Триумф на јазичната имагинација*

Тодор Чаловски

Ставајќи ги во преден план поимите порив и песна, првиот како најсоодветен за оној иницијално инспиративен агенс што за последица го има настанувањето на песната, сакам да укажам на нивното, според мене, природно коренспондирање со општиот поим генеза, во овој случај на поезијата, кој и во своето изворно значење од грчкиот збор генезис значи раѓање, постанок, создавање на нешто во природата или во областите на духовната човекова пројава. И веднаш да речам дека тој колку и да подразбира една универзална димензионираност неизбежно својата идентификација мора да ја ситуира низ конкретно, индивидуално искуство кое во многу нешта е блиско, но најчесто секогаш самосвојно и различно, кога ќе посакаме секој од нас него да го артикулираме. Барем кога станува збор за уметничкото поетско творештво, а не за усната или орална поетска традиција.

Јасна поента 

Токму поаѓајќи од фактот, истакнуван од мнозина постари и современи значајни поети и теоретичари на литературата и пред сѐ на поезијата како нејзин значаен дел, дека создавањето или настанувањето на песната е мошне сложен и неподведлив на строга дефиниција процес, нам во мигов ни се чинн најблиско укажувањето на големиот македонски поет и носител на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Блаже Конески, кој во една кратка песна со наслов „Зборот“ од збирката Записи ќе рече:

Од секогаш сум мислел за излишноста на зборот,
дека најмалку го трога тој онега што му е упатен −
од каде тогаш таа потреба да се искажуваме
дури со ритам и рима, дури со алитерации?
Тука види ја сега бесмисленоста на земните извори:
било на ќуќур, било на вода, било на грлен извик.
Тоа е порив, и за смисла не прашува! 

Толку е целата песна, со јасна поента во која поривот или поетскиот занес, она првично и недофатливо емотивно бранување, тој специфичен вид на творечки поттик и вдахновеност што го условува натамошниот тек на поетската градба и нејзината финалнзација се именува за основен и најважен во процесот штo Конески во есејот „Еден опит“ и есеистичкиот запис „Генерирање на песната“ го наречува „откривање на песната“. Тука се потврдува сфаќањето за поезијата како уметност на зборот, тој е поистоветен со незаменливиот духовен порив за негово откривање, за негово преточување во поетски текст што ќе ја искаже неговата побуда, ритамот на сопственото животно пулсирање. Со тоа, заправо и самиот тој, зборот станува иницијација за песната. „Како при откопувањето − вели мудриот Конески − се појавува прво дел од предметот, а потоа внимателно се одгрнува земјата околу, дури не биде тој сосем откриен“. Тогаш веќе чинот на откривањето е збогатен и со сите можни дополни и метаморфози во кои бездруго творецот учествува со сето свое битие, кои пак од своја страна, отпосле стануваат важни за смислата на поетската авантура.

Има песни кои се резултат на чиста спонтаност, чии слики и зборовни склопови небаре се создале пред самото создавање на песната, како што има песни создадени низ подолго опсервирање на светот во себе и околу себе или со понирање во сферите на подсвесното на што се базираше, како што знаеме, надреалистичкото поетско искуство. Многу песни се плод на занаетско вложено умеење, истражување и усовршување во сопствената творечка лабораторија, но независно од подходот и постапката на нивното настанување, вистинските креативни вредности во сферата и поезијата неизбежно го содржат оној внатрешен допир за единствено изречување на зборот во облик на песна.

Иако, би рекол, не е секогаш препорачливо да се зборува или авторски да се дообјаснуваат определени творечки опсесии и пораки асоцијативно навестени дури соопштени низ одделни песни, факт е дека дополнителниот податок, најчесто автобиографски, може да ја зголеми љубопитноста кон авторот и да помогне во толкувањето и разгатката на генезата на поетскиот текст. Но почесто преку рецепцијата на текстот − песната, читателот предочува и особености кои за авторот не биле првенствени и најважни. Можноста за свое читање и доживување на песната е веројатно повистинскиот дијалог со неа, одошто авторовите навраќања и коментари кон неа. Но тие не се, секако, безначајни за да бидат однапред отфрлени. Тие уште како можат да помогнат за проникнување во тајната или зародишот на одделни песни.

Песната како рожба

Блиски ми се авторите што на поетското создавање му приоѓаат како на вистинското творечко случување чиј резултат е песната како рожба на поетот и на јазикот преку кој го изразува сопствениот свет и творечки сензибилитет. Како извор и утока на оние невидливи и само нему достапни треперења на срцето и умот од кои останува своевидна чиста есенција во облик на песна. Во оваа смисла показна е, на пример, песната „Раѓање на зборот“ од бележитиот македонски лиричар Ацо Шопов. Таа суптилно го изразува триумфот на јазичната имагинација, симболичката аналогност што придонесува песната да се отвора како магија на јазикот, како проклетство да се доловува неизречливото и зад границите на исчезнувањето и смртта, да се растајни небиднината човекова и на светот. Читајќи ја оваа песна ние имаме чувство како да се наоѓаме во некој неосквернет простор во кој минатото не се изгубило, но и иднината сосема не го укажала своето лице. Оттаму приповдигнат, небаре свечен тон на неговиот пев:

Глуҗд на глужд.
Камен врз камен
Камена шума
Изѕемнина.
Глужд на глужд
Камен врз камен
Од камен и ние обата

А нему на зборот, замаецот и основен материјал за песната: „Модар јаглен му гори во утробата“. Тој „иде замелушан од своите смртти“ и моќно „ги крши сите слепоочници“. Тој е оној, или поточно со него, по насетот и живеењето на неговото скриено време, преку ритамот и повеќезначната симболичка смисла што во себе ја содржи и околу себе ја шири, се сугерира особеното доживување на светот, неговата најчесто трагична сушност. Но, со него е можна и одбраната од злото, спротивставувањето на секој злодух кој толку тревожно го населил и ова наше време дебнеејќи со некој пеколен призрак над човекот и сета природа.

Оттаму горењето поетово во јагленот на зборот, стопувањето со него, значи непоколеблива верба во човековиот говор „што е најголема и неотуѓива човекова стварност“, како што вели Б. Миљковиќ, односно „сѐ е заменето со зборовите и ништо не е изгубено“. Со тоа е елиминиран дисконтинуитетот меѓу поетот и светот, меѓу поетот и песната, зашто поривот ја надвишил отуѓеноста, нему ништо не може да му се скрие, да му побегне, да му се оддалечи од видното поле. Освоена е со него камената тврдина на молкот, преточени се здивот н крвотокот сопствен во единственнот и независен живот на песната.

Илустративни примери за еден ваков, секако првенствено лирски одошто строго теоретски пристап кон тематот за поривот и песната, според мене мошне важен и природно содржан во глобалната тема „Генеза на поезијата“, има многу, како во секоја национална поезија, што значи и во македонската, уште повеќе во тековите на светската поезија. На крајот од овој исказ еве и мал коментар сврзан за личното поетско искуство.

Слегување во себе

Еден од големите живи поети на овој век, нобеловецот Октавио Паз вели дека „модерната поезија првенствено е слегување во себе, свртеност кон привидно исповедни теми низ кои се соопштуваат значајни вистини за себеси, за своето време и универзалното човеково постоење“, или како што забележува во годинашниот лауреат на Златниот венец на СВП, Генадиј Ајги „во поезијата треба да постои сѐ“. Ваквите и слични сфаќања за поезијата упатуваат дека опсесивното и инспиративно поле на песната е неограничено, поводот или предметот за нејзино артикулирање е неомеѓен. Упатуваат на една перспектива во која поезијата е навистина една од темелните вредности на човековото духовно егзистирање низ која можат да се соопштат личните и универзалните доживувања на светот и животот. Се чини и поводите за најубавите и најискрени стихови за творештвото на секој автор се случуваат во неговата најблиска околина. Поетот преточувајќи ги во песна и не мора на секој од нив да се сеќава зашто би останал заробен во некој вид сопствен ритуал на поетското создавање. Но, ете, јас убаво се сеќавам како се роди мојата песна „Куќата и недостатоците“ напишана пред петнаесетина години.

