Крај граничната меѓа

Крај граница в поле голо,
бесни, вие леден ветер.
Во длабока јама долу
убиено лежи дете.

В далечина уште татни,
диво јурат ескадрони,
диво бијат води матни,
диво … крвник луѓе гони.

Граничару, срце смело,
слези скокум преку брана,
прифати му мртво тело,
пренеси го в наша страна.

Од Егејско враг го гони,
тамо каде мреат волни …
тамо каде в милиони
прострелано срце колни.

Овде има сестра мала,
овде брат и мајка има,
три години тие жалат
и четврта веќе зима.

Кој ли сега таа вечер,
кога зори в пресрет идат,
кој ли јунак ќе им рече
оти нема да го видат?

Граничару, срце смело,
слези скокум преку брана,
прифати му мртво тело,
пренеси го в наша страна!

Ацо Шопов, На Грамос, 1950