Слика од паркот

Опустува паркот. Пак така е грд
ко огниште мртво, истлејано.
И низ таа пустош и низ таа смрт
јас чекорам немо, расејано.

И жолтите лисја во раниот мрак,
од ветерот ширум разнесени,
ме потсеќат живо и со трепет јак
на нејните очи занесени.

Но неја ја нема и она се скри
со времето дамна поминато.
Ој, свирепа болко, што не згаснеш ти?
Не тагувај срце раскинато!

Зар уште ќе тлееш со љубов и жар,
зар чувствата не се задушени?
Сам во паркот лутам со циганот стар
што собира гранки исушени.

Тој нарамен, вечер, во доцниот мрак
ќе мине низ улица збеснето,
но вивне ли пламен на огниште пак
ќе воздивне среќно, олеснето.

Внучињата свои ќе ги земе в скут,
и дур плаче небето есено,
тој ќе трга в луле од тутунот лут
и ќе збори долго, занесено.

И гушнати сите под малиот џам
ќе заспиват тихо, насмејано.
Само јас низ паркот ќе се скитам сам,
ќе чекорам немо, расејано.

Ќе ја барам неја што дамна се скри,
ќе го барам времето минато…
Ој, свирепа болко, што не згаснеш ти?
Не тагувај срце раскинато!

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952