Човек стасан во фаза да свие сопствено семејно гнездо, решава да си изгради куќа, дом за животно пребивалиште, по мерата на својата потреба сообразена првенствено и со материјалната можност која сепак треба да содветствува и на замислата и желбата на оној што ќе го минува најголемиот дел од животот во таа градба. И кога таа е веќе готова и тој се вселил во неа заклучува дека куќата има недостатоци кои можат да се отклонат доколку со ист порив мајсторот ја зема под свое работата и истите ги доживее како можност за поголемо совршенство.

Тој тоа и може да го постигне воден од увереноста дека „прво се гради па се поправа“. Овој негов исказ соопштен со едноставни зборови станува клучен за поетовата провокација да го смести во песна, зашто и самиот верува дека не постои ништо под капата небеска што нe може да биде подобро, поубаво, почовечно. Овој исказ остана забележан на лист хартија и по кусо време, уште при поправките на куќата се навратив на него со првичната возбуда од неговата чиста и непристорена изненада, со нужната намера за неговото поетско обликување, емотивно – медитативна конкретизација, лирското тонализирање, ситуирање на амбиентот, реинкарнација на основните слики кои речиси беа дефинирани. Така ја напишав споменатата песна со истиот наслов што го имав ставено над исказот по првото негово слушање и забележување. Песната „Куќата и недостатоците“ гласеше:

Влегува мајсторот полн светлосни сенки
целиот со намера да го преобрази ѕидот
самотната празнина на прозорецот
стеснетата проѕирност на балконот

Има голема љубов во неговите раце
во неговите алати надминат страв
и некое стамно спокојство кога ми вели
„Прво се гради, па се поправа“
Ги броиме промените: јас, жената, децата
и гледаме дека нашата куќа полека губи
од чудната смисла на своите недостатоци
за кои навечер долго, долго разговаравме.

При конечното објавување во книга на оваа песна само ја дуплира придавката долго заради своевидно интензивирање на последниот стих. Бев среќен што ја напишав оваа песна која и денес ми е многу драга. Овој принцип на обликување лирска скаска во која суштествува јадровит инспиративен поттик ми се укажа творбен и при пишувањето други песни. Впрочем и колку да не можат да се објаснуваат одделни ситуации на раѓање и настанување на поедини песни, за кои не се неопходни никакви мистификации од типот на божествено укажување на стихот и зборовите. Иако неоспорно е дека поезијата е и своевидна магија, будно сонување но и игра, разговор низ кој стварноста ги покажува своите убави и грди нешта, го втемелува својот вистински идентитет. Зашто по природата на својата работа вистинските поети се и профети, чудаци и видари, гласници на човечноста, предупредувачи од можната апокалипса.

Затоа секоја песна и секој поет е мала историја за себе а поезијата е искон човеков за опстојба, длабење во корените на сопственото потекло, во неистрошеноста на сопствениот јазик, во множењето надеж за ново духовно вознемирување. Нејзе минливоста ѝ е туѓа, а целите возвишени. Тоа ми даде за право да проговорам за поривот и песната како две битни компоненти кои можат да помогнат во разгатката на генезата на поезијата. Го прифаќам и она укажување на Чуми дека и Струга е свето место на постоење генеза, на раѓање нова убавина и потреба од комуникација на јазиците и културите во време на намножени јанѕи и противречности во веков што е на замин. Можност за траење на она братство по несоница какво што се случува и во Струга.

Нејзин глас и сведоштво е поезијата, и не е таа што одминува туку тоа сме ние.

___________________
* Текстот е објавен во Нова Македонија, Лик, 15.12.1993, стр. 10-11.
Делот посветен на Шопов се наоѓа во поднсаловот „Песната како рожба”.