Лириката на Ацо Шопов (V)*

Гоце Стефаноски, Чедо Цветковиќ

Поетскиот растеж на нашиот поет уште еднаш ја оправда своjата сигурна определена изворност и физиономија. Неговиот поетски императив со секоја нова публикација се обелоденува и презентира како одредена историска нагорност. Преку своето ново манифестирање на македонски поет укажува на своја одредена тематска константност, мотивска модифицираност, филозофска опсервација на исконски животни проблеми заснована на сигурна општествена подлога и со прераснување на својата поезија од класична во нова, современа форма. Таа нејзина одлика дошла до израз и овој пат преку најновата стихозбирка Небиднина која во 1963 година доби и највисоко признание – октомвриска награда. Тој опиплив момент не дошол како случајност. Во развојниот поетски пат на македонската лирика Небиднина е едно од оние поетски достигања што во себе носат ново, историски значајно како во поезијата така и во целокупното наше културно наследство. Тој дострел дошол како природен резултат на целокупната структура на поетот кој се движи во текот на скоро две децении по нагорни врвици на своето лично творештво, како поетска индивидуа, а исто така тоа претставува важен историски придонес во развојниот пат на македонската поезија и литература. Земени во сеопфатни размери на Ацошоповата поезија и на македонската – двете дистантно временски појавени стихозбирки – Песни од 1944 и Небиднина од 1963 година и споредени историски-развојно, веднаш паѓа в очи огромната поетска метаморфоза што настанала како кај поетот така и во македонската литература. Таа богата содржина е постигната со упорниот творечки процес на усовршување на македонскиот стих и неговото приближување во сферите на современата и југословенска и светска лирика. Ацо Шопов со Небиднина добива македонско признание како национална поетска вредност, што несомнено и требало да стане, со оглед на неговата присутност од почетокот па сѐ досега во македонскиот поетски израз. Тоа тој го заслужил како еден од македонските пионери кој не останал некаде на долгите и напорни врвици на поетската реч, туку себе се самоизградувал; во допирот со животот и литературата, во контактот со националните македонски насушни потреби, во потрагата за сублимирана лирска изразност и нова поетска модификација – Шопов, несомнено, дал одреден свој придонес, а посебно со својата стихозбирка Небиднина, која означува и неоспорив растеж.

За ваков вид поезија, каков што ни е презентиран во оваа стихозбирка, несомнено, е нужна потребата од посодржајна анализа содржинско-идејна и естетска. Не може ad hoc да се поставуваат нејзините поетски релации и вредности, зашто во тој случај би се западнало во субјективизам и површност. Нашата современа литературна критика, која во себеси содржи естетско-есеистички елементи, која по малку е површна, како да е пишувана „од нога“, неаналитички, студиозно и содржајно барајќи ги сите поетски компоненти – позитивни и негативни, и како да не ја претставува онаа исконска историска категорија на посредник помеѓу поетот-делото и читателот, туку како да е понесена со своја сопствена игра: да побара една или две вредности, да ги прокоментира со јазик недостапен за просечниот читател и со таков критички манир кој не му служи ниту на писателот ниту на читателот. Така, можеби, современата литература станала културен регион за мал број одбрани, прераснала во цветна градина во која што нема секој пристап. Вакви литерарни достигања, секако, треба да бидат поширок акцент, појасно обелоденување, а критичките написи поедноставни, посватливи и појасни. Тие треба во себе да носат, пред сѐ, одреден социолошки третман, зашто поетот заедно со својата поезија не претставуваат метафизички свет, па ни ирационалност, макар колку и да се движат во космички простори од теми, мотиви, идеи, слики и литературни форми. Овие два поима – поетот и поезијата – се историска општествена категорија; и творечкиот процес, особено на такви поети каков што е Ацо Шопов, бара аналитичко-социолошка вивисекција. Естетската анализа не смее да биде апсолутно примарна, зашто во тој случај поетот и неговата поезија стануваат метафизичка вредност. А метафизичката како филозофска доктрина не може во нашава современост да добие таква величина со право на граѓанство. Ние ќе се обидеме со јазикот на времето и на писателовиот свет да ги објасниме вредностите на оваа поезија, не претендирајќи, а приори, на непогрешивост. Дури и нешто повеќе. Во творечкиот опус на Ацо Шопов ќе побараме врска помеѓу животот и поетската реч. Креативниот момент на поетот за нас лежи во животните настани – економско-социјалните, политичките како и духовните. Човекот од секогаш бил предмет на литературата, па и во современите литерарни тенденции тој останува уметнички модел на креација. Она што го доживува поетот и што го реализира како поетска сублимација не е вон него, вон животот, вон општествените животни нормативи и филозофско-моралните и естетско-етичките категории. Напротив, тие се тука како одраз и уметнички израз од чувство, доживување, слика, идеја и мисла. Тогаш поетот и поезијата не се некаква метафизичка трансцедентална материја што леткаат некаде во вонвременскиот простор.

Па според тоа, Небиднина е одраз на поетското доживување на стварноста и носи идејно-содржински вредности од интересни теми, мотиви, чувства, доживувања, слики, рефлексии, идеи и мисли. Таа одразува еден наш современ свет и човекот во него.

Таквата констелација на оваа стихозбирка се наслутува низ трите циклуси: „Молитви на моето тело“, „Купувачи на старо“ и „Песната и годините“. Циклусите опредметуваат една единствена тема изразена во своевидна поема со исконски проблеми, универзални и едновремено современи. Иако на прв поглед меѓу себе немаат своја поврзаност, пред сѐ, тематска, циклусите се органски слеани не само во една поетска целина, туку и со целокупното творештво на поетот. Најстожерните носечки компоненти се: поетската изворност, силната љубов на поетската личност спрема животот и човекот, егзистенцијата на човекот и поетот, болките, тагите, раните, лузните, добивани низ суровата битка со животот како и силната страст од нагони за човечка егзистенција на релациите на широкиот простор на животот.

