Вера Јоциќ во очите на Ацо Шопов*

Секогаш кога се сеќавам на Вера Јоциќ во мојата свест минува ликот на прославената Трета македонска ударна бригада со која оваа црнокоса ученичка од Скопје го слеа својот животен пат, предвреме прекинат под Осоговскиот врв Лисец во еден миг што е достатно голем за да трае со нашето траење и да биде светла вишина по нерамите врвици на нашата историја.

Верувам дека сите барем еднаш сте поминале покрај нејзиниот паметник на десниот брег на Вардар пред градскиот парк. Од каменот во вас гледаат очи со цврст пробивен поглед, а над челото, како од ветар понесена, се разлева долга, густо испреплетена коса. Ако се загледате во неа, во таа коса изрежана во каменот, ќе ја сфатите наеднаш сета симболика што уметникот сакал да ја соопшти како свое доживување за вистината на едно време. Тука ќе ги насетите сите искушенија, сите занеси и подвизи на бригадата чиј борец беше Вера Јоциќ, тука се и Козјак-планина и Осогово и Плачковица, една земја изрована од несон и себенаоѓање.

Јас не сум ни историчар ни хроничар и не изнесувам биографски податоци за животот на Вера Јоциќ. За мене таа е дел од животот на Третата македонска ударна бригада, како што е бригадата дел од нејзиниот живот. И мислејќи на Вера Јоциќ, јас мислам на оние луге што јуришаа кај Дренак, кај Црноок и Црна Трава, што ги разбиваа обрачите на бугарските окупаторски единици по стрммнините на Козјак и на Беласица, низ кочанското поле и струмичко.

И не можам особено денес да не мислам на тие денови, не само затоа што одбележуваме една годишнина, што значи пресвртница во нашиот живот, туку и поради оној темен обид што сака да ја покрие со лага и оваа страница од нашата историја, да нè ограба и да го присвои и она што овие генерации и овој народ не толку одамна успеале да го извојуваат.

Ако не сте поминале покрај паметникот на Вера Јоциќ, сторете го тоа некое октомвриско попладне. Таму ќе се сретнете со еден лик од нашата историја. Во густата, развеана коса, ирежана во каменот, ќе ве пречека вашата земја, а низ некоја суводолица ќе ја забележите силуетата на Третата македонска ударна бригада во чија колона чекори и Вера, онаа Вера која три дена на раце ја носевме збрана, три дена со болка во погледот срчен и секоја капка од нејзината рана ко крвава жар ни капеше в срце.

________________________
* Препис на машинопис од Фондот Ацо Шопов во Архивот МАНУ: АШ К3 АЕ69. Овој текст на Ацо Шопов не е датиран, но со оглед дека се спомнува месецот октомври и одбележување на годишнина, може да се претпостави дека е објавен на 11 октомври 1961 или, можеби, 1966 година.
Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов.

Други разговори и статии на Ацо Шопов