Гроб крај патот

Покрај патот на полјана пуста
ќе почиваш ти во гробот ладен…
Зима. Вее лапавица густа
и в планина волк завива гладен.

Подмладена пролетта ќе бликне,
ќе расцвета со илјади бои,
и румени качунки ќе никнат
преку гробот што самотен стои.

Залеани в сончевина мека
полињата богат род ќе родат…
Ти ќе венеш, ти жедно ќе чекаш
в грст да пиеш бистра, ладна вода.

И по патот дур ќе минат луѓе –
кој со радост, кој со лути грижи,
ќе копнееш како некој туѓин
со судбата нивна да се зближиш.

Но напразно! Ќе одминат сами,
ти ќе лежиш покрај патот бледна,
и животот вечно ќе те мами
и за живот вечно ќе си жедна.

Сал поетот неспокоен, тажен,
што во ноќта ко сенка ќе скита,
само тој со песна ќе ја каже
твојата тага под земјата скрита.

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952