Ацо Шопов низ ваквата негова поетска тематска преокупација треба да се гледа низ призмата на личниот развој, некаде уште во првите свои поетски чекори кога пропеала неговата поетска душа и кога била преокупирана од големата борба на човекот за своја посреќна биднина и кога пред него искрснувала потребата да ја поврзи својата поетска реч со животните текови. Уште тогаш поетот пеел на темата – поетот, љубовта и борбата за живот. Во тие негови поетски младини живеела големата тема која во себе носи длабок филозофски акцент, но која поради животното неискуство не можел да ја опредмети така што да се добие одредена рефлексивност во каква поетска форма ја предава и модулира во најновата стихозбирка. Ништо повеќе во текот на поетскиот развој не го измачувало овој поет од темата: што е љубов. А во врска со неа редовно се наметнувал проблемот: поетот со својот сугестивен уметнички израз да ја доживее и одрази, да ја истакне и овековечи. Тој како да бил свесен дека тоа е неисцрпна тема, дека има свои илјадници варијанти, дека понекогаш е конкретна, материјализирана животна појава, а на моменти сублиматна аморфна материја која нема своја кохезија, дека поетот токму таа материја на уметничко вообликување го измачува, возбудува, прогонува како прародителски грев, како нагон на егзистенцијата, порој од надојдено за израз а непронајдено корито за најсоодветна формулација, за да се биде своевиден, нов, да не се купува старо, да не се изостанува во големата битка на животот, за да не се умре со небиднината. При таква тематска преокупација поетот, тој вечен немир на животот, тој исконски аналитичар и трагач на животните формули, станува своевиден Хамлет кому му се наметнува прашањето: да се биде или да не се биде; ќе има ли своја егзистенција или ќе умре како непознат, ќе биде ли вредносен креатор на животот на таа голема и неисцрпна тема наречена љубов или ќе исчезне низ силната трагика на сопствената немоќ.

Ако од овој агол се погледа стихозбирката Небиднина (а мора така да се погледа), на преден план избива одредена планомерна тематска целокупност. Неговата нова збирка претставува нов придонес мотивски и естетско-уметнички, претставува нова своевидна креација во потрагата за уметнички израз; песната со својата полнокрвност, со својата физиономија е одраз и на животното искуство – на годините.

Ако се земе дека Небиднина е компактна своевидна поема, тогаш песните „Раѓање на зборот“ и „Песната и годините“ детерминираат пролог и поговор, увод и заклучок на една иста тема, на една иста мисловна концепција. Во „Раѓање на зборот“ поетот низ згуснати рефлекси психички понира во творечкиот процес, во породилната мака на креацијата, на поетскиот оган од занес, на поетско напинање и лутина за откривање на уметнички израз на доживеаното со силата на опсервацијата, инвенцијата, фантазијата, имагинацијата, инспирацијата како внатрешна психолошка вознемиреност од желби и немоќ, од копнежи и недореченост, од страст и морални кодекси, од спознавање дека живата слика на креативното може да стане мртов недоносен израз – таа вознемиреност станува игра на личната поетска трагика, но и величина. Неговата поетска лирска медитативност не е лична исповед, нити занаетчиска исповед за социјалниот момент на поетскиот процес, туку, пред сѐ, филозофски проблем: што е тоа поезија, а што уметничка душа; што е тоа поетска болка, а што негова радост. Ацо Шопов во оваа песна укажал на богатиот порој од чувства, мисли, желби, копнежи, радости, таги, болки, рани и лузни. Тој ја исепал во психолошка згусната атмосфера од болни и мачни крикови во постојаното трагање и истражување на соодветниот уметнички израз на творечката носивост. Него го измачува, дроби, крши, уништува тој неподатлив камен на изразот, тој глуждовит глужд на речитоста, таа студена изѕемнина и таа шума од камења. Во доцната ноќ гори поетовата душа со црнилата, согорувањето на лутата болка по недоодливоста. Во тешката мрачна темнина на напластените слики, бои и доживувања, низ судна мака на творечкото се одронува карпата – збор, а во неговата утроба искрее модриот пламен на духот. Секој одмерено издвоен и употребен збор носи богата сликовита сила и метафоричност, носи пламен на поетска топлина, на чувствата, настроенијата на поетот. Зборот – тоа е душата на поетот, тоа е неговиот свет, неговите идеи, чувства, мисли, доживувања.

Тој мачен процес силно го опредметил низ згуснат поетски израз:

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
(„Раѓање на зборот“)

И сугестивно и непосредно медитира:

Модар јаглен му гори во утробата.

Шопов како никаде, како во никоја друга своја песна, констатира една нова психолошка преокупација на поетот-творец: тој не е задоволен со постигнатото, со пронајдениот поетски израз, макар за него согорел низ своите маки и напори. Нему му се чини дека иако е роден и пронајден тој баран збор, не го загрева, туку како некое потајно проклетство го негира и едновремено го смета за мртов. Таа психолошка обременетост за уметничката вредност (или невредност) е онаа хамлетовска борба со самиот себе, онаа жестока пресметка со својата лична поетова вредност. Тие тешки, неми монолози на уметникот се предмет на стиховите:

О ти што постоиш зашто не постоиш
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
О ти што постоиш зашто не постоиш
земјата јачи под камени плочници.
(„Раѓање на зборот“)

Низ нив поетот ја открива универзалната вечна потрага на поетската адекватност на реченото и неговото незадоволство од својот креативен творечки дух камшикувајќи го да пронајде таков што ќе ја отвори и камената тврдина а самиот поет во тој процес на истражувањето ќе се стопи, согори:

Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме
проклетијо,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.
(„Раѓање на зборот“)

Откако била создадена песната и откако изминале години, често се случува поетот – тој нејзин творец – да се најде лице в лице со неа и да се побараат на релацијата на моментното постоење; и точно во тој момент да се почувствуваат со еден дел истоветни, а со друг дел сосема туѓи. Песната станува израз на одредено време, слика на одредена поетова психологија, на конкретната историска вистина, зашто творбата нема стареење доколку поетот во неа внесе уметнички жар, дел од самиот себе, доколку таа ги изразува стремежите на соништата и маките на својата современост, доколку во себе носи печат на мудроста на живеачката на народот и поетот. Таа меѓусебна поврзаност на поетот и творештвото е историска категорија на литературата како одраз на животот.

Од овој агол погледната, стихозбирката Небиднина добива своја одредена тематска вредност. Таа има своја тематска заобленост не само со почетната и завршната песна на стихозбиркава, туку посевкупно – со оваа стихозбирка и онаа од 1944, наречена Песни. Така Ацо Шопов на понепосреден медитативен лирски пат нѐ гони да гледаме на неговото творештво како на природен историски творечки процес и како историско – општествен одраз на одделните периоди на нашиот човек и на нашиот поет, како негов дел. Таа тематска заобленост ја истакнува и оваа стихозбирка дека Ацо Шопов навистина има планомерен не само тематски туку естетско-уметнички развој, дека е тоа поезија на историска потреба, на лична нагорност на поетот. Во тој свој растеж како и во растежот на нашата македонска лирика и дал одредена вредност, та и обајцата претставуваат, според реченото во „Песната и годините“:

Твоите години и моите години –
два брега,
два камена,
две небиднини…
Да си благословена небиднино
во времето што не знае стареење.

Поетот знае дека творба што станува крвна плот на неговата личност и на животот воопшто, претставува израз на животно искуство; таа во себе носи одредена историска мудрост на живеење. Поетот е своевиден филозоф. Античките народи, па и ориенталските, во поетот гледаат свој мудрец. Таквата содржина на поетската реч станува и за Ацо Шопов категориски поим на неговата лирика, кое и го истакнува во својата поговор-песна „Песната и годините“:

Да си благословена најнепозната песно.
Нѐ изедначуваш во мудроста,
нè израмнуваш во годините.

Таквата песна што во себе содржи афористика од мудрости и животна филозофија на едно време, станува израз, акцент, печат, симбол на нормативите на животната егзистенција. Времето, човекот, животот, поетот, песната се слеваат во еден опит поим, наречен временски одраз на животот, уметничка креација на човечката екзистенција:

Твоите години и моите години –
наши години.

Тоа чекорење низ просторот од време, изразен со години, нема свој почеток ни свој крај; тоа чекорење означува многу плими и осеки, многу маки и радости, грсје љубов и жестокости, прелевање едно во друго, и точно поради тоа не се знае што е лично, а што општествено, или пак едното е второто, или второто е првото. Тоа е онаа филозофска есенцијатност на небиднината што ја измачува поетската креативност, поетската творечка душа:

Ти одиш чекор по чекор,
мака по мака
низ моите години,
јас одам чекор по чекор,
мака  по мака
низ твоите години.
Нема крај и нема издвојување.

Тоа ирационално сфаќање за егзистенцијалното во животот што нема свој почетох ни свој крај, што е вечна метаморфоза на животните текови, е предмет не само на оваа песна туку и на целата стихозбирка, па дури и пошироко – на целото творештво на поетот.

Ацо Шопов е јасна, категорична поетска фигура што се родила на оваа наша македонска земја, што израснала под ова наше македонско небо, во жестоката битка на реализирање на животните соништа на човекот и народот. Својата поезија никако не ја фрлил вон релациите на нашата стварност, вон релациите на нашиот човек и живот. Тој останува она што бил уште во 1941 година, она што носи печат на нобеовските сонувања и од тој животен агол ги набљудува изминатите патишта како и патиштата на нашата современост и иднина. Макар колку да содржи во себе Небиднина ирационалност и универзалност што важат за сите меридијани на нашава планета, сепак таа е наша македонска и општојугословенска, нобеовска и понобеовскa.

