Борба

Уши ми бучат, бучат и глунат
грло ме стега – суши го сушат,
како у котел крвта ми врие
и сет играам и сет треперам,
а срце лудо у гради бие
и пот ме лие
и бес ме фаќа –
На борба вие, поробени браќа,
На борба … или – ќе се померам,
ќе штукнам, море, од пуста мака,
и не ќе можам да се соберам,
не ќе си дојдам веќе при себе,
не ќе да трчам и се катерам,
по тиа гори китни високи,
не ќе да викам песни бунтовни,
за крв, слободи, рани длабоки,
клчки ќе блуам, лека ќе тлеам,
за младост бујна срце ќе плаќа
а ја ќе мреам!
Никога нема ја да запеам,
никога нема гради да згреам,
никога нема моата рака,
да фане верна пушка ајдушка! …

Како у котел крвта ми врие
и сет играам и сет треперам,
а срце лудо у гради бие
и пот ме лие
и бес ме фаќа –
На борба вие, поробени браќа!
Ја да фркам, горам од лута борба,
не стои глава веќе у торба,
не гледат очи срамови тешки,
не носат зулум свиени.

Ја сакам да бидам,
Ја сакам да видам,
крв, кокали, глави, раскинати црева,
тамо дека вечно грмеж одзева,
дека прскат бумби, картешници ржат,
тамо-дека како снопја покосени
паѓат мојте браќа-мили, усминати
у крв потопени …

Сал тоа да видам,
сал тамо да бидам,
сред арсланска борба, знаме да развиам,
бунтовничка песна да викнам, запеам,
и после да паднам од куршум пронизан,
за да заживеам…

Ацо Шопов, Песни, 1944