Гласник на небиднината

Душко Наневски

Ѝ кликнувам пак на убавината:
прострелај ме со своите лачи!
Прострелај ме, па сѐ нека стивне…
само твојот блесок нека вивне!
(„Убавината“)

Смртта на свој начин ги прогласува поетите.

Во тој миг, се кристализира свеста за бесмртноста на поетската реч. И станува можно, низ трагична катарза, да се искажат најтаинствените мисли за една поезија.

Уште порано, низ осврт на книгата Гледач во пепелта (1970), и почувствував, а на посреден начин и навестив, дека поетот Ацо Шопов веќе е обземен од рефлексии за смртта, дека, низ метафори за пепелта, тој медиум на последната вистина, трага по она што останува од човека. Тоа го изразив и низ еден поетички афоризам: „Стихот е цвет откинат од смртта”, со што ја означив и клучната идеја од таа длабока и експресивна книга.

Потоа, во есејот „За поимот: Небиднина”, ја расчленив и многузначноста на тој новосоздаден поетски збор: не само како „коб”, зашто таа, иако најблиска по смисла, доближува до трагиката на Бодлер и поезијата на тн. проколнати поети; не и како „неоствареност“ или „неможност”, зашто овие поими не оставаат пат за излез, водат во крајна линија кон апсурдот во Камиева смисла, а Ацо Шопов, сепак, по секоја ноќ, наоѓа нов цвет на надеж на челото, како подарок од тајната на сонот; и воопшто не како „непостоење”, зашто тоа, меѓу другото, асоцира на небитието и ништотноста од филозофијата на Сартр, а, како што покажува македонската историја низ небиднини, тоа е жилаво постоење низ сите кобења, проклетства, фатализми, неостварености, дури и невозможности, низ витално гледање како на облак, со чувство дека ќе мине.

Во тој спектар и нагласив дека Ацо Шопов пронајде нов, голем збор, Небиднина, чија смисла се движи од библиското проклетство, низ романтичарската „светска тага”, до морбидната мôра на ова време, како израз на човекоболката со која се пробива светот од искони до денес, македонски термин што може да биде клучна ознака и за модерните кобни претчувства во светската поезија.

На веста за смртта на поетот Ацо Шопов, ми се јави и јасна мисла за светскиот призвук на поимот Небиднина, што ја запишав и објавив во тој миг: „Поетот Ацо Шопов, наспроти поранешното пеење на стихот”, со поетската синтагма „Раѓање на зборот”, навести почеток на нова фаза, пресврт кон ново, поинтензивно сфаќање на творечкиот чин. Така и го пронајде новиот, голем збор Небиднина, со кој го откри и означи ламентот на времето, модерниот фатум: и во светската атмосфера се чувствува како денес секој агенс на духот завршува во небитие, ништотност, небиднина“.

Она што сега сум побуден да го кажам е едно ново, поетичко сознание, што ми се откри во врска со стиховите на Ацо Шопов: Поезијата е збор по збор против смртта, што е и цел на нејзината животворна функција. Низ трагично доживување на тој чин, Ацо Шопов, низ човекоболка, со сензибилен слух за она што го носи времето, стана најчувствителен гласник на Небиднината, што сите денес веќе ја гледаме во апокалиптичната атмосфера, како знак на едно поетско предупредување. Од тоа чувствување идат и вибрациите на немир, кога ја читаме небиднинската поезија на Ацо Шопов, до едно сеопшто почитување на зборот на поетот.

Значајно е што тоа се огледува и во критичките одгласи за поезијата на Ацо Шопов, и надвор од Македонија, во поширок, југословенски простор, низ високи чувства и оцени, без оглед на разликите во естетските определувања, што открива и една изразита, југословенска димензија на неговата поетска реч.

Уште од порано српскиот поет Душан Матиќ, има искажано сознание дека Ацо Шопов е „една од најпривлечните фигури” и дека „неговото име одамна ги има минато рамките на македонската литература”. Таа мисла ја доизразува и Зоран Константиновиќ, со едно драгоцено, подлабоко видување: „Оваа порака, човек да се бори за зборот, е голема хуманистичка порака и една содржина на Небиднината… Небиднината — збор што го нема во речникот — кажува нешто што е општочовечко, нешто што е специфично југословенско, и посебно, македонско… Таа зборува за најблагородните човечки стремежи”.

