Задоволство во читањето*

Компаративна интерпретација на поезијата на Сенгор и Шопов

Катица Ќулавкова, македонска поетеса, есеистка и теоретичар на книжевноста, на промоцијата на книгата Сенгор – Шопов: Паралели, Скопје, октомври 2006

Катица Ќулавкова

Јас знаев дека Јасмина Шопова подготвува книга за поезијата на двајцата големи поети на 20 век, сенегалскиот и македонскиот, Сенгор и Шопов, ама книгата ја замислував како експлицитна интерпретативна студија. Кога ја добив за да ја подготвам мојата реч на оваа премиерна промоција на книгава во Македонија, бев видно изненадена. Беше голема отстапката меѓу прагот на моите очекувања (од книгата) и самата книга. Како последица на таа дискрепанца меѓу стереотипот на моето очекување и писмото на Јасмина Шопова, читањето го започнав со чудење, што значи со мобилизиран критички дух или ум. Активниот ум ни овозможува, без голем труд, да се впие книгата во него, во нас. Доживеав уште едно огромно задоволство во читањето на песните на Сенгор и на Шопов. Накусо претставено, тоа се состои од неколку основни катарсични спознанија за интерпретативната стратегија на Јасмина Шопова, во книгата Сенгор – Шопов: Паралели, изложена двојазично, на француски и на македонски јазик, достапна и до франкофоната и до македонофоната публика. Мојава промотивна реч ќе ви ги претстави токму тие неколку спознанија.

Но пред да го направам тоа, би сакала да истакнам дека оваа книга, со оглед дека претставува не само толкувачки, туку и специфичен антологиски избор од поезијата на Сенгор и на Шопов (специфичен затоа што е замислен како илустрација на допирните точки меѓу поезијата на двајцата поети, антологиски затоа што песните се сјајни, иако се бирани според прагматичниот компаративно-интерпретативен параметар на авторката), ја потврдува Јасмина Шопова како преведувач од најдобар вид, за што македонскиот јазик има оформено и специјален збор кој го атрибуира тој квалитетен премин од превод кон препев, особено кога се работи за поезија. Овие препеви на Јасмина Шопова ја квалификуваат како еден од незаобиколните препејувачи на Леополд Седар Сенгор на македонски и на Ацо Шопов на француски. Заслугите за препевот се дотолку понагласени доколку се има предвид дека (од една страна) Сенгоровиот француски јазик е стигматизиран од меморијата и сензибилитетот на африканскиот поет впишани во матрицата на неговиот мајчин јазик и јазикот на детството (serer), а македонскиот јазик на Шопов е морфолошки, синтаксички и семантички нијансиран од поривот да создаде нови светови создавајќи нови именки, реч темна и тешка, самрачна и течна како крв, како црно сонце, како небиднина, како тело на енигмата/загатката.

1. Книгата Сенгор – Шопов: Паралели од Ј. Шопова потсетува на уверувањето дека големите животни опсесии се остваруваат и стануваат дело, со што го оформуваат идентитетот на опседнатата личност. Опсесивните идеи му даваат смисла на животот и го осмислува човековото постоење. Не знам дали друго живо суштество освен човечкото има предиспозиции за креативна опседнатост. Опседнатост да, но не и за креативна опседнатост. Во случајот со Јасмина може да се каже дека нејзиниот идентитет се артикулира онака како што се артикулира нејзината опсесија по поезијата на двајцата поети Шопов и Сенгор, нејзината опседнатост по двете култури, македонската и сенегалската, и по двете цивилизации, европската и африканската. Кога-тогаш ќе се случеше Јасмина да го иницира интерфејсот (interface, Mieke Bal) на двете поетики и култури. Нејзиниот отворен, инклузивен дух мораше да дојде во ситуација да тргне по трагите на интертекстуалниот и на интеркултурниот дијалог. Интерпретативниот интерфејсинг/соочување на поезиите на Сенгор и на Шопов уверува дека иднината на просперитетниот и мирен свет не е во мултикултурализмот кој е несомнен на глобално рамниште, туку во интеркултурализмот кој треба првенствено да се негува и да се промовира како цивилизациска вредност, затоа што токму интеркултурализмот не е обична дескриптивна и стерилна квантификација и мултипликација на различностите, туку филозофска предлошка/платформа за трансфер на искуство, за комуникација, за взаемно почитување, за култура на самосвест, за спознавање на себеси преку спознавање на другиот.

