This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Поетското искуство на Ацо Шопов *

Георги Старделов (1930-2021), македонски литературен теоретичар и критичар

Георги Старделов

Требаше да се урне класицистичката традиција во поетиката, требаше да се доживее сломот на секоја и секаква догматска рефлексивност, требаше, всушност, да се осети нашето сопствено време кое, поправо, сево ова го насети на својата сопствена кожа, „однатре“, па да се сфатеше, еднаш веќе дефинитивно, дека поезијата не живее од шеми, од некој систем на регламентации, од некоја и некаква, па макар кaквa-годе била, хиерархија среде нив. Кога сево ова еднаш го сфативме, или кога сево ова допрва ќе се сфати, ни станаа или ќе ни станат одеднаш, толку беспредметни и исцело неодржливи, сите фактички судови во вреднувањето на поезијата од родот на оние, во случајов од поезијата на Ацо Шопов, најмаркантни: интимна, исповедна, емоционална, рефлексивна или итн. лирика со кои и низ кои дел од нашата литературна свест ја вреднуваше и осмислуваше уметноста на зборот. 

Поетската реч на Ацо Шопов, која израсна врз едно негово индивидуално поетско искуство, беше најавтентичниот пример за тоа колку поезијата е неподатлива на фактичките судови и како воопшто е несводлива на нив, зашто токму врз основа на нив неговата поезија беше подредена на онаа формула која сè исто и сè така еднострано ја решаваме без да ја решаваме веќе две децении и која нашата литературна свест, главно по повод Стихови за маката и радоста (1952) ја означи како „интимно-личната лирика на Ацо Шопов”.

Тоа, се разбира, не беше во детските години на нашата литература, иако беше сосем во младинските години на Ацо Шопов. Беше тоа во 1953. Оттогаш многу вода истече низ Вардар. Многу вода и многу нешто друго. Беше и една поплава, се закани и друга; меѓутоа, поезијата на Ацо Шопов, во и низ судовите на нашата литературна свест, остана иста и непроменлива.

За поезијата на Ацо Шопов, така, пишувано е многу. Пишувано е и добро и лошо, дивинизаторски и делумно одрекувачки, умесно или неумесно, со комплименти или со навреди. Пишувано е од различни луѓе, но во однос на основната оценка на неговата поезија не е пишувано битно различно. Различни луѓе, а сепак исти судови. Па кога човек денес чита сѐ што е напишано и потпишано, речено и изречено, не може да не се присети на една Шопенова резигнација, која би можела да биде на некој начин и Шопова, во врска со некои негови интерпретатори: „…Покрај тие изведувачи не може сега никој ништо. И јас трпам повеќе отколку ти заради она што направија од мене. Подобро е да бидеш непознат отколку да те сметаат за она што не си.“

Две децении во нашето рефлексивно, естетичко и критичко искуство доминираат судовите според кои Ацо Шопов е сведен на ортодоксен лирски демјург, на егземпларен лирски мит, на неприкосновен исповедник и суверен срцепоец. Две децении доминираат судовите за неговата поезија низ кои, како во еден единствен глас, а сепак хорски, се вели дека е тој сонорен, кантиленски пејач и тагувач, па дека – според тоа – е синоним на таканаречената интимна, лична, исповедна итн. лирика. Две децении звучат исто – па истo – cиве овие и ваквите судови. Требало, навистина, таа и таквата негова поезија да била константно истата што се пишувало и размислувало за неа константно – исто па исто.

Затоа и велиме: во досегашното критичко согледување на поезијата и на поетското искуство од Ацо Шопов има завладеано една речиси несовладлива инерција. Толку моќно тој е фиксиран како еден непроменлив поетски вид низ една своја поетска фаза што таа, и единствено таа, со својот интимно-личен исповеден тон, е хипостазирана низ целокупното негово поетско искуство во овие дваесет и повеќе години од неговиот престој во светот на нашата поезија и сведен исклучително на неа. На тој начин, всушност, поезијата на Ацо Шопов беше сместена во една единствена формула на чијшто интимно-исповеден супстрат беше сведено сето негово мошне богато, неединствено и дури мошне инконгруентно поетско искуство. Отаде, имено, и доаѓаше оној впечаток на извесна статичност, на извесна константа во неговата поетска еволуција низ која се имплицираше судот дека неговата поезија, и кога се развила, се развила под услов да останувала иста, непроменлива. Така, поезијата на Ацо Шопов се усидри во нашето рефлексивно-естетичко и литературно-критичко искуство со еден негов, ацошоповски интимно-исповеден коефициент што стоеше пред пронајдената формула за неговата поезија и со него можеше да се пресмета сé што тој или напишал или пак ќе напише. Како во некоја Менделеевска таблица на вредностите некои знаеја однапред на сé што ќе напишеше или испееше Ацо Шопов, каде му е местото и што ќе биде тоа.

А во што се состоеше коефициентот во естетичката формула за поезијата на Ацо Шопов?

Ние, имено, бевме досега перманентно уверувани дека Ацо Шопов, да, е роден поет, меѓутоа, поет што е моќен само ако и само доколку ги исповеда низ своите стихови своите лични чувства, поет што пее на еден и ист глас, но притоа секогаш, значи и некогаш и денес, со отворено срце, некако директно парајќи ги своите песни направо од она клопче што се вика срце. Така ставајќи го и оставајќи го на тој начин ептен и исклучително во надлежност на срцето, разбирливо беше зошто нему исто така перманентно и со години му беше замерувана смислата за едно поинакво сфаќање на поезијата низ кое „рефлексивно“ да обопшти, да дојде до одредени синтетички спознајни вредности за светот.

Така, кога во 1955 се појави Слеј се со тишината, книга која во сопствениот континуитет на Ацо Шопов – и на речиси идентичниот тематски свет од Стихови за маката и радоста (1952) – му даде еден, овојпат, подлабински,  посложен и покомплексен зафат, низ кој кај него веќе почна да се оформува една нова поетика што сѐ повеќе увидува дека песната не може да се додржи само на описот на доживеаното, само на емоционалната дескрипција, туку и на осмислувањето на доживеаното. Тогаш, во свеста на нашата литературна критика Ацо Шопов, всушност, се најде на еден крстопат. Некои ја сметаа – како што веќе видовме,  затоа што отсекогаш ја сметале за највисока негова естетска вредност интимистичката константа на неговата поезија, други пак ја напаѓаа таа и така интимистички конципирана поезија и поетика на Ацо Шопов – како анахронизам што обновува едни превозмогнати сфаќања на поезијата. Меѓутоа, и во тоа е основата на парадоксот околу преломната фаза во поетската еволуција на Ацо Шопов, тие, другите, поправо оној органски напор на неговата поезија да се превозмогнат силните кантиленски изблици во неа, низ коишто интимистичката и оголено емоционална компонента добиваше хипостатичко значење, го обезвредија, го урнаа, го омаловажија.