За таквата негова поетска структура и физиономија зборува и првиот циклус од НебиднинаМолитви на моето тело“. И во овој цуклус песни основната тема е љубовта, но не на релацијата на револуционерниот пат од 1944 год. кога земјата вриеше од оган и барут, од врел здив на борбата, туку љубовта како нова содржина на мирновременскиот живот, на човекот што е преокупиран со лична драма, лични копнежи за мирен човечки живот, разгоруван од врутоците на честита силно доживеана љубов, која е израз на еротизам, сензибилност, сензуалност, која носи акцент на разновидна скала од емоции, настроенија, немири, пориви, трепети, копнежи, страсти и визии. Таа е поетска медитација на емоционално-социјално и општествено разгранувана личност. Иако на прв поглед се доловува претстава дека оваа лирика носи содржинско-идеен белег на плотска љубов на епикуризам и хедонизам со хиостазација на страстната помама по убавината на телото – тој извор на разбранувани страсти, со акцентирана идеализација и тегобна самоизмама од пожелба за доживување на љубовен миг до отелoвско самосогорување на својата заблуда од љубомора, сепак јасно се уочува дека тоа е наша современост, наша актуелна проблематика која раѓа толку многу своевидни содржини на интимата што се распнува од чистата платонска љубов до онаа на сладострастната. „Молитви на моето тело“ како детерминација ја изразува содржинско-идејната структура на циклусот. Тоа е молитва на љубовниот човек; тоа е молитва на правоверниот пред храмот на животот, пред олтарот на божицата-убавина; тоа е молитва на човекот што е ставен во служба на љубовта како идеал; тоа е исконско клечење на војникот пред силата на природата вообличена во убавина што има своја облина, линија, боја и звук пред кој дури и суровиот војнички аскет клечи и збунето трепери од возбуда и лична немоќ. Таа маѓепсна сила на љубовта како ирационален поим – убавина вообличена во човечка плот од линија, облина, нежност, топлина, грациозност, шармантност, миловидност, кокетерија, ласцивност, од нагон, страст, буен нездржлив порив, нескротена река од чувства кон девојка, жена или мајка, до тој сплет на светлини и темнини на личната егзистенција на човекот, – станува предмет на уметничката инспирација и креација. Песната прераснува во израз на молитва, химна, псалм, ода, идила, елегија, сонет, персонифициран пејсаж, газела, глоса, соцлирика, патриотска песна или дитирамб, епитаф, или епиталам… Таа израснува во Цвеќе на злото, во „Чаша на опивноста“, „Псалми“, „Песна над песните“, Ѓулиќи и Ѓулиќи увеоци, во „Ѓаволии“ или „Јадна драга“, во „Емина“, во Сонетен венец, во Лирски интермецо итн… Таа е вообличена во убавината на Лаура, Беатриче, Елена Тројанска, Ронсарова Елен, Јула Примицова, Емина или Ружа … Тоа е онаа молитва на поетот што ја упатил до убавина која вознемирува како животна опсесија, која го измачува во луда потрага за наизглед обичен збор кој во себеси ќе носи таква уметничка сила и опредметеност што ќе претставува лексичко богатство, придонес во богатата ризница на човечката елоквенстност. Тој новопронајден збор ќе означува епитет, метафора, градација, хипербола, компарација, метонимија, контраст, елипса, алузија, иронија, сарказам, алегорија или симбол. Тој обичен збор блеснува со волшебната сила на скапоцено од брилијант, смарагд, или рубин. Во себе тој ќе носи структура на копнеж, реторско прашање, крик на болка и изненада, лирски штимунг на наивност и патетика, на благ хумор и иронија, на протест од бол и ранетост, израз на уметничката игра на зборот. Тоа е вечната содржина на лириката, на поетското во поетот. Таа ги носела во себе струјните текови на животот и под нејзината сугестивност израснале такви поетски величини од творби и писатели како што се Хомер, Данте, Петрарка, Шекспир, Гете, Хајне, Пушкин, Бодлер, Блок, Есенин, Мајаковски, Лорка, Прешерн, Змај, Бранко, Шантиќ, Жупанчиќ… Тоа е таа вечна игра на уметноста, тој медиум на конкретното и апстрактното, на материјализираното и идеализацијата, на класичното и современото, на стварноста и фантазијата, на јавето и соништата. Тоа е оној прометејски огон на лириката што ги распалува творците и читателите, таа вечна спона на времето што станува небиднина.

Овој циклус има своја сопствена лирска поетска модификација од мотиви, теми, настроенија, чувства, слики, мисли и форма. Во многу се разликува од досегашното Ацошопово кажување, од досегашното уметничко интерпретирање. Тој е нов, но едновремено константно своевидно современ. Во класичната лирика нашол своја лирска изворност, а по малку и од народната; но, таа не е ни класична ни народна, уште помалку екстравагантно модерна. Таа се движи на релацијата на современата рефлексивна лиричност.

Како во поранешните свои стихозбирки, особено на оние од поново време: Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време, Ацо Шопов настапува со својата одмереност на изразот и контемплацијата на чувствата. Таквата структура на неговата лирика од „Молитви на моето тело“ се доживува низ одредена лирска фабулност, изразена низ мотивите: поетот е вознемирен од исконскиот оган на творечкото, од огнот на силната љубов кон човекот, неговите проблеми и семоќноста на уметничкиот израз манифестиран во поетскиот збор (,,Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“); него го вознемирува копнежот за љубовно доживување на лична среќа; тој гори од возбуда на побудената страст за уживање („Втора молитва на моето тело“); во својата голема игра на човек што коленичи пред храмот на љубовта и убавината на жената – тој идол од сакана девојка, сопруга или мајка, поетот наоѓа животна радост, утеха и спокојство (,,Трета молитва на моето тело“); таа силна љубов е негова осмисленост, негова молитва, негово Вчера, Денес и Утре, негова вера и патоказ, негова битка и жестока лузна („Четврта молитва на моето тело“); во лудата игра на љубовниот занес, во вечната егзистенција на човекот, во исконската коегзистенција на двата вљубени живее личното, неподатливото, секретното – секој за себе е лична интима, иако на необична блиска релација на љубовен занес – секој за себе, низ рефлексија констатира поетот, претставува свој свет („Петта молитва на моето тело“); за поетот љубовната игра е игра на уметничката инспирација, извор на творечки сокови и разгор на чувства, слики, визии, идеи, елоквентност, но и израз на сопствен пораз од немоќ на спознавање за својата власт над саканата („Шеста молитва на моето тело“); кокетната неподатливост во играта на љубовта, поетот доживува скала од сомневања, излив на разоткривање за доживување искрена пламена љубов до согорување, до творечко оплодување како негова алтернатива на поетска егзистенција (,,Седма молитва на моето тело“); потрагата за осмислена љубов, психолошката распнатост на човекот поетот го измачува, зашто интимата останува непозната љубов; љубов со мрежа од лаги и измами, од притворства и слатки бладања, од многу надежи изгубени; тоа е внатрешен монолог на вознемирениот вљубен човек („Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов“); измачуван дури и во часовите на љубовната среќа кога изградил град на љубовта и убавината на живеачката, поетот е поткопуван од сомневањата на својата егзистенција на човек и поет („Деветта молитва на моето тело“); современиот човек мора да се предава на животот со нужна разумност на егзистенцијата и во личната интима, за да пронајде рамнотежа меѓу чувствата и разумот – годините со себе го носат ослободувањето на човекот од вителот на сомневањата и отеловската вознемиреност („Десетта молитва на моето тело“); поетот во современата развиорена стварност од многубројни и разновидни случаи на интимата станува животно зрел и достатно мудар да ги погребе своите сомневања и да израсне во нова љубов со иста сила на љубовен пожар, на љубовна жед по животот. Во умирањето, лежи обновата на животот – тоа е смислата на современата егзистенција на човекот (,,Последна молитва на моето тело“).

