This post is also available in: French
Ндесе или “блуз”
Пролетта го однесе ледот на сите мои надојдени потоци
Млада сила ми шика под првите милувања на кревката кора.
Па сепак сред јули позаслепен сум одошто зиме на полот.
Крилјата бијат и крвави удираат по решетките на спуштеното небо.
Ниеден зрак не се пробива низ глувиот свод на мојата здодевност.
Кој белег да го побарам? Каде е клучот на загатката?
И како да допрам до бога со далечни издолжени копја?
Кралско лето што доаѓаш од Југ, ќе стасаш мошне доцна во Септември што умира!
Во која книга да ја пронајдам чарта на твојот одблесок?
И на страниците на која книга, на чии невозможни усни, твојата занесна љубов?
Ми здодеа моето нетрпеливо исчекување. Ох! тој едноличен шум на дожд врз лисјето!
Засвири ми ја мелодијата “Усаменост”, Дјук, да плачам сè додека не заспијам.
Леополд Седар Сенгор, Песни од темнината, 1945
Песната е објавена во препев на Ацо Шопов во Поезија, 1975, и во Сенгор – Шопов: Паралели, 2006