А зошто се случи токму така: неговата интимистички конципирана лирика да се маркира како анахронизам, а напорот да се превозмогне светот на интимата, да се усидри тој свет на интимата како свет со една универзална судбина да се прогласи за нему несвојствен ако не дури и нему туѓ?

Сето тоа беше резултат од речиси традиционалистичката претстава за поезијата на Ацо Шопов, според која, имено, тој се сметаше за поетски суверен и автохтон само во зоната на своето Јас (кадешто, патем речено, човекот и единствено може да биде суверен), што, меѓутоа, во случајов на Ацо Шопов требаше да значи, само во неговиот интимен микрокосмос, т. е. само во и низ својата лирска и исповедна интроспекција, само низ сондата што допира единствено и исклучително до неговото срце односно – само низ неговите чувства, додека потаму од тоа, надвор од тоа, Ацо Шопов престанува да биде исповедник, а со самото тоа и поет, зашто тој е не само роден, туку просто предестиниран да се занимава само со своето срце и со своите чувства, т. е само да ги опишува своите сопствени лични трауми од видот на оние во Стихови за маката и радоста. Сè што е поинаков обид, сè што е во антиемоционалистичката, антиисповедната и антисрцеобразната, или антисрцевидната традиција, а тоа се, конкретно, двете најзначајни задни негови книги Ветрот носи убаво време (1957) и Небиднина (1963), дури со кои Ацо Шопов застана на врвот во современата македонска поезија денес; сè што е говор за другите, говор за светот, говор за битието, и небидието, говор за љубовта и смртта, очајувањето и скепсата, надежта и проклетството итн. – сето тоа е зад „стаклениот ѕид“ на неговата поезија, отаде Ацо Шопов и неговиот интимно-личен свет, на „стаклени нозе“.

Пишувајќи, имено, за Ацо Шопов и за неговата поетска судбина на еден таков начин, нашето литературно-критичко-рефлексивно искуство дојде до еден крајно апoдиктички суд, суд расудуван докрај недијалектички, дека, речено просто, оваа поезија ја бидува само кога ги исповеда и кога низ таа поетска катарактичка исповедност вади на бело видело некои интимни трауми, дека поправо, таа, всушност, значи поезија само тогаш и само така ако го означува своето интимно емотивно доживување; меѓутоа, штом се обидува него да го мисли или осмислува, да го подложува на една мисловна и спознајна анатомија, таа престанува да биде тоа, се отуѓува од својата органска сушност и се претвора во нешто што ѝ е нејзе несвојствено. Она, пак, што е за неа типично, она каде што Шопов е на изворот на вистинскиот Шопов, тоа се, да ги земеме, како илустрација, песните што влегоа дури и во антологија, на пример: „Разговор со синот“ или „Не љуби ме“ и во кои интимно-личното настроение, исповедно-искрениот тон се, всушност, една единствена поетска вредност:

Рано тргам, ко пијан се плетам,
синот стои и гледа низ патот,
Една птица на липата слета
и се сокри в есеното злато.

Птицо лека, зошто в гнездо бегаш?
Покажи ми јата кај се збират!
Не оставај сам да бидам сега
да копнеам и да немам мира.
(Задните две строфи од песната „Разговор со синот“)

или:

Пролет дојде, младо дрвје листа,
А в планина – и сонце и снег.
Плахи бранои од зори ме плискат
крај врбите на речниот брег.

Како често в таа зора блага
сам сум овде… ниту еден вик,
о зошто ме притиска пак тага
и зошто се стемни мојот лик?
(Задните две строфи од песната Не љуби ме“) 

или:

Отпатувај ако ти е мака,
ако чекаш отпатувај пак.
Возот патник во ноќната мрака
до небото расфрлува траг.

Пријателе, пријателе, далек,
пијан одам од копнеж и жед.
Зар е важно дал не плиска залез
вреда или зора по образот блед.
(„Кон пријателот“)

Очигледно, Ацо Шопов со мелодрамската интонација на своите интимни и лични исповеди најмногу се допадна. Меѓутоа, кога денес ја правиме оваа историска ретроспектива во неговата поетска еволуција, ништо не е толку очигледно одошто фактот дека неговата сентиментална, интимно-лична екскламација, неговата разнежена, чиста и оголена емоционалност, во вид на Стихови за маката и радоста, никогаш не поседувала такви и толкави естетски постулати на неа да се сведе целокупното поетско искуство на овој поет, таа, значи негова интимно-лична лирика да биде поправо лирика sui generis. Освен тоа, при вреднувањето на интимно-личната фаза во лирската еволуција на Ацо Шопов, мора да се земат предвид и општите текови во нашата повоена поезија од 1950 до 1955. А тоа значи дека Стихови за маката и радоста, тој поетски дневник на поетот за некои трауматски лични мигови од неговиот живот, како збирка стихови ја одразува, всушност, општата фаза на интимната лирика кај нас во ова време. Таа, најмаркантно, дојде до израз во стиховите и сфаќањето на поезијата воопшто тогаш кај мнозина наши поети што се денес просто незамисливи докрај од таа и низ таа своја фаза. Меѓу нив, на пример, секако спаѓаат: Матеја Матевски, Анте Поповски и Гане Тодоровски. Сите тие се начнаа како поети низ интимните свои поетски екскламации, но ниеден не стана автохтона поетска индивидуалност низ нив. Сите ја одминаа фазата на интимната лирика во својата творечка еволуција. Ацо Шопов, меѓутоа, кој исто така бесповратно замина од нејзината зона, остана маркиран најдолго како нејзин синоним.