2. Книгата Сенгор – Шопов: Паралели претставува конкретен показ на една индивидуално обележана, иманентна херменевтичка стратегија. Книгата на Јасмина покажува дека границите на толкувањето се поместуваат во насока од експлицитно акрибично метатекстуално толкување кон имплицитно, автотекстуално или иманентно толкување. Оваа книга започнува со едната, а завршува со другата интерпретативна стратегија. Уводниот есеј на Јасмина ги извлекува синтетички главните допирни точки меѓу поетите Сенгор и Шопов, и кога прави споредба по сличност, и кога прави споредба по различност. Основниот лајт-мотив на толкувачкиот праксис на Јасмина во оваа книга е идејата за совпаѓањето или за творечките коинциденции. Најголем дел од сличностите на коишто таа укажува се настанати во период кога двајцата автори не се познаваат и кога немаат информации еден за друг, односно кога не се создадени услови за евентуално непосредно влијание и рецепција на едната во/со другата поезија. Се работи за период од 40 години творештво, кога поетите работат одделно и без било каква меѓусебна комуникација. И по овој повод се поставува темелното културолошко и херменевтичко прашање како и зошто доаѓа до несвесни творечки совпаѓања, до антрополошки, културни и поетички миграции и сродности. Еден од можните одговори го подвлекува сознанието дека творештвото е – меѓу другото – состојба на епифанија. Сенгор и Шопов се идентификуваат во миговите на творечка епифанија, кога се од второстепено значење нивното потекло или биографија. Тогаш доаѓа до израз нивната сродност по дух и по израз на духот и се зачнува нивната двојничка судбина.

3. Би било добро сега да кажеме за каква иманентна интерпретација се работи во оваа книга. Откако прецизно и таксативно ќе ги сумира паралелите на коинциденциите и на дивергенциите меѓу македонскиот и сенегалскиот поет, Јасмина нè воведува во просторот на поезијата во којшто самите песни, одбрани грижливо, прочитани внимателно, ги посочуваат своите филијации/сродности, сведочат за енигмите на творењето и на постоењето, за антрополошкиот супстрат кој ги поврзува луѓето независно на која раса, на кој народ, на која вера или на кој јазик тие му припаѓаат. Јазикот е тука за да покаже дека зад манифестните разлики се крие латентна блискост меѓу народите и луѓето. Значи, селекцијата, класификацијата, наизменичната диспозиција на песните на Сенгор и Шопов, се така умешно приредени од Јасмина, што тие се толкуваат самите една со друга, односно веќе се интертолкување, внатрешна или иманентна интерпретација. Можеме оваа интерпретативна стратегија да ја посматраме и како инструмент кој ги илустрира почетните тези од нејзиниот есеј, но тоа нема да го негира фактот дека поетската селекција во книгата Сенгор – Шопов: Паралели не е само поетско четиво за нас читателите, туку и заемно, еминентно интертекстуално четиво на самите песни. И да потцртам уште еднаш, песната е визија на светот и како таква таа го толкува светот, животот и човекот, но песната исто така може да толкува и друга песна и да биде визија на поезијата. Или, уште поексплицитно кажано, теориско-херменевтичките механизми се повлекуваат/молчат кога ќе одлучиме да покажеме како една песна толкува друга и допушта да биде посматрана не само како текст туку и како метатекст. Наведени без имињата на авторите, привидно анисториски, ваквата интерпретативна селекција ги доближува двајцата автори небаре се еден. Таа илузија за едноста само сака да ја дешифрира енигматичноста на пишувањето и на поетската реч, зашто сама по себе е фасцинантна, колку и да се чини деликатна или дури и претенциозна. Иманентната интерпретативна стратегија на Јасмина е неконформистична и претставува гест на декоструирање на толкувачките стереотипи. Таа нé ослободува од анксиозноста за штетноста од влијанието, нé ослободува од комплексите на влијанието на релација мали и големи поети и култури, центри и периферии. Таа покажува како две периферии, македонската и сенегалската, можат да се претворат во центри на културата. Таа покажува дека два (условно) мали народи можат да соз-дадат големи култури и големи поезии.

