This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

там-тамот ти е во крвта

Там-тамот ти е во крвта,
крвта е во тебе,
а ти — во целата земја,
сињарко со очи синолички на црна арматура.
Со крвта удри по там-тамот
нека се разлее твојата песна небесна
што ќе ги напне сите дамари на светот
како песна на поетите споулавени
како што сум споулавен јас
во овој гроб каде лежам жив закопан
и чувствувам како од твојата песна потресна
пукаат дамарите на светот.
Слези долу сињарко, убавино вечно разубавувана,
слези во моево подземно царство
со својата песна вековита,
својата песна лековита,
слези и со песната на виделина изведи ме!

Нема да ти кажам дека си ми најверна наречница
и дека сум темен како земја од љубов по тебе,
нема на ниедна мака да те искачувам,
само со твојата песна лековита
и твојот танец на мртвите
без да те допрам, без збор да ти речам
ќе се изедначувам, изедначувам, изедначувам.

Ацо Шопов, „Песна на сињарката”, Песна на црната жена, 1976

Ракопис во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, АШ К1 АЕ33_III.2 Песна на сињарката, фрагмент

Ракопис во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, АШ К1 АЕ33_III.2 Песна на сињарката, фрагмент

Вратете се во поетската одаја на Лирскиот дом на Ацо Шопов