Поетот живеејќи со тековите на секојдневието, со многуcтраноста на егзистенцијата, со разновидноста на социјалните слоеви на нашето општество, покажува дека има слух за тешко социјалните проблеми на овој мал фосилен, животноанахроничен и архаичен свет кој бавно ја менува својата психологија, својата органика на егзистенцијата, кој сѐ уште не се вклопил во новите нормативи на животот. Тој вникнал во неговата психологија и животната филозофија по проблемот што е според него среќа, а што несреќа, што е радост, а што е тага и болка, во што лежи смислата, а во што бесмисленоста на личното постоење на човекот. Него поетот го разоткрива преку исконскиот нагон за самоодржување и копнеж за љубов како насушна потреба на живо суштество. Љубовта кон животот и среќата поетот ја открива и во овој необичен свет. Дали таа среќа лежи во купување старо или во чистење чевли на улица, дали претставува силна љубов кон жена што отишла по богат човек или избегала за младич од прегратките на човек во години кај кого имала материјална егзистенција или е љубов онаа што гори кај човекот кој би дал сѐ од себе за да ја усреќи? Таа тема, интересна и во нова светлина прикажана, поетот ја доловува преку силната страст на малиот човек за човечка среќа и топла љубов.

Од овој аспект погледнат циклусот „Купувачи на старо“ претставува фрагмент од големиот мозаик со темата – љубов. Тогаш и овој циклус песни е вграден во целокупниот лирски поетски опус, само што во овој се манифестира нов колорит, нова проблематика, нова оркестрација од чувства, мисли, идеи и мотиви. Тој е наметливо социјален и рефлексивен. Социјалниот елемент лежи во стремежот на писателот да долови социјална егзистенција на луѓето од периферијата на животот, кои се обременети со специфична психологија. Тоа е оној свет што избива од паноата на сликарските изложби на македонскиот сликар Мартиноски. Преку него е одразена апсурдноста на постоење на тој свет во нашата социјалистичка современост, но сепак присутна:

Старо купувам, ново препродавам,
Симни, господине, жив ти дечињата,
да ми ја превртиш сета немаштија
нема да собереш една илјадарка…
(„Старо купувам“)

…а Далип купените чевли на старо ќе ги носи како ергенска манифестација на помодар и ќе се чувствува среќен во подзакрпените, пребојадисаните, подновените и светнатите „како небо утринско“  ветвите чевли и во средината на тој свет ќе игра улога на личен, „сербес“, „ачик“, „натокмен“ ерген. Во таа понижувачка професија – купопродажба на старо – наоѓаат смисла на среќа и купувачот на старо (трговецот без трговски ќепенок) и купувачот на подновените изветвени отпадни ветвурии, а калеш Калина на својата свадба ќе биде облечена во ризата носена од некоја „господарка“ и купена за една стотка; невестата Калина во старата изветвена риза не само што ќе најде среќа и задоволство, туку и благодарност за дарежливиот живот. Тоа социјалното го притиска малиот човек: сиромаштијата, скапотијата, многудетноста, вечната незаситеност, гладот, голотилакот. Во таа борба за среќен живот себе се чувствуваат на релациите на последниот колосек, со кого како да се помирени, како да нема кај нив стремеж за социјално изедначување со другите слоеви, како да не ги боли социјалната разлика, како нивниот живот судбински да е детерминиран да живеат од отпадоците на животот. Во тоа поетот ја согледува и префинето лирски ја предава трагиката на овој свет. Поетот како да истакнува дека таквата филозофија на гола егзистенција е оној апсурд на нашата современост, против која филозофија треба да се бори современиот човек, зашто НОБ и нашата социјалистичка стварност бијат битка во името на среќната иднина на луѓето од периферијата на животот.

Ацо Шопов и со овој циклус настапува одредено програмски во духот на неговите нобеовски животни идеали и повторно се појавува како протагонист на суштествената врска на писателот и животот. Тој социјално е преокупиран со егзистенцијата на малиот работен човек, со неговите желби, копнежи и стремежи, со неговите болки, страдања, рани и лузни, со интимата што го притиска како проблем на помала вредност, неговата присутност во многуљудието не ја чувствуваат безгрижните граѓани, не чувствуваат дури ни потреба да се заинтересираат за неговата болна интима, а поетот има душа и срце да ја чуе и сфати. По својата грижа за ситниот човек, по длабочината на доловените мотиви, социјални слики, чувства, доживувања, поетот напомнува на чеховски манир и акцент, на хуманизмот на писателите социолошки загледани во животот.

Рефлексивниот елемент на овој циклус сам од себе проникнува. Тој не е предаден со одредена предиспозиција и со претензија на рерлексивна поезија, туку на социјална. А социјалното е така модифицирано низ лириката што обврзно буди кај читателот размислување. Песните не го оставаат на мир со многусложените комплексни проблеми на животот, сврзани за овој медитерански свет. Неговата филозофија на гола егзистенција како да се поклопува со идејните струења на современиот филозофски правец, наречен егзистенцијализам. На наше, балканско, југословенско, македонско (попрецизно речено) подрачје исконски постоела филозофијата од овој вид мeѓу народот, но во своевидна физиономија. Неа не ја одразил наш филозоф од величината на Сартр, Киркегарт, или Шопенхауер и Ниче, или некаков Толстој или Достоевски. Наш филозоф егзистенцијалист е самиот народ. Тој не опредметил филозофски високошколуван претставник на свој филозоф, зашто животот бил скржав спрема него; тој не му обусловил нормална егзистенција во современата култура на цивилизацијата, не му отворал перспективни можности од духовен развиток; го фрлал во низините на неписменоста, примитивизмот на плебс. Вслушнете се во стиховите:

Старо купувам, старо купувам,
стари алишта, стари пискули,
стари надежи, стари љубови.
Купувам стари секидневности,
големи и мали здодевности,
стари грижи, стари патила,
стари гревови, стари чесности,
Старо, старо, старо купувам,
стари среќи, стари љубови,
стари радости, стари младости,
купувам стари алишта.
Старо, старо, старо купувам,
старо за нови сврталишта.
(„Старо купувам“)

Зарем не пробудуваат интерес на размислување за тоа: старо, старинар, старост, – што е тоа старо, има ли во старото старо или е тоа некакво модифицирање во ново, може ли новото да има своја содржина во старото, или, можеби, тоа претставува чудна игра на животот како преточување од едно во друго: од старо во ново, а новото во старо; зарем не се наметнува прашањето: дека животот е непрестано движење, никогаш неоставено на една точка на смрзнување, на инертност, дека постојано постојат сили во животот што се јавуваат како актери што ја симболизираат таа животна интенција за постојана променливост на материјата? Макар колку животните односи да се менувале, животот сам по себе претставува вечно преточување на универзални проблеми како константни животни аксиоми кои важат за сите времиња и за сите меридијани. Во новиот живот борбата за егзистенција од облека, исхрана, копнежи, идеали, среќа, радост, грижи, страдања, грешења, чесност, старост, младост, секидневност па и здодевност ќе бидат постојано присутни во животот, зашто се тие содржина, основна компонента на личната човечка и оштествена егзистенција. Не може да се замисли животот, дури и во најсовршени форми на општествени односи, без оваа целокупна комплексна проблематика на човекот. А новото во тековите на животот лежи во битката на полето на ублажување на сите тие секидневни грижи и секидневни патила, во битката на перманентно-квалитативната промена на човечката егзистенција која е најглавната алтернатива на нашата современост.

Ацо Шопов во овој циклус песни од својата стихозбирка Небиднина категорички пее за човекот и ја бара неговата егзистенција на поет-филозоф во новата поетска техника, која сосема е дистантна (на прв поглед) од дотогашниот начин на пеење, спореден со стихозбирката Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време. Ако претходните збирки носеа згуснат асоцијативно-ретроспективен и медитативен манир, во овој циклус песни надоаѓа плима од поетска многуглаголивост, но не во смисла на нарација, неконтролирана распеаност и старомодна версификација, туку нов квалитет на мајсторски извлечен лајтмотив од народната поезија и народниот живот, опредметен како здодевно секидневие; богатиот колорит на народното творештво станува основна поетска лирска архитектоника, во која зборот како основно изразно средство е вграден во функционална богата игра на уметничката креација и еден обичен збор како што е зборот „старо“, добива во богатата игра на поетска породилност многузначност од слики, асоцијации, рефлексии, чувства, доживувања, медитации; многуизлижаниот, оветвениот израз низ секидневноста: „старо купувам, старо купувам, стари алишта, стари пискули, старо железо… старо купувам“ добива богата скала од нови содржајни претстави, сјае со нов внатрешен оган на речитоста и мисловноста; и тој изветвен архаичен израз на секидневието што прераснал во баналност не претставува „прецутен историски симбол“, „автоматски мртов симбол“, туку жива национална категорија на многубогатата изразност на македонската поетска реч. Ацо Шопов не трага во необична метафорика од нејасности и напластености на хаосот од зборови и изрази, во шума од зборови и метафори, туку креативно топло доловен збор и вграден во рационалност а со богата своја лексичка функционалност. Шопов не е претставник на прециозата, нити на барокот на поетската лирска реч, туку на рефлексивниот лирски, контемплативен израз.

