This post is also available in: Slovenian

На Грамос

1.
Проштевај, роден кат,
Егеју, колевко моја!
Јас ранет последен пат
на мртов Грамос стојам.

Овде ја закопав денес,
под твојот пепел врел,
верата која ме крена
на подвиг суров, смел.

Ме гушат облаци црни,
свирепа болка ме стега
и тенки спомени врнат …

… В богато Воденско поле
ронела
пченица злато.
Но сепак –
никога пролет
не дошла
в селските катој.

Мајка ми кршела прсти,
лулела
детенце мало,
со солзи
полнела грсти
крај старо
дрвено рало.
Татко ми
в младини
чмаел,
сонувал
вишнова зора,
вековни
надежди ткаел
в ноќите
таговни ора.

В ората
играел лудо,
сите се
чуделе в село
но штом се
наутро будел
стемнувал
високо чело.

На нива
тргнувал рано,
над секој
замирал садник,
а дома
плачеле санoќ
стиснати
дечиња гладни.

В дожлива утрина,
тихо
заминал
некаде долу.
В градот го
пречекал вихор,
вихор го
подфатил
в Солун.

Тој млад бил,
имал сили,
в животот чекорел
здраво,
ги љубел
своите мили,
своето село –
Јавор.

Тој раснел
в негови скутој,
корав бил,
здрав
и волен,
но бргу
закашлал луто
и легнал
в постела
болен.

В собата станало сиво.
В градот му
загорчел лебот,
тој псуел
гурбетски живот
и колнел
туѓинско небо…

* * *

Пројури времето – срна,
сал тешка остави трага.
В тага те завија црна
Родино моја драга!

* * *

Проштавај, роден кат,
немирно детство, збогум!
В срце те чувствувам пак
трепетно, живо, многу!…

Ме гушат облаци црни,
свирепа болка ме стега
и нови спомени врнат:

јас уште, уште гледам,
безумно в планина бегат,
со ситни, скршени крилци,
ранети дечиња – пилци.

В нивните сковани усти
проклетство уште слушам …

О, сè е така мртво
и сѐ е така пусто
како во мојата душа!

2.

Проштавај, роден кат,
проштавај, мајко моја!
Јас денес последен пат
на наши пепелишта стојам.

Ти чекаш некаде тамо
кај Вардар слободен шуми,
и чудни приказни носи
на Кукуш, Кавала, Струма …

Чекаш во краишта сини –
кај песни тракторни грмат,
кај цела земја, чинам,
в сончева плиснала срма.

Чекаш во некое село,
в куќиче задружно, бело,
кај жита златести класат,
и мирно, прснати в гора,
стадата задружни пасат.

Чекаш… И секоја вечер,
стивне ли селото в почин
и мрак го надвaсa темен,
ти тажни упиваш очи
в далечни планини неми,
и трпнеш в мисли – јата,
во желби да се вратам!

Мајко!
Забрави свидно чедо,
забрави свиден спомен…
Селата спалени лежат,
спалени чадат домој!

3.
Во барут,
дим
и крв,
в грохотна канонада,
Елада
стана плен,
падна,
мајко,
Елада.
Ревна Белиот Егеј
под црвен облак скриен.

Та, зошто девет лета
со крв ја поевме ние
нашата земја света,

и безброј нејни чеда,
без гроб
и трага,
мајко,
во ова мртво утро
со мртви очи гледат?!
Елада!
Елада!
Зошто девет рани
на градиве носам,
зошто девет лета
јас в борбата страдам?

4.
Денес,
мајко моја,
пред зорница јасна,
в предавничка рака
слободата згасна.

А мислевме
ние –
ќe изгреат зори,
мечтаени долго
од наши
и Грци,
збратимени сите –
од море
до море,
народите в љубов
ќе согреат срце …
Слободата –
пламен,
ни гореше в очи,
но најдовме само
ископани јами.
Памети го,
мајко,
овој крвав злочин:
со отрова змијска,
без милост,
ко ѕверој,
ја убија нашта –
в иднината –
вера!

Јас в окопи гниев
со мојата чета,
в декемвриски студој,
по дождој,
по жеги,
и помина така
уште едно лето –
не стапивме в борба,
не минавме меѓи!

Се бунеа борци …
Притаена злоба
Им светкаше
в поглед
ко в темница –
кремен:

„Та до кога уште
ќe лежиме
в гробој!
Штом отиде Маркос
и борби ќе нема …”

Но загрме тогаш
ураганен оган,
в крв ноќта
се изви, –
ни попрска лице.

На Вич
ниту птица
не прелета жива,
а овде –
на Грамос,
во борбата дива
ни падна
од раме
последното знаме.
А борците,
мајко,
ранети
и слаби,
што мислеа
кај вас
да преминат кришум,
предавничка рака
ги задржа,
зграби –
се најдоа сите
пред нејниот нишан.

Ко секој да беше
и подел
и поган –
ги стрелаа,
мајко,
со рафален
оган!
5.
Мајко!
Во барут,
дим
и крв,
в грохотна канонада,
Елада
стана плен,
предадена –
Елада!
Од сите мртви,
живи
и мене,
за сите
времиња,
за сите векој –
проклетство
нека
падне, мајко,
на тие –
што ја убија
денес
нашата младост,
нашето детство!

за Маркос,
за сите наши несони ноќи,
за сѐ што љубевме силно
и жарко,

за нашите маки,
за незнаен покој,
за пушката што ја во десница
држам,
за болката што ми нагризува
гради,
за сѐ!
За сѐ
проклетство вечно
нека го спржи.
убиецот,
мајко,
Захаријадес!

6.

Проштавај, роден кат,
Егеју, колевко моја!
Јас ранет последен пат
на мртов Грамос стојам.

Пусти се боречки стреи,
чамее нивниот праг,
там’ жетва крвава жнее
и бесно ликува враг.

Но, знам…
ќе дојде време
за нова
барикада,
ќe стани
нова смена
за одмазда
во бој!
Во бура,
зрив
и пламен
во нова
канонада
ќе никне
и ќе бликне
прероден
крајот мој.
Да, знам…
се ближи време
за нова
барикада.
Елада
пак ќе биде
слободна,
лична,
млада …
А мојот роден крај,
ќе цвета
в ширни поли,
ќe листат
в пролет – мај
Кавала,
Кукуш,
Струма.

Егејот син
и волен
ќе шепне чудни зборој,
и в сончев залез мирен,
ќе праќа поздрав ширен
на Вардар,
Шар
и Пирин…

Јас за тие деној
и за сите тие зори,
Родино моја,
Родино страдна,
луто се борев
и в бојот паднав!

Ацо Шопов, На Грамос, 1950 (Прочитајте ја поемата во PDF формат)