Јус-вреднувачи

1
Тие се предодредени да оценат што и колку вреди.
Тие точно знаат кога нешто големо ќе се роди.
Секој од нив дневно на најмалку пет состаноци седи
и по осум разни комисии води.
Со еден збор, тие се најверни чувари на свеста.
А плачат за нив нивните платени работни места.

2
Тие знаат што најмногу на театрите им пречи
и од каква болест боледуваат нашите колективи,
тие знаат со што операта а со што балетот треба да се лечи
и дали ќе умрат или ќе останат живи.
Тие се повикани на културата да ѝ ја спасат честа.
А плачат за нив нивните платени работни места.

3
Тие знаат каде најлесно можат да се вгнездат
и каде најопасните жаришта на бирократизмот горат,
Тие како рицари во панцир управувачки ездат
и со меч од зборови, зборови, зборови се борат:
„Бирократизмот е замесен од отровни теста!“
А плачат за нив нивните платени работни места.

4
Тие сите луѓе како риби ги делат
на кленови, кркушки, летници…
Од едни води во други води се селат,
во сите мрестилишта тие се советници.
Затоа не ги возбудува веста
дека плачат за нив нивните платени работни места.

5
На нивната приватна жиро-сметка
се множи општествениот капитал,
тие се пробиваат во секоја клетка,
тие се инкарниран идеал.
Зар може тогаш некој да ги замисли и да ги сфати
како јус-вреднувачи-бирократи.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.21, 28.VI.1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.