Не треба, се разбира, моево конфронтирање на интимно-личната лирика на Ацо Шопов да се подразбере како негација на оваа фаза било во развитокот на нашата повоена поезија воопшто, било, и одделно, во развитокот на поезијата на Ацо Шопов. Нешто повеќе. Сакам веднаш да нагласам дека сметам оти фазата на интимната лирика во поетската еволуција на современата македонска поезија од педесетите години имаше едно пресвртничко значење. Освен тоа што во годините на владеењето на интимната лирика се создадоа кај нас антологиски песни, што значи се создадоа неприкосновени поетски вредности, оваа фаза го извојува неминовниот постулат на секое творештво – субјективноста на креацијата. Интимната лирика воопшто, а одделно интимната лирика на Ацо Шопов, значеше бунт против униформноста на поетската инспирација, обид да се разоткријат пределите на субјективитетот во поезијата, таа, поезијата, да се ослободи од традиционалните црно-бели и бело-црни социјални и политички шеми, значеше продир на личноста во творештвото, активираност на непосредното поетско доживување наспроти колективните чувства и спознавања. Интимната лирика едноставно ги разотвори срцата на поетите. Со интимната лирика поезијата се ослободи од сите идеолошко-политички и утилитаристички стеги. Поезијата, на тој начин стана причина на самата себеси, субјективен свет без брегови и ограничувања. Токму низ интимната лирика стана дефинитивно јасно дека поезијата не е механички склоп од рими, ниту вештина на римување на социјализмот, или римуван трактат на историскиот материјализам, туку нешто неодвојливо од судбината на егзистенцијата на поетот, една загатка, една вечна загатка за исто така вечната загатка: што е животот, што смртта, што љубовта и што значи да се опстанува? Кога се остварија сиве овие и вакви спознавања за битието на поетскиот феномен, поезијата се извојува самата себеси. Освен тоа, и над сето тоа, интимната лирика беше, всушност, увод во дедогматизацијата на вкусот, увод во слободата на творештвото, увод во оваа денешна естетска ситуација на тотален плурализам и на поетските, и на стилските системи и проседеа и на индивидуалната творечка креација. Дека интимната лирика значеше сето тоа, и сето тоа заедно, се виде низ некои реакции на еден дел од нашата литературна свест со кои беше дочекана токму оваа книга стихови на Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста. Во оваа смисла ова дело на нашиот поет за фундаменталните тековти од поетската еволуција на современата македонска поезија од педесетите години има во некоја рака пресвртничко значење. Тоа е, значи, книга која во историјата на повоената македонска поезија има значење на межник. Со неа завршува и од неа наваму почнува една нова естетска фаза. Меѓутоа, иако е сето тоа токму така, сепак оваа книга немаше такви естетски вредности на неа да се сведе целокупното поетско искуство на Ацо Шопов. Нешто повеќе, таа во нашата поетска естетска еволуција не значи некоја нова врница, некој нов поетски систем, една нова поетика. Таа е само една нова обнова на една стара поетска традиција што не содржеше во себе никакви нови и оригинални модуси врз неа да може да се конституира еден автохтон поетски свет. Во неа, секако, поетот не можеше да ја бара естетската шанса на својата поезија. Набргу потоа тој ја побара неа на друго место.

Според тоа: емоционалистичката лично-интимната и интимистичко-исповедната формула на која беше сведено целокупното поетско искуство на Ацо Шопов се урива денес исто онака како што во свое време, некако самата од себе и бесповратно, се урна она становиште за некаква си дискурзивна и рефлексивна сушност на поезијата од Блаже Конески. Па ако е сосем докрај можеби и неадекватно да се рече дека меѓу поезијата на Ацо Шопов и критичката свест постоело едно перманентно недоразбирање, уверен сум дека е сосем во духот на фактичката ситуација во која сме како литературна свест, кога сме околу Ацо Шопов, да забележиме дека аголот од кој во сите досегашни случаи сме ја гледале и осмислувале оваа поезија, поправо, поетското искуство на Ацо Шопов е агол од кој не можела таа да биде согледана во сета своја интегрална сушност, не, особено не нејзината последна фаза.

 

II

Полесно е како Колумбо да се открие некој 
друг нов свет отколку подлабоко да навлеземе 
само во еден дел на овој, кој ни се чини дека толку 
добро го познаваме. 
Хенри Торо 

Како еволуираше поетското искуство на Ацо Шопов и кои се трите најмаркантни фази на неговата поетска и естетска еволуција?

Ацо Шопов стапи во светот на поезијата во оној историски и драмски миг кога се раѓаше и кога се остваруваше револуцијата од Четириесетипрвата. Тоа заемно стапување и во поезијата и во револуцијата беше за поетот Ацо Шопов од исклучително значење. Тоа, имено, му овозможи на поезијата да гледа како на револуција, а на револуцијата како на поезија. Според тоа, првата фаза во неговата поетска и естетска еволуција, која ја сочинуваат првите негови три книги стихови: Песни (1944), Со наши раце (заедно со поетот Славко Јаневски, 1947) и На Грамос (1950), ја карактеризира, поправо, токму оваа симбиоза на поезијата и револуцијата. Во средиштето на неговата поетска инспирација е револуцијата со три доминантни теми: борбата, љубовта и смртта. Револуцијата станува така, во неговата поезија и низ неа, едно радикално откритие, не само на социјално-историски, туку и на човечки план. Тоа беа години на едно распламтено младо поколение, и револуцијата го означува сега нивното време. Повикот на револуцијата ги разбуди сите тие млади момчиња што се насекаде: и како војници, и како политичари, и како државници, и како поети, и како ударници и како трактористи. Насекаде се само тие; сега е дојдено нивното време, времето на младоста, на нестрпливоста, на понесеноста, на распламтеноста. Тие преку ноќ освојуваат нова слободна грутка од својата поробена татковина, преку ноќ продупчуваат тунели, градат мостови митингуваат, бескрајно љубат и бескрајно мразат. Ништо не вреднуваат со разумот и интелектот, сѐ со срцето и чувството. Таа толку огнена понесеност на ова ново младо машко племе пулсира во секој стих на Ацо Шопов. Тој фаустовски, тој титански пркос кај сите овие млади луѓе против времето и против сите мрачни сили во него, против умореноста на една цивилизација, а за една нова и радикална обнова на сѐ, станува средишна инспирација во песните на Шопов. Стариот свет е на издивнување, никој повеќе не ги слуша старците, татковците слушат што ќе речат синовите. Тие сега го имаат зборот, зашто само нивниот збор се слуша. Сѐ е нивно: нивната бескрајна песна, нивната огнена љубов и нивната беспоштедна смрт. И треба секој да ја чуе песната, зашто песната – тоа се чекорите на револуцијата. Ништо затоа не е чудно зошто некои од песните на Ацо Шопов од неговата прва поетска фаза ни изгледаат како да ги испеал самиот народ:

Вечер е тиха дремлива,
нечујно гора шумоли
месец сред гранки сонува
ѕвездите солзат на небо,
а рана пролет пргава,
раскрила убост моминска –
снага ѝ – шума борова,
очи ѝ – бистри кладенци
лице ѝ – пупка трендафил,
а коси – трева зелена.
(„Партизанска пролет“)

Во првите стихови на Шопов, затоа, народот го открива своето евангелие. Во него сите индивидуални визии се наполно поклопени со колективните претстави за светот и за неговата судбина. Затоа, во повеќето негови стихови од првата збирка, народната песна и не се разликува од песната што тој ја создава. Сѐ егзистира во еден хомоген дух. Никогаш кај нас повеќе не се сонувало како во ова време, зашто сите протагонисти на ова време: работниците, селаните и чесната интелигенција чувствуваат и мислат едно и исто. Сите се создадени од онаа материја од која се прават соништата.

