Ацо Шопов, Јус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.11, 8.II.1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.