Тишина

На Ацо Шопов

Во твојата соба сум,
баш во таа ме ставија докторите,
во собата кога последен пат
во слава на тишината
си упативме по една насмевка,
вистински тажна насмевка.

Над глава
шишиња од кои, капка по капка,
течат лечебни материи,
апарати за крвен притисок,
за мерење на шеќерот во крвта,
за мерење на мастите од кои се добива дамла.
Сè и сешто мерат докторите
по болниците освен тишината на болните.
Таа е немерлива.

Јас пак сиот
нурнат во твојата тишина,
како во надвременска капсула,
ги галам твоите негувани стихови –
сал одвреме навреме ќе
ѕирнам кон прозорецот
и ќе се стаписам од глетката:
измислиле некакви справи од жица
кои им оневозможуваат на ластовиците,
замисли, на ластовиците!
да прават гнезда на аглите на прозорците
– тоа било нездраво и нехигиенски,
а божем е здраво да станеме земја
на бездомни ластовици.

Како што расте
бројот на бездомните ластовици
така расте и бројот на домашните кавги,
расте и бројот на гладните
а жедните, како што се рекло,
одамна се преведени преку вода,
а не е да речеш дека нема и нови кавги
и дека зборовите повеќе се употребуваат
како куршуми, и дење и ноќе, иако
веќе се измеша сè и човек тешко може
да распознае кога е ден, а кога ноќ.

Сеќавањата не се препорачливи,
ни мигум, кога вртоглаво се урнисуваме
кон дното на бунарот полн со
стара, убава тишина.

Тешко се наоѓа некој
кој ќе ја објасни вревата
која во толпи нагрнува кон тишината,
а камоли пак, да знае,
колку ли
исркани филџани кафе
се испревртени наопаку
врз страниците на македонската историја.

Јас уште си ги галам
твоите фино негувани стихови,
напињам да ја довардам
старата, убава тишина
(напињањето ѓоа го зголемувало
крвниот притисок
– ако барем нешто да се зголемува
во овој бунар)
а ти ќе ме разбереш
зошто не те прашувам
дали сè уште ги сакаш партизанските песни,
оти тоа е како да те праша некој
дали ја сакаш слободата
и тишината во слободата.

Ристо Лазаров, Препки, Везилка, 2014