Сенгор, во полна слобода*

Илинка Митрева пред отварањето на симпозиумот „Сенгор во полна слобода”, го поздравува претседателот Глигоров. Скопје, 20 март 2006

Илинка Митрева пред отварањето на симпозиумот „Сенгор во полна слобода”, го поздравува претседателот Глигоров. Скопје, 20 март 2006

Илинка Митрева

Почитуван господин Ректор,
почитуван Директор на Високиот Совет на Франкофонијата,
почитувани пријатели, 

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на овој еминентен меѓународен колоквиум, посветен на еден голем поет, државник и хуманист – Леополд Седар Сенгор. 

J’ai eu le bonheur de rencontrer, lors des Soirées poétiques de Struga, celui qui fut le père fondateur de la Francophonie et qui disait : “La Francophonie, c’est l’humanisme intégral qui se tisse autour de la terre: cette symbiose des ‘énergies dormantes’ de tous les continents, de toutes les races, qui se réveillent à leur chaleur complémentaire”. 

Un amour profond lie Senghor à la Macédoine. Il l’a célébréе dans ses poèmes à chacune des évocations de la beauté et de la liberté. Car, la Macédoine c’est cela : beauté et liberté.   

Je suis convaincue que ce colloque apportera un brin de chaleur macédonienne à l’humanisme dont rêvait Senghor.  

Почитувани дами и господа,

Да се зборува за франкофонијата, значи да се зборува за еден голем јазик, за множество разновидни култури и за универзални вредности. Со членството во оваа меѓународна организација, која денес опфаќа 63 земји од сите меридијани, Република Македонија ја валоризира традицијата на Франкофонијата и нејзината улога во историјата, особено во периодот на националното осознавање. Но, со нашата секојдневна активност во промовирањето на франкофонските вредности, Република Македонија открива и една нова димензија на својата сопствена афирмација во меѓународни рамки. Паралелно со аспирациите за членство во европските и евро-атланските структури, Македонија бара простор за активен придонес во продлабочувањето на хуманоста, солидарноста и пријателството меѓу народите на глобален план. Франкофонијата ни ја дава таа можност. 

Токму францускиот јазик му даде печат на нашиот од кон Франкофонијата. Уште од времето на крстоносците, значајни француски патеписци го идентификувале и овековечиле овој простор и македонскиот човек. Оваа поврзаност посебно ќе дојде до израз кон средината на XIX-от век, кога во Битола ќе дојдат првите француски мисионери и дипломати. Минатата година, прославивме 150 години од француското дипломатско присуство во Македонија. 

Но не само историјата, туку и сегашноста ја потврдуваат поврзаноста и пријателството со Франција.  Најнов прилог во таа насока е скорешните одлуки на Владата на Република Македонија за формирање Владина комисија за афирмација на францускиот јазик и за воведување на натписи на француски јазик на аеродромите, меѓународните железнички и автобуски  станици и останатите простори на кои се одвива меѓународна патна комуникација.

Но со тоа не се исцрпува нашиот франкофонски ангажман. Досието за франкофонските постигнувања на Република Македонија во сите сфери на општественото живеење, е еден вид македонска франкофонска лична карта. Врз основа на тој активитет, Република Македонија, на септемврискиот Самит во Букурешт, ќе поднесе барање за полноправно членство во оваа Организација. Убедена сум дека тоа ќе биде голем придонес за развојот на Франкофонијата и на франкофонските вредности во Југо – источна Европа. 

Почитувани франкофонски пријатели,

Ние ја живееме оваа година како сенгоровска, сакајќи да ја претвориме во епоха. Со тоа, ќе дадеме свој македонски, но и франкофонски придонес кон остварувањето на пророштвото на големиот француски поет, нобеловецот Сен Џон Перс кој во стиховите посветени на Сенгор вели:

“Et nos poèmes encore s’en iront sur la route des hommes, portant semence et fruit dans la lignée des hommes d’un autre age “

(“И нашите песни ќе појдат по човечките патишта, носејќи семиња и плодови во човечкиот род на едно друго време”)

Сеќавајќи се уште еднаш на добриот човек Леополд Седар Сенгор и неговото големо дело, го поздравувам овој еминентен собир и му пожелувам успешна работа.

Ви благодарам.  

* Инаугурален говор на Илинка Митрева, министер за надворешни работи на Република Македонија на министер, на меѓународениот симпозиум „Сенгор, во полна слобода”. Ректорат на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Скопје, 20 март 2006 год.