Од друг агол, Миливоје Р. Јовановиќ, веќе зборува и за „модерна поетика и поетска космогонија” во поезијата на Ацо Шопов. Тргнувајќи од чувството дека поетот е естет: „само убавината е таа пред која останува восхитен”, или дека во допир со неа: „се доживува преобразување”, говори дека Ацо Шопов „го познава времето“, „оној пат по кој доаѓаат настаните или најавите на големите настани”, за да допре и до една „подлабока, лирска филозофија на битието, егзистенцијата и времето“’, и тоа во творечка насока, низ „законитости и можности кои поезијата постојано ги истражува”.

Слично сознание искажува и поетот Сретен Перовиќ, кој минал низ мислата и зборот на Ацо Шопов и како преведувач, кога тој ритам го поврзува со исконски глас: „Загледан во океанот, поетот стои на брегот и во мислите ги довикува сите галии на своите непознати претци, што на патот на неизвесноста, во непознатата утрешнина, пред многу векови исплoвиле”, одредувајќи ја и подлабоката, внатрешната смисла на говорот за Небиднината: „да го победи она исконско Ништо, за што пее не само овој поет”. А во поентата на својот исказ, со естетски усет, луцидно досегнува и дека „Небиднината е флуидно проицирање на сопствената неоствареност на широкото платно на праисконските желби”.

За нас е посебно драгоцено, што таа општочовечка инспирација на Ацо Шопов веќе се чувствува и на страна, низ искази на странски поети и критичари, кои, всушност, го откриваат неговото пеење како една димензија во светското искуство на поезијата.

Не случајно, поетот Ацо Шопов, во стих кажа дека „Откривајќи ја родината / го откриваме светот“. Сега, по преводот на француски, тоа го забележа и најубаво го изрази Фридрун Ринер, со интересно согледување: „Како поет, Ацо Шопов ми се чини е одреден да ја претставува македонската поезија во рамките на светската литература, бидејќи неговата поезија е суштински поврзана со македонската земја и потврдува дека духовниот живот во Македонија ги достигна тековите на европската литература”.

Во тој тон е и исказот на Александар Романенко, по преводот на поезијата на Ацо Шопов на руски: „Во македонската поезија, која многу векови беше откината од општите текови на европската литература, и која само во последните две децении има добри услови за својот развиток, творештвото на Ацо Шопов открива нов поетски свет, една од основите на она огромно што го нарекуваме наша современост“.

На свој начин е чудесен исказот на летонскиот поет Кнут Скуенчек, кој вели „низ преводот јас чувствував вистинска радост“, минувајќи низ поезијата „од прозрачно јасни песни до вонредно заситени, полни со внатрешен драматизам“, соопштувајќи дури дека „Молитвите на моето тело”, објавени посебно во една ревија, биле доволни да се појави едно влијание кај неколку помлади летонски поети, со високо указание дека „Ацо Шопов се покажува потребен на нашата поезија” (1975).

Убави одгласи за поезијата на Ацо Шопов се појавија и по преводите на неговите песни на англиски јазик. М. Холтон, меѓу другото истакнува дека поетот Ацо Шопов го минал „ужасот на историјата на сопствениот народ”, дека ја доживеал таа неспоредлива, „трагична состојба предизвикана во свеста”, покажувајќи храброст и „за навлегување во ризик на личноста во просторот и времето“, што е и една од доблестите на поезијата.

Таа длабинска димензија, ја сетил во поезијата на Ацо Шопов и критичарот Трајан Ника, по преводот на романски, искажувајќи го есенцијалното со убавите зборови: „Во своите песни, Ацо Шопов се стреми човекот да остане неисцрпен пред тајните на животот, оправдувајќи ги на свој начин своите сили на носител на една примарна хуманост, со обиди да го надмине ефемерното и непостојаното“.

По овие увиди, во високите одгласи за поезијата на Ацо Шопов, која, според некои искази, предлага цела „феноменологија на животот”, ми се јави уште една илуминација. Негде Достоевски има речено дека би бил најсреќен, ако од новосоздадените зборови му прими неколку генијот на јазикот. Од тоа гледиште, висок творечки знак е што зборот Небиднина е, не само прифатен, туку и се шири веќе и добива значење на светски поим.
_______________
*Текстот е објавен во Стремеж, год. XXVIII, бр. 3-4, Прилеп, 1984,  стр. 283-286
_________________
Студии и статии на Душко Наневски за поетското творештво на Ацо Шопов:

Други толкувања на поимот небиднина.