Завршниот дел од Небиднина е олицетворен со циклусот „Песната и годините“, наречен по истоимената песна која детерминира поговор на стихозбирката. Но, овој циклус носи посуштинска тематност. Самиот наслов зборува дека се однесува на поезијата и животот, на поетот како нејзин творечки одразувач на животните настани. И во овој циклус треба да се посматра во рамките на целокупниот тематски склоп на Ацошоповата поезија, почнувајќи од поетскиот првенец па до неговата последна песна од последнава стихозбирка. Како што е познато, Ацо Шопов е преокупиран со животните проблеми на нашето секидневие и таму се наоѓа неговиот поетски вруток. Сите негови поетски текови се напојуваат од изворот на животот, а самиот поет е артерија што ги преточува сите импулси на животните манифестации. Тој и животот, неговата поезија и животот стануваат една неодделлива целина, една пантеистичка органска поврзаност. И во овој циклус поетот пее за човекот, неговите преокупации од соништата, немири, битки, рани, лузни, копнежи, идеали, самонабљудување, животни тајни, неразрешиви животни загатки, секидневни проблеми од областа на човековата интима на релацијата на универзална каузалност од поими што е живот, што е љубов, раѓање, мени, смрт, детство, младост, зрела возраст, старост, од поими на паганско сфаќање за постоењето на човечкото во човекот, на поистоветување на човекот со природата. Тоа е циклус во кој е истакната судбинската врска на поетот со народот и земјата, со љубовта на човекот спрема животот и неговата смисла за егзистенција, за неговите немири во борбата и многусложената игра на творечкото што дава одредена смисла на негов опстанок, продолжување на родот, на животот како исконски нагон на самоодржување, како дијалектичко прелевање на материјата од еден облик во друг, од органска во неорганска, од материјална во духовна, од конкретна тврда материја и појава во длабоко сензибилна, спиритуелна. Човекот од своето постоење до денес, од најпримитивниот начин на живеење па до најсовремената негова цивилизација го измачуваат универзални животни проблеми. Тој постојано медитира, резонува, сведува одделни заклучоци, но никогаш не бил помирен со разрешувањето на големите тајни на природата и животот. Нему му се налагаат богати, живи, пластични слики, чувства, мисли, доживувања, одредени ставови, претстави и идеи за минатото, својата современост и иднината; во него редовно живеат страшни пориви од монолози, од немири на хамлетовски поставени алтернативи за смислата и бесмисленоста на животот, за да се биде или не биде, за биднината или небиднината. Таа целокупна психолошка обременетост станувала и станува најелементарен третман на литературата па, природно, и на лириката која на овие проблеми им приоѓа со свои специфични сетива и инструменти одгласувајќи ги на богато своевиден начин. Низ неа секогаш историјата на еден народ, па и на целото човештво, прозвучила, проговорила и оставила своја видлива трага на постоење.

Ацо Шопов наоѓајќи се во нови содржини на животот, како поет на нашата македонска стварност, на нашата социјалистичка современост, на универзалната каузалност на современава цивилизација на XX-ти век, природно е завртен кон суштествените животни проблеми што ги наметнува нашава современа епоха. Тргнувајки оr креативното во човекот, го согледува историскиот тек на животот, неговиот напорен пат во пробивањето кон посветлите простори на хуманизмот и осмисленоста на човечкото постоење. Човекот гонет од поимот на небиднината, од становиштето на егзистенцијалното во човекот да се биде вечен, постојано присутен, да се победи смртта и непостоењето дури и по својата смрт на индивидуа, се стреми да овековечи големи епохални дела. А поезијата (песната) е тој трансфер на вечниот човеков копнеж и идеал.

Последниот циклус ја содржи целата филозофија на животот принудувајќи го читателот да размислува паралелно со медитирањата – монолози на поетот, со медитирањата на современиот човек по суштествени проблеми на животната проблематика околу прашањата за детството, младоста, зрелата годишна возраст, староста, детската наивност и животното искуство на човекот-ветеран, смртта, природата, војната, мирот, жртвите, судбината на човештвото, крвопролевањата, омразата, човечките нагони на самоодржувањето, психолошките немири како импулс на политичката клима во светот, непостојаноста на човечката природа, предусловена од животните услови во меѓународни размери, регионални и строго национални, страв пред опасност од ново крвопролевање до самоуништување како резултат од хипермодерниот развој на научната мисла и техничките достигнувања, творечкото во човекот, неизнајдената граница помеѓу животот и смртта, љубовта како вечен копнеж и идеал, како инспирација за нови неоткриени светови и тајни, исконско прелевање на вечните промени и предавања од колено на колено, од човек на човек, од поколение на поколение. Тоа не е филозофирање на индивидуализмот и неговата отуѓеност на единката од животот, туку универзални космополитски немири на човекот како општествено суштество кое егзистира на одредена општествена клима и историско општествено тло, јавувајќи се како продукт на сложените економско-социјалните и политичко-духовните промени, струења, условености во светски размери.

Овој циклус повторно ја манифестира современата поетска реч која укажува на тоа дека Ацо Шопов е поет што има слух за поширока тематска просторност. Од овој аспект погледната стихозбирката Небиднина, се добива јасна категоричка претстава дека е заплиснат со космополитските филозофски текови и проблеми, егзистенцијализмот како нова филозофска доктрина станува предмет на неговата поезија, но осветлен од многуcтран аспект. Неговиот поетски филозофски медитативен свет не запаѓа во луцидна шопенхауеровска религиозност и ничеовски иберменшовски парадокс со животната стварност, уште помалку со современиот егзистенционалзам за апсурдноста на човечкото постоење, за неверувањето во потенцијалните творечки сили на прогресот во барањето на човекот да се врати назад во примитивизмот и длабок песимистички индивидуализам. Ацошоповиот поетски егзистенцијализам има поетска оптимистичка концепција: во творечкото лежи човековиот спас, во творечкото лежи инспирацијата за индивидуална и општествена егзистенција; таа егзистенција треба да се бара во човековото искуство во битката со животот, во стремежот човекот да се очовечи, да се најде себеси во широкиот простор на природата, да созрее мудро до сфаќање дека е неминовно нужен во рамките на животниот процес, дека врши определена функција во животот и барајќи решение на свое тотално хуманизирање. Егзистенцирањето на човекот се движи на линијата на хуманизацијата на човекот. Големата ренесансна на човештвото – тука лежи; лежи во хуманата егзистенција сфатена денеска на политички план како коегзистенција.

Оваа определена филозофска компонента е решавана преку овој циклус, составен од песните: „Долго живеам на ова место“, „Лузна“, „Има долу една крв“, „Квечерина“, „Очај пред тврдината“, од поемата „Небиднина“ и прологот-песна „Песната и годините“. Сиве творби треба мотивски да се третираат како поетски тематски комплекс; секоја одделна творба има свој мотив, своја тема и своја идеја. А сите заедно претставуваат гранитна поетска маса. Нејзината кохезија лежи во филозофската концепција. Таа е срцевина на лирскиот резон, патос, декор и орнаментика. Мотивската гравитација се движи на одделните песни кон тежата на поемата „Небиднина“.