4. Книгата Сенгор – Шопов: Паралели покажува како интимата се универзализира, како емоциите спрема таткото се преобразуваат во емоции спрема татковината, како матријархалната меморија е клучен фактор по однос на поетската лирска традиција и во Сенегал и во Македонија, како патосот станува логос, како животната приказна станува поетска систаса, како оралната традиција поети со различна биографска констелација ги враќа на огништето на обредот, во светот на ритуалната симболика која пак е на самиот праг на архетипските слики, на прагот на духовниот и мемориски простор кадешто народите се разбираат без потешкотии, без дискредитации и без опструкции. Поезиите на Сенгор и на Шопов покажуваат како цивилизациите се вкрстуваат преку поезијата и нејзиниот универзален јазик на симболите. Затоа ми се чини дека поетските светови на Сенгор и на Шопов не се паралелни туку блиски и вкрстени и дека паралелата тука е повеќе методолошка индикација за интерпретацијата одошто генерално спознание за некои два засебни света. Песните се заокружени целини како и авторите кога се посматраат одделно, но кога ќе се постават во контекст на споредба, тие се отвораат едни спрема други и ја покажуваат својата моќ за дополнителни значења, својот капацитет за нови врски, за интертекстуални спреги.

5. По однос на самиот предмет на толкување, книгата на Јасмина актуелизира неколку толкувачки оптики. Сега не е место ни време за нив. Би сакала само да укажам на тоа дека паралелното читање на поезијата на Шопов низ призма на поезијата на Сенгор што го има направено Јасмина е иницијација во нов круг на толкувања на делото на Ацо Шопов. Компаративната контекстуализација на животот и делото на Сенгор и на Шопов фрла нова светлина на делото на двајцата автори. Ова ќе го илустрирам само со еден пример кој се однесува на Шопов. Претставата за Шопов како историска личност е поврзана со фактот дека тој во текот на својот живот бил деклариран атеист, иако православен по традиција. Сенгор бил деклариран католик. Но, и едниот и другиот во поезијата ги следат трагите на паганската култура, благодарение на што се допираат во семантичкиот простор на предхристијанската паганска и анимистичка мисловна и уметничка традиција. Шопов во позијата е близок на обредната/ритуална културна матрица. Токму во тој обреден контекст би можеле да се појаснат подоследно некои енигми на неговото поетско, па и животно писмо. Таквиот обредно-херменевтички и пагански ракурс на толкување фрла нова светлина на неговата творечка опседнатост со раѓањето и магијата на речта/зборот, неговата вдахновеност од молитвата, неговата проекција на разнебитувањето и на ништавилото во поетската фигура на небиднината и на црното сонце (почитување на практиката на шифрирано именување на некои виши и на некои темни инстанци (Бог, ѓаволот), неговата посветеност на огнот и пепелта, на каменот и водата, на езерото и океанот, неговата идентификација со крвта…

И, да резимирам: Јасмина Шопова во својата последна книга промовира поетика на компаративната херменевтика, независно колку пригодни елементи има во поводот за објавувањето на книгата. Книгата се надевам дека ќе го надрасне поводот.
__________________

*  Реч на промоцијата на книгата Сенгор – Шопов: Паралели, Скопје, Сигмапрес, 2006. Текстот е објавен во Мираж, бр 16.
__________________

Прочитајте огледи и критики на Ката Ќулавкова за творештвото на Ацо Шопов: