Отсутниот е секогаш тука

На едно дете родено на 20 април 1982 година

І.
Шопов е остров
среде океаните на зборот
збор пророштво
што се гласи отаде земјата
отаде времињата
отаде историјата
среде океаните на зборот
што го носи потписот на патувањата
од Македонија до Сенегал
од Африка до кои сè не Европи
од Исток до Америка
и уште подалеку
од себе си до себе самиот
виден недовиден
допрен недопрен
чуен од сокаци до патишта
што водат од дрво до камен
од самост до метежност
од тишина до џагор
од поројници до суводолици
од Дрим до Син Салум
од сидришта до мориња
од тајност до потајност
Човек искачен над врвот од утрината
да ги измери зорите
поет исправен во чека среде проѕирноста на квечерините…

ІІ.
Шопов е остров
од кој извира неспокојна светлина
во себе што носи горешт спокој
остров е зашто е паметник
што не ги изгонува ниту соништата ниту рајот
ги прочитав во зборови туѓи
но сродни по крв
и неговиот громовен виј
и неговото вдахновение:
тој врнеж на смиреноста
што ќе стане вистински мир
дури кога очајот ќе догори до пепел

ІІІ.
Шопов е остров опколен со пенливи соништа
со море ѕвездена Сахара
капетан
што пали обредни факели
од смола која тече како свежа крв
низ вените на бранот
капетан што го прогласува
братството на бродскиот клун и јарболот
за да ја претвори смртта
во грст црвени трендафили
среде раскошната пропаст
на морските ѕвезди фатени со голи раце
за да ги освети соѕвездијата
пред портите на големата песна

IV.
И после април Шопов го испишува
секој голем мај што ќе дојде
тој ги знае тајните зборови на тишината
што се населуваат во нашите мечти
и ни ја дробат тагата
во стотици трошки светлина…

V.
Шопов е остров
и господар на островот
во бескрајното господарство на сонот
луѓето велат: си заминал
но што сè не велат луѓето
така и јас
велам дека плови
од онаа страна на соништата
и управува со ветриштата
што од година на година
бродот-песна го доведуваат
до брегот
до Скопје ﹣ град на сеќавањето
кај што го довикуваме по име
Ацо Шопов поет и патник
знаеме дека си жив.

Едуар Моник

Оваа песна Едуар Моник ја напиша во Скопје, во април 1992 година, во деновите кога се комеморираше десетгодишнината од смртта на Ацо Шопов. Конментар за творештвото на Шопов од Едуар Моник ќе најдете тука
Препев на македонски: Јасмина Шопова