Како претставник на генерацијата на ветераните што минале низ суровата историја на својот народ, што македонската нација ја истргнале од нејзината небиднина, кои своето детство и својата младост ја потрошиле предвреме прерано созревајќи и вградувајќи ја во напорните јуриши за новите текови на животот, поетот фрла поглед на својот изминат пат и чувствува дека тешко може да се препознае. Изморен од животната борба и загледан од аголот на својата моментна современост во далечините на минатото, евоцира и медитира вака:

Долго живеам на ова место
под кое шуркаат планински извори
и децата ловат пеперуги
а боровите во нема извишеност
ја разлистуваат тишината на вековите.
(„Долго живеам на ова место“)

Во неговата моментна современост го доживува среќното детство и асоцијативно се сеќава на своето кога животот наивно се доживувал и личел на детски лов по пеперуги низ златестиот прав на расцветаните вишни од родната градина. Тој е свесен дека детството прегорело, дека бил орач на неизораните ледини на згрутчената македонска историја, дека предвреме остарел во суровата битка за посреќно детство, дека предвреме поцрнел од борби и јуриши. Во величествениот пат на борбата лежи интимната трагика: предвреме се остарува, се лишува од мирновременски радости, низ војничкиот живот и многу идеали на младоста остануваат на крвавите распаќа и воените витли. Во тој длабок народен самопрегор немал време за психоанализи, но по завршената борба тој се подложил на психолошко самонабљудување и доживува длабока болка поради предвремени физички промени: му се чини дека долго живее, а не сторил ништо во споредба со природата; му се чини дека стои на едно место и поцрнува од времето, дека тешко може да се препознае и дека радости ретко детски наивно го загреваат; неговото животно искуство, здобиено низ борбите со небиднината, премногу трезвено гледа на појавите од животот и ретко доаѓаат случајни дождови на радост. Таа негова жал за детсвото и младоста не е негова лична патетична трагика туку колективна, на една генерација која ја доживеа воената голгота распнувајќи ги своите соништа, копнежи и илузии на крстот на страдањето. Зарем тоа не се наслутува од стиховите:

Долго живеам на ова место
и полека црнеам од времето.
Гледај, велам, гледај каков си:
ни да се препознаеш.
Некогаш овие очи беа длабочини
во кои се нуркаа твоите желби
како жерави во сончевина,
а сега се само две суводолици
за ноќевање на случајните дождови.
Некогаш овие раце беа орачи
во ровката земја на твоите лутања,
а сега личат на врбови прачки
неродници чаталести над водите.
(„Долго живеам на ова место“)

Песната „Лузна“ мотивски и тематски се надоврзува на претходната песна а гравитира кон „Небиднина“. Во неа поетот изнесува покомплексен животен проблем и психолошка вознемиреност не само лична на поетот туку на својата генерација што извојувала победа над небиднината на својот народ и изградила градина и непристапна тврдина за дивите коњи на војната и тиранијата. Пролеаната крв, крвта на жртвите во борбата против фашизмот, струи низ живиот борец, будниот чувар на мирот, слободата и среќната иднина. Тој носи тешки лузни од воените пожари; живи се спомените на болното минато, на партизанското војување по родните планини и шуми, живее со нашата величествена епопеја на НОБ со која е изградена расцутената градина на слободната татковина, оградена со деветте меѓи на мирот, слободата, антифашистичката мирновременска егзистенција. Тој сфаќа дека извојуваната слобода обезбедува мирна живеачка, дека нема поблагородно од тоа да се живее под сонцето на слободата:

Нема подобро место од ова што ќе скроти,
од овие девет градини, девет градини
што живеат од твоето зеленило,
од овие девет грла, девет грла
што ја пеат пролетта на твоите песни.
(„Лузна“)

И во случај на потреба некогашниот борец ќе застане на прагот на слободната татковина и ќе зададе смртен удар на оној што не се осмели да посегне по извојуваното и таквата татковина, извојувана со крв и воени напори, означува величествена непристапна за непријателот тврдина. Низ песната се наговестува едно потајно претчувство од можност за нова пресметка со непријателите на нашата биднина:

И не вели ми:
слушај како татни од далечина,
слушај како татнат сите кории,
идат коњи по пат од ѕвезди и месечина,
идат коњи, коњи, коњи, коњи дории,
идат коњи да ме прегазат,
идат, идат ќе ме прегазат.
(„Лузна“)

но и борбена готовност за противставување:

Но јас ќе ги ритнам со копитото
ќе ги ритнам право сред чело,
да ме паметат, да ме прикажуваат
и лузната да им свети навечер.
(„Лузна“)

_______
*Текстот е објавен во Развиток, 1969, VII, 5, стр. 407-424. Верзии на овој текст се објавени под наслов „Небиднина – Ацо Шопов”, во книгата Огледи и критики, 1963, од истите автори, во издание на Развиток, Битола, стр 5-39, како и во Мисла, бр. 14, Скопје, 30.11.1966, стр. 10, под наслов „Критика за Ацо Шопов”, потпишан само од Гоце Стефановски.

Ова е петтиот дел од „Лириката на Ацо Шопов”, подолга студија објавена во неколку последователни броја на списанието:

Дел I, Развиток, 1969, VII, 1, стр. 94-104
Дел II, Развиток, 1969, VII, 2, стр. 198-208
Дел III, Развиток, 1969, VII, 3, стр. 257-264
Дел IV, Развиток, 1969, VII,  4, стр. 323-336
Дел VI, Развиток, 1969, VII, 6, стр. 496-500