Се разбира, колку овие неколку години, од и по оној триумфален крај на борбата, беа погодни за тоа да се сфати што, всушност, значеше револуцијата, кои се оние драматски пресврти во суштината на новиот свет што се раѓаше и колку овие неколку години беа моќни, во и низ нив, поезијата да се допре до осмислувањето на историјата, до тајната на едно ново траење на времето – тоа е сосем друго и трето прашање. Во оваа смисла првата фаза од поезијата на Ацо Шопов низ Песни, Со наши раце и На Грамос донесе многу добри и успешни стихови, а многу мали целосни песни. Многу од нив, кога и денес ги читаме, ни изгледаат излитени, како историски тестамент од една фаза на револуцијата и од една фаза на поезијата. Но, тие песни како и да не биле пеани за нашето време. За нас денес тие значат историја, не по тоа колку зрачат денес пред нашето срце и пред нашиот скептички настроен и намрштен ум, туку по тоа што значеле за своето време, колку нему му помогнале во неговите револуционерни настојувања да се урне еден стар и да се изгради еден нов свет. Тие се сигурно вградени во темелите на светот што го живееме и осмислуваме денес и во тоа е нивното неповторливо значење.

Најдоминантна тема во првата фаза од поетската еволуција на Ацо Шопов е борбата поставена на ниво на еден општонационален патос. Низ неа социјалното чувство е поистоветено со националното. Сета негова прва лирска фаза е насочена кон создавање борбена и патриотска поезија во која ѝ е сѐ подредено на татковината:

Вчера една
бледна
боса,
Црногравка
златокоса
на страшната висна греда.
Но не писна бујна мома
не истина
жар во очи

пламен – думи срце слеа,
жал нѐ стопи нас по неа:
– Мајки!
– Сестри!

Родни мои!
нека тага не ве пои!
Умирајќи за вас тука,
ко да мреам браќа дома…

Да живее нашта нова,
што во овој огин скова
и низ бури страшни мина
заедничка Татковина.
(„Една ноќ во офанзива”)

Темата на борбата во неговата поезија од првата поетска фаза е поетски транспонирана низ две доминантни согледувања. Од една страна, Ацо Шопов во повеќето свои песни го открива ужасот на војната, онаа апокалиптична атмосфера на уништување, оние инфернални слики од воениот масакар низ кој човечкото војување е налик на кланица:

Пред мене труп. ..
зад мене труп,
крај мојте нозе се грчи брат,
и крв му плиска од пресечен врат,
а напред там –
смачкан куп –
се труп врз труп.
(„Сон“)

а, од друга страна, борбата го открива и она етичко величие на цел еден народ кој токму низ борбата, низ онаа перманентна борба што била патување до себе, се осмислува, претворајќи ја својата национална небиднина во целосна и дефинитивна афирмација на своето национално и социјално битие. Оние, на пример, почетни, навистина ненадминати, истовремено драматски и херојски, патетични и трагични слики од „Очи“, една од најубавите песни што ја имаме во нашата поезија на тема НОБ:

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце, –

го откриваат оној македонски непокор, оној револуционерен самопрегор, онаа величественост на смртта во борбата за афирмација на човековата слобода, за силината на љубовта над смртта, за семоќта на верувањето и надежта над очајот и скепсата. „Очи“ се несомнено една драма низ која се раѓала една огромна љубов низ една непоштедна смрт. Лирското во неа е во интимниот однос на поетот кон саканата-соборец. Меѓутоа, вредноста на оваа песна е најмалку во нејзината лирска сушност, во нејзиниот интимистички поттекст. Таа се издигнува како неприкосновена вредност во чувствата на возвишеноста и трагичноста што ги открива низ секој свој стих, низ секоја слика што низ митски симболи ја сугерира големата визија на иднината, што успева една субјективна стварност да ја претвори во објективен национален симбол, што ја поистоветува како во секој мит личната трагика, индивидуалната љубов со општонародната, што, во и низ индивидуалниот случај, ја открива големината и величието на општонародната борба.

Општо земено, Ацо Шопов од прва фаза во својата поетска еволуција се надоврзува кон поетиката на револуционерната и патриотската поезија кај нас во првите години по Револуцијата. Неговиот стих е пркосен, акционен, често директен во идејната порака, притоа – секогаш револтиран, како во На Грамос, против неправдата, злосторството, предавството, мракобесието. Така директно и отворено ангажиран поет Ацо Шопов е само во оваа своја прва поетска фаза. Подоцна, тој ќе се повлече во себе и ќе се обиде да го одгатнува битието човеково, битието на опстанувањето, смислата на нашето поминување низ светот преку своето сопствено откритие, низ своето себеиспитување. Тој сега ќе ја истакне девизата на својата поетика според која само вистините за себе можат да бидат вистини и за други, зашто човек не може да ги осмисли другите ако не се осмисли најнапред себеси.

Така почна втората фаза во поетската еволуција на Ацо Шопов, фазата на интимната лирика, која интегрално дојде до израз во неговата четврта книга поезија Стихови за маката и радоста (1953), како и во еден значителен дел песни во Слеј се со тишината (1955).

Во својата втора фаза, Ацо Шопов им дава исцело хитостатично место на своите интимни преокупации, на оние интимнолирски изливи што го имаа својот зародиш веќе во првата фаза од неговата поетска еволуција. Меѓутоа, ако во својата прва естетска фаза тој во конципирањето на песната тргнуваше од општото кон личното, сега, во втората фаза, општото сѐ повеќе се губи и личното добива хипостатичко место. Неговиот стих сѐ повеќе ја редуцира во себе естрадната патриотска и социјална реторика и ја нема поранешната амбиција да биде повик за остварувањето на големите социјални и општествени идеи. Неговиот стих веќе не им се обрнува на масите, туку на човекот, како единка. Тој веќе не е емфатичен, ниту монументален во своите идеи, туку пред сé сонорен, меланхоличен, тивок. Додека во првата фаза општиот поим на кој можеше да се сведе целокупното негово поетско искуство беше борбата, сега во втората фаза, станува тоа тишината:

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече
(„Во тишина“)

Или:

Можеби за болот друго срце треба
и тагата да е лач на месечината,
да можеби јас нема да се најдам себе,
можеби… Но слеј се, слеј се со тишината.
(„Утре“)

Така неговата поезија во Стихови за маката и радоста доби реско интровертен вид. Стана не само интимна, туку превосходно интимистичка. Па манирот на тогаш (во нашите литературни околности, во нашата привидно боемска атмосфера со пренагласениот творечки агенс – алкохолот) доминантниот Есенин, Ацо Шопов се определи да патува низ поезијата според утабани системи на чувствувања и пеење. Стихови за маката и радоста, како еден затворен интимистички свет, не отвори ниедна нова поетска врвица. Меѓутоа, со фактот што го нагласивме во првиот дел, дека токму оваа книга на Ацо Шопов ги прогласи еднаш веќе дефинитивно субјективноста на поетската креација и сувереноста на поетскиот свет, таа во творечката еволуција на поетското искуство на Ацо Шопов има свое видно значење.

