Поетот и љубовта

Велат дамна било, пред илјади лета
но сказната стара буди спомен жив,
и секогаш кота во срце ја сетам
јас станувам тажен и пркосно див…

Во некоја земја, крај некое море,
во самотна куќа на заливот тих,
бил роден поетот што в копнежи горел
и страстите свои ги опевал в стих.

И занесно пеел. Неговите песни
не знаеле ништо за судбата зла,
просторите морски за нив биле тесни,
немеле луѓе и губеле дах.

Го љубеле сите, тој сите ги љубел,
бил нежен ко зора пред изгревот ран,
но немирна душа… и вечно се губел
и шумел и плискал ко немирен бран.

И утрина една дур заливот, спиел
и в магла се лулкал сонливиот град,
тој повторно тргнал, нов занес го виел,
го мамел во светот далечниот пат.

Глас чуден, глас таен од негде го викал,
тој покорно тргнал по тајниот зов,
од небото вишно млад орел му кликнал,
му откривал патем свет незнаен, нов.

А третото утро штом кренало крило
во алгите слушнал на девојка лик,
се капела сама… а сонцето било
маѓепсано, лудо од нејниот лик.

„О, прекрасна, ревнал, зар сонце ти иде,
зар оно ти пие и очи и сјај?
Не плаши се, постој, ти моја ќе бидеш,
на желбите мои настанува крај!”

И запеал така што водата сина
го запрeла одот и жуборот свој,
а в момино срце врел издив се скинал:
„О, пријди, ќе бидеш, ќе бидеш и мој!”

Тој пришол… Благ ветер од морето веел,
а поетот вљубен со чудесна моќ
пред среќата своја се посилно пеел,
и гласот му ѕунел до длабока ноќ.

Поминале лета… Девојката била
и нежна и страсна ко првиот ден,
но сакала сета поетова сила
во своего срце да ја има плен.

И поетот молкнал – му замирал гласот,
стиховите веќе не гореле в жар,
и очаен, страшен, тој го проклел часот
кога сето срце ѝ го ветил дар.

Пак в утрина тргнал дур сонувал градот
со злокобни мисли, со душа во чмај,
пак заљубил друга со срцето младо,
но судбата сличен досудила крај.

И секогаш така: час страдал, час љубел,
бил тажен и весел, бил бурен и тих,
бараната среќа ја имал и губел,
сал зад неа буен останувал стих.

И дома се вратил. Пак занес го носел
по родната куќа и родниот брег.
Мрак веќе се спуштал… а в негови коси
белееле искри на доцниот снег.

Но моќно се наднел над простори тесни
и опсенет силно од родниот кат
тој в рака ги кренал сите свои песни
и запеал страсно за последен пат:

„О, летнете мои лекокрили птици!
Јас не најдов среќа. Но среќен ви лет.
На своите тeнки и трепетни жици
за љубовта пејте низ целиот свет!“

И летнале тие: …И вечно ќе летат,
во летот ќе бдеат над споменот жив…
А една ко славеј на срце ми слета,
па така сум тажен и пркосно див.

Ацо ШоповСтихови за маката и радоста, 1952