Кои се доминантни белези на поезијата и поетиката од оваа, вторава, фаза во поетската еволуција на Шопов? А на целокупната негова поезија од фазата на интимната лирика има видлива автобиографска боја. Во основата на конципирањето на песната лежи личното емотивно доживување. Песната, главно, е замислена како своевидна лична релаксација на своите сопствени, лични, трауми:

Чинев, еве, идеш да ми речеш:
„Врати ми се, дојди дома, мил!
За сина ти, знам, срце те влече,
ти со него дамна не си бил.“
(„Не љуби ме”)

Освен тоа што неговата поезија претставува во оваа фаза, всушност, транспонирање на сопствените лични доживувања, не помалку доминантно место зазема и сетилната евокација: неговата песна продира само до сетилно видливото и сѐ во неа е сведено на него. Обид да се продре зад сетилната евиденција, каде што се плетат и расплетуваат замрсените конци на животот, поетот дури и не прави. Затоа супстратот на песната го сочинува само елементарното чувство. Во оваа смисла неговата втора фаза, фазата на интимната лирика е емоционално мошне богата, зашто е непосреден одѕив на срцето, така што целокупната негова исповедна лирика е создадена во основата на романтичарската традиција. Она, имено, што Ламартин го вели за себеси: „Овие стихови беа лелек или крик на душата. Јас го вритмував овој крик или ова лелекање во самота, во шума, на море“: тоа е сé, тоа е поправо, сѐ врз што се држи песната во оваа фаза од поетската еволуција на Ацо Шопов. Вака конципираната негова интимно-исповедна лирика, низ чијшто молски штимунзи завладаа резигнацијата, болката, тагата, умората или разделбата, се роди пред сознанието дека пред несреќата сме немоќни и дека несреќата, колку човечката цивилизација и човечкото општество да еволуираат и напредуваат, никогаш не ќе може да се оддели од човека, зашто таа е усидрена во неговото битие и зашто нема ниеден напор човеков кој еден ден не ќе пропадне, ако веќе секој живот завршува со смртта. Ваквото доминантно чувство во интимно-исповедната фаза на Ацо Шопов ја прави меланхолијата доминантно настроение што бдее над секоја негова песна, а неговото сфаќaње за светот, одвреме-навреме, црнотмурно. Меѓутоа, овој, мошне типичен ацошоповски црнотмурен концепт, кој метафорички најцелосно се изразува ако се именува со она што го вели самиот поет, бела тага, таа, значи, белата тага, не е негација на човекот, зашто неговата поезија во ниеден момент не губи верба во големите човечки вредности. Токму напротив. Во повеќето случаи таа претставува нивна апотеоза, апотеоза на слободата, убавината, љубовта, наспротив ропството, грдоста и омразата. Се разбира, сите овие сознајни продири ќе дојдат до полн израз во третата фаза на неговото поетско искуство. Она што, меѓутоа, на меланхоличните настроенија во песните од Стихови за маката и радоста им дава превосходен акцент, тоа е она доминантно чувство дека од искона над човекот владеат некои докрај никогаш недофатливи сили на кои човекот е немоќен да им се спротивстави и да им тури крај. Зашто: што е она што ја прави разделбата меѓу луѓето, зошто една голема љубов некогаш, се претвора сега во голема омраза, а една убавина – во една грдота, и кој е тој што седи во нас и кој без престан нѐ тера да повторуваме.

Зар вреди она што мислиш дека вреди?

Иако, како што рековме, емоционално богата и елементарна, втората фаза во поетската еволуција на Ацо Шопов беше, навистина, сигурно неопходна, меѓутоа, само една преодна фаза. Дотолку, поправо, и неодржливо е становиштето оваа фаза, фазата на интимната лирика во поетската еволуција на Ацо Шопов, да се издига до ниво на општ поим за неговата поезија. Веднаш мора да се забележи дека оваа фаза од неговото поетско искуство во никој случај не навести една одредена поетска индивидуалност. Ниту во поетскиот израз, ниту во поетскиот свет. Неговите поетски мотиви се мошне едноставни, сиромашни и некомплексни. Низ нив варираат една задушена љубов и една трауматска разделба со синот. Сето тоа ја означува неговата книга Стихови за маката и радоста со еден многу стеснет интелектуален, етички и духовен хоризонт. Неговата песна е речиси безначајна животна супстанција, затоа е етерична, без сопствена естетска Архимедова точка. Доминацијата на една кантиленска мелодраматичност и предоминацијата на чувството и расчувствителноста разоткриваат во неа сентименталистички акценти. Очигледно е дека неговата мисловност воопшто не дошла до израз. Така што, кога само по две години, во 1955, ќе се појави Слеј се со тишината, која сѐ уште не е ослободена од чисто спонтаниот и од екскламативниот тон, од сентименталната разнежнетост, но која содржеше и десетина песни со еден сосем поинаков призвук, како што беа: „Го барам својот глас“, „Промената“, „Залажување“, песните посветени на убавината, „Убавината“, „Ах таа убавина“, па „На езеро“ или „Лов на езеро“ итн., на мегдан беше еден сосем подруг поетски пристап, едно сосем подруго поетско сфаќање, еден Шопов, кој, врз континуитетот на досегашниот Шопов, се обликуваше во една сега веќе изразита поетска индивидуалност во повоената македонска поезија. Така, од 1955 наваму, трае третата фаза на поетската еволуција на Ацо Шопов, која, главно, ја сочинуваат книгите Ветрот носи убаво време (1957) и Небиднина. (1963), како и целосно сите песни што ги објави тој по својата последна книга поезија, од 1963 па сѐ до денес.

Еден посложен поетски концепт

Низ своето најново поетско искуство, откриено и донесено во третата фаза од неговата поетска еволуција, Ацо Шопов прави досега најрадикален и најдлабок обид да се нурне и да се усидри до и на длабокото дно на самиот себеси. Во „Петта молитва на моето тело“ тој ја екстрахира оваа мисла во вид на едно самопрашање што гласи: „Каде понатаму во мене?“, прашање што ја потврдува во доследен континуитет естетската поезија на Ацо Шопов дека тој потрагата по себеси ја смета како своја најдоминантна поетска опсесија. Така и сега, поетската и естетската еволуција на Ацо Шопов не трае во знакот на една своја самонегација, туку во знакот на една своја перманентна самоафирмација. Во сите три битни негови поетски фази може да се следи една единствена поетска личност. Ако, како што рековме, во првата своја поетска фаза Ацо Шопов тргнува од општото кон личното, во втората само од личното, а во третата од личното кон општото, ако, значи, низ сиве овие три негови поетски фази се чувствува поинаков пристап кон смислата и функцијата на песната, во основата на поетскиот став кон поезијата стои секогаш една единствена личност.

Неговите три фази не претставуваат некои циклички, затворени кругови што не упатуваат една на други, туку, напротив, тие имаат такви органски тангенти меѓу себе што се незамисливи една од друга. Не е неговата песна, било да се вика „Очи“, „Не љуби ме“ или „Небиднина“, некоја песна друга, поинаква, некоја песна на некој друг глас. Не. Тоа е истата онаа песна, тоа е истиот оној глас чијшто спознаен волумен, чијашто спознајна пенетрација во смислата на животот и сушноста на траењето е, меѓутоа, од првата до втората и од втората до третата потеска фаза сѐ поширокострана, сѐ покомплексна, сѐ послоевита.

Во својата трета поетска фаза поетот, на пример, не ги пее и не ги боледува само тагата своја, само болот свој, само занесот свој, туку каде и да се сврти, кон што и да ѕирне околу себе и во себе, забележува дека е сè менливо, дека сѐ почнува со љубовта, таа доминантна тема во сите и низ сите негови три поетски фази, а сѐ завршува, како што денес е видливо низ сето негово најново поетско искуство, со небиднината. Од сето тоа се раѓа во поетот оној негов перманентен неспокој, карактеристичен и за првата и за последната песна на Ацо Шопов. Од тој неспокој создава поетот и открива во тоа создавање сега една цела ракатка највозбудливи прашања на современата егзистенција за животот и небиднината, кои во нашиов век постојат веќе незамисливи едно без друго, зашто на постоењето непостоењето му се заканува во секој и низ секој миг.

Така, низ третата своја поетска фаза, поезијата на Ацо Шопов донесува многу покомплексни, многу поширокострани и многу универзално подрамски и посудбински сознанија и откривања отколку што тоа го донесе или можеше да го донесе исповедната ексклaмација во претходната фаза. Битно за најновата денешна фаза е, поправо, тоа што таа сега ни открива една многу посложена реалност отколку што тоа ја донесе или можеше да ја донесе реалноста заградена во својата исповедна и интимноличната зона. Сфаќајки ја и денес, како и порано низ сиот свој поетски континуитет, песната како потрага по себеси, денес забележува и открива во тоа свое себе веќе нешто ги надминува неговата сушност и неговиот ентитет, нешто е надвор од неговата приватна реалност, нешто што е над него. Така на дното од своето битие тој го открива небитието воопшто кое нѐ демне, кое татни во подземјето, кое бдее во надземјето, во светот што го живееме. На дното, каде што треба да биде, поетот ја открива небиднината воопшто, осмислувајќи ја поетски неа низ ретко прегнантни и возбудливи симболи:

Има долу една тешка крв. Има крв една
Има една крв густа како црна смола,
крв ненаситна нисконски жедна.
Има една стара крв, црна и гола,
лежи она и рие како крт.
Оди од праг до праг, рие низ свеста,
Непогрешно и неизбежно како смрт
Ги исполнува сите празнини и места.
(Има долу една крв)

Во Небиднинаод првата песна, од „Раѓање на зборот“, па сѐ до последната – „Песната и годините“, бдее небиднината како настроение, како атмосфера, како сознание, но и како едно филозофско становиште. Така, во својата последна поетска фаза, поетот не се остварува само низ онаа релација од себе до себе, низ која претежно се мислеше дека поетски се остварува Ацо Шопов. Тоа е веќе релација од себе до битието воопшто, така што низ третата фаза од поетската еволуција на Шопов мисловната димензија добива поекстензивно место, станува апсолутно подоминантна од чувството и расчувствуваната исповедност. Денес поезијата на Шопов е суштинска спротивност на она што долго се мислеше дека е таа: екскламација не, исповед речиси никако, медитација најмногу, медитација со своја автохтона лирска нота. Се разбира, кај поетот небиднината не се раѓа од некој трансцендентален систем на идеи; таа, како и сѐ друго кај поетите, е резултат од она што поетот го доживува и чувствува за современата ситуација на човекот во денешниот свет.

Ако, кон тоа, земеме предвид дека во основа на поетската експресија во најновото поетско искуство на Ацо Шопов од последната фаза доминира една многузначна метафорика во чијшто супстрат лежи поетскиот симбол, можеме да речеме  дека специфичноста на медитацијата во поетскиот свет на Ацо Шопов е во нејзината лирска сушност. Таа своевидна лирска медитација добива најпластичен и најавтентичен вид во, на пример, онаа малечка поема наречена „Небиднина”, спред која е и земен општиот наслов на позната книга поезија на Ацо Шопов. Шопов. Така, во нејзината четврта глава, поетот се коинцидира со стеблото, со она негово семеење во просторот и во времето, а стеблото го коинцидира со себеси, па гледајќи ги во него своите очте што зреат во „сонот на [неговото] лисје“, заклучува:

Кој нѐ осуди на исто бдеење.

Од друга страна, поетот длабоко во себе ги чувствува „длабините на стеблото”, дека стеблото, тоа е, поправо, неговата крв, па дијалогот со самотата на стеблото го завршува во стиховите:

Кој ни ја досуди таа небиднина
да бидам стебло, да бидеш песна.

Така оваа заемна самоотуѓеност на поетот и стеблото го детерминира самото поетско доживување на небиднината како доживување и на самоотуѓеноста кое израснува во сознание и низ кое во процесот на нашето опредметување во светот ние сме на изворот на она чувство дека не сме она што, всушност, мислиме дека сме, или дека најчесто сме она што, всушност не сме. Таа самоотуѓеност на поетот во зборот ли или во каменот, во крвта ли или во телото, во победата ли или во величествениот пораз, во тишината ли или во думаните итн. – ги открива, мислам, најизворно и чувството и сознанието дека процесот на самоотуѓувањето во поетскиот свет на Ацо Шопов е, всушност, процес на себенаоѓање, како што, обратно, процесот на самонаоѓањето во светот на поезијата е процес на самоотуѓување. Зашто, од каде инаку таа огромна сила на стеблото, на крвта, на думаните, на каменот, на тврдината итн. – да дејствуваат како наша втора природа, да имаат таква сугестивна човечка димензија? Самоотуѓени во овие предмети и предели кои симболички, но ништо помалку и стварно го осмислуваат човекот, ние чувствуваме дека на тој начин самоотуѓените и персонифицираните предели и предмети израснуваат, всушност, во чувства и сознанија за суштината на нашето траење и постоење под сонцето.

Во третата фаза од поетската еволуција на Ацо Шопов, неговата песна, неговата поезија воопшто, се заснова врз еден покомплексен, помногузначаен, посложен поетски концепт. Таа не е така едноставна во својата внатрешна концепција каква што беше во двете претходни фази. Не израснува веќе само на почвата на личното доживување, ниту се потпира само врз фиксацијата на сетилната импресија. Не се задоволува само со доловувањето на еден штимуг, ниту пак останува само на емоцијата како таква. Неговата песна денес поседува еден моќен и возбудлив мисловен стожер, едно симболично значење, едно огромно богатство на идеи и симболи, едно интелектуално искуство, една поетска сугестивна медитативна димензија.

Сиве овие нови специфичности на неговиот денешен поетски говор доаѓаат до полн израз во слоевитоста на неговиот поетски свет. Во оваа смисла неговата трета поетска фаза донесува и едно ново тематско подрачје како во неговата, така и во нашата современа поезија воопшто. Тоа подрачје е магиската сила на зборот, на оној збор дури со кој опстануваме во светот, било да му се спротивставуваме, било да го афирмираме. Низ ова свое ново тематско подрачје поетот ни ги открива тајната и смислата на зборот, ни ја открива онаа конвулзивна драма што се збиднува во процесот на творештвото кога стоиме пред раѓањето на зборот, зашто чувствуваме дека е само тој моќен да му одземе или пак да му даде смисла на сè она до кое ќе се допреме да го спознаеме. Па, ако зборот, тој столб на кој градиме сè во и не само во поезијата: војни и земјотреси, поплави и селидби, пустоши и колери, надежи и очајувања, слободи и ропства, животи и смрти; ако, значи, со него ги афирмираме или негираме човекот и цели народи, ако, значи, тој и таквиот збор што како Атлас ја носи врз себе во поезијата сета земја, сите нејзини убавини и проклетства, ако тој и таквиот збор во поезијата е толку моќен и семоќен – тогаш има ли поголема поетска тема од темата на неговото раѓање, од осмислувањето на она што на сѐ дава смисла:

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.

Зборот се двои од темнината.
Модер јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш
небото го лулаш, земјата ја вртиш.

О ти што постоиш зашто не постоиш
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти.
Зборот што ги крши сите слепоочници.
(„Раѓање на зборот“)

Зборот во поезијата на Ацо Шопов има една, би се рекло, космичка димензија. Таа негова моќ „земјата да ја врти и небото да го лула“, таа негова моќ да биде коперниковски центар околу кој се врти и се движи сѐ, тој збор што е „налик на сите мирни заробеници“, тој збор, „таа тврдина камена“, што, поправо, како каменот останува, и покрај сите мени и над сите луњи и покрај сите столетија, сѐ така неуништив и сѐ така моќен и севишен, тој збор што „се двои од темнината“ и кому „модар јаглен му гори во утробата“, тој збор што го носи прометејскиот оган во мракот, тој збор што е и искра и пламен, што запалува и изгаснува пожари и револуции, тој збор што ја пее големата човекова исконска радост, болка и тага, тој збор е песната, големата човекова песна што се простира од карјот до бескрајот, од пределното до беспределното, од видливото до невидливото, од цветот земски до ѕвездените маглини. Чувствувајќи ја, на тој начин, моќта или семоќта на зборот, поетот му се обрнува:

Својот гроб со прокуда го копам,
отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.
(„Раѓање на зборот“)

Но, има и еден само таков, само македонски збор. Во макотрпната потрага по него, во песната „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“ поетот ќе го одреди него како збор на раѓањето и како збор на лелекот. И целокупната поезија на Ацо Шопов е испеана, создадена од тој македонски збор што е раѓање и лелек, што е прокуда и проклетство, што е плач и утеха:

Пронајди збор на раѓање, на лелекање.
пронајди таков збор. И овој храм
затворен во својата древност и голем од чекање
ќе ти се отвори покорно и сам.
Пронајди збор на раѓање, на лелекање.

Тој збор во поезијата на Ацо Шопов е пронајден. Од раѓањето на првиот до последниот негов стих тој збор има едно единствено име: љубов. Така љубовта е една од најдоминантните поетски теми во поетското искуство на Шопов. Процесот на нејзиното поетско осмислување трае многу аналогно на поетската еволуција на овој поет. Додека во првите две фази љубовта е или сведена на непосредна еротика, или свртена кон оние традиционалистички нејзини манифестации: разделбата, изневерата или страсноста, во третата фаза, во стихозбирките Ветрот носи убаво време и посебно во Небиднина, во нејзиниот прв циклус „Молитви на моето тело“, поетот ја разгатнува филозофијата на љубовта. Иако на прв поглед се чини дека, на пример, единаесетте молитви ја откриваат онаа хедонистичка страна на љубовта, или нејзината пренагласена сетилност, сепак, во нив во прв ред доминира онаа нејзина метафизичка сушност, онаа таинствена димензија што ја прави неа никогаш неспознатлива докрај и кон која сме секогаш и засекогаш свртени како кон чувство што е праподвижник на сите наши и сетилни и духовни моќи. Колку, меѓутоа, и да сме го доживеале тоа чувство, колку и да сме го спознале еднаш, стоиме пред него секогаш како пред тајна, зашто колку и да ни е познато, тоа чувство никогаш не се доживува и не се повторува низ тоа доживување на ист начин. Љубовта е неповторлива како животот, како смртта, како убавината, и токму затоа таа е вечно обновување:

Ах таа убавина, ах таа убавина,
тоа диво во крвта завивање.
Кине, граба, сече, носи како лавина,
вечна е притаеност и вечно откривање.
(„Ах таа убавина“)

Несомнено, некои од најубавите песни испеани на нашиот јазик се токму оние песни на Ацо Шопов посветени на љубовта. Каков е и колкав е нивниот естетски дострел – станува веднаш видлив кога, по богатството, исклучителноста и необичноста на нивните слики и метафори, по онаа грациозност и суптилност на стихот, по онаа библиска елиптичност и сеопфатност ги споредувам нив со „Песна над песните“:

На твоето чело високо пасат плашливи елени,
ти имаш раце силни и зараснати длабоко вземи,
во твоето грло растат треви зелени,
твоите зборови се ковчести и остри, но неми.
(„Шеста молитва на моето тело“)

Има во осмислувањето на љубовта од нашата катадневна претстава за неа:

Твојата молбена закана, твојата лукавост нежна
и сите твои слатки измами ги знам.
(„Седма молитва на моето тело“)

Има од оној фатализам и егоизам што ѝ се нејзе иманентни и кои се неразделни од неа:

Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима,
цел живот патуваме од еден до друг
и секој го крие она што го има.
(„Петта молитва на моето тело“)

И така, љубовта, „тоа тело што лежи како мост меѓу два брега“, тоа „неизодливо тело“, „распослано како нема глад“, тоа „чудо во чудо“, над „кое гука галеб вечен“ и кое „земјата ја корне со чело“ и кое од „дивина со крвта нѐ вика“, не ќе се изоди, никогаш и никаде не ќе ѝ се одгатне нејзината дефинитивна смисла, зашто таа е „како тело што тече без тек“, зашто е не изодлива, зашто колку повеќе ја спознаваме – толку повеќе останува непозната. Меѓутоа, она што е најкарактеристично во спознајна смисла за сфаќањето на љубовта во третата фаза од поетското искуство на Ацо Шопов, тоа е нејзиното коинцидирање со небиднината. Она на што нему љубовта најмногу му прилега тоа е токму небиднината. И не е ништо чудно зошто во најновото поетско искуство на поетот сѐ во поезијата – како непосреден однос на човекот и светот, животот и духот – се одвива, се зародува, се осмислува меѓу љубовта и небиднината, меѓу вечното раѓање и вечното згрутчување на крвта, меѓу онаа љубов, онаа крв, како што е тоа вонредно сугестивно видено во песната „Лузна“, која не може да се смири, која рие по нас, која нѐ прогонува, та најпосле, на крајот, на секој неминовен и неизбежен крај, да се претвори во небиднина која „неизбежно како смрт ги исполнува сите празнини и места“. Во тоа е, ете, драмата, конвулзивната драма на поезијата на Ацо Шопов, еден автентичен поет nоn plus ultra за кој поезијата била отсекогаш само еден од начините да се живее, еден од начините да се опстанува, за вечно да се одгатнува вечната крвава загатка во што е тоталниот проблем на животот.

Од оние четири праелементи на старата грчка филозофија, огнот, водата, воздухот и земјата, песната на Ацо Шопов знае најмногу за првите три – земјата ја нема во таква екстензивна мера во нејзината поетска супстанција. За разлика, на пример, од поетските случаи на Блаже Конески, Славко Јаневски, Гане Тодоровски или Анте Поповски, таа како да се ослободила од гравитационата сила на земјата и живее превосходно од сублимирање на духот на светот воопшто. Неговата поезија е извишена кон такви галактички патувања низ кои се вклучува таа во сеопштиот човеков говор, во кој прашањето зошто да се пее секогаш му претходи на прашањето зошто да се живее и во кој одговорот на прашањето: чуму да се пее? е возможен ако се даде одговор на прашањето: чуму да се живее?

Она што е најбитното за поетското искуство на Ацо Шопов, она што во нашата поетска ситуација го оставува него меѓу ретките поетски духови, тоа е неговиот етички однос спрема својата поезија, кој, поправо, произлегува од неговиот етички однос кон своето лично животно дело. Да се остане секогаш свој, да се биде секогаш на изворот на себе, и покрај сите перманентни артистички и стилски денешни луњи, да се стои зад оние лапидарни зборови на Ричард III: „Јас сум јас“, да се верува дека поезијата може да опстојува без вештината, но не може да опстојува без моралот, тоа значи дека се афирмира токму овој етички постулат на поезијата со кој таа станува неразделен дел не само на животот, туку и на живеењето.

Пред секое уметничко дело секогаш стои една единствена дилема: дали тоа станало само историско-музјски реликт или пак останало такво вечно живо дело кое на најразличните и на меѓусебно противречните времиња ќе е способно и ќе е моќно да им зборува на луѓето за нивните секогаш загадочни спознанија, мечти и стремежи. Да се надмине таа неумолива поминливост на времето што сè влече кои еден историски неврат, да се остане во него, да се надмине строго националниот призвук и да се биде како неизгаслив зрак без кој да е незамисливо нашето денешно патување низ времето и на времето низ нас – тоа им е дадено само на оие ретки, само на оние исклучителни стручњаци за човекот, за ноките страсти и за неговите секогаш нови чувства и чувствувања, меѓу кои, секако спаѓа и Ацо Шопов.
___________________

* Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов

Овој напис е за првпат објавен во Современост, 1967, XVII, 9-10, стр. 799-816. Потоа е објавен како предговор на Избор, Скопје, Македонска книга, 1968, стр 5-25; во Македонската книжевност во книжевната критика, Том III, Мисла, 1973, стр. 455-482; и во Меѓу литературата и животот : огледи и критики, Скопје, Култура, 1981, стр. 311-338.

Текстот, со мали измени е преобјавен како составен дел на монографијата на Старделов Небиднината: поезијата и потеското искуство на Ацо Шопов, Матица Македонска, 2000.- 309 стр. Наведенава монографија е целосно преземена во Македонско поетско созвездие, МАНУ, Матица македонска, 2020.- стр. 461-634 (публикуваниов текст се наоѓа на стр. 475-497).

Делот што се однесува на третата фаза на поетското творештво на Шопов („Еден посложен поетски концепт”) е објавен во Развиток, XVII, бр.2, март-април, 1979.
_____________________

Старделов е автор на монографијата Небиднината: поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов, 2000.
Студии на Старделов за творештвото на Шопов work in process
По повод Ветрот носи убаво време, 1958

Небиднина – или лирската медитација на А. Шопов : по тој повод и по еден друг поодамнешен. – Современост, 1964, год. XIV, бр. 6, стр. 599-606

Нуркање во длабините на битието, 1970
Поетот Ацо Шопов, 1977
Поговор на Гледач во пепелта, 1991
Првата деценија од поетското творештво на Ацо Шопов, 1993