This post is also available in: French English Latvian

Aco Šopov: Ugnus-milestiba: Dzeja (Љубовта на огнот: Избор), Riga, Liesma, 1974

Ugnus-milestiba: dzeja (Љубовта на огнот: поезија). Sakartojis Aleksandar Romanenko. Riga: Liesma, 1974. 103 str.Во издание на „Лиесма“ од Рига, во 1974 година излезе од печат, на летонски јазик, избор од поезијата на Ацо Шопов под наслов Љубовта на огнот: Избор, според истоимената песна во неговата стихозбирка Гледач во пепелта (1970).

Песните ги препеја на летонски јазик поетот Кнутс Скујениекс, осведочен пријател на југословенските литератури и народи, преведувач на нашата народна поезија и на нашите современи поети. (Особено внимание привлекоа неговите препеви на книгите од Отон Жупанчич Стихови (Рига, „Лиесма“, 1971) и од Десанка Максимовиќ Барам помилување („Лиесма“, 1972).

Песните се распределени во 4 циклуси и тоа: „Слеј се со тишината“, „Ветрот носи убаво време“, „Небиднина“ и „Ноќта на огнот“, така што нивната презентација е предадена креативно, хеуристички систематизирана што на одреден начин пружа можност за согледување на поетското зреење на авторот.

Изборот го изврши и го проследи со предговор познатиот руски писател и преведувач Александар Романенко, автор на изборот и на предговорот и на издадениот на руски јазик избор од поезијата на Ацо Шопов под наслов Ветрот носи убаво време (Москва, „Прогрес“, 1964), како и на повеќе зборници и антологии на југословенските литератури издадени на јазиците на народите во Советскиот Сојуз и на преводи на руски јазик на дела од Иво Андриќ, Михаило Лалиќ, Меша Селимовиќ и на многу други југословенски писатели.

Во предговорот под наслов „За Ацо Шопов и неговата поезија“, мошне студиозен и топол, Александар Романенко со упатеност и познавање го прикажува интересниот портрет на проминентниот македонски поет. Тој му дава мошне висока оценка на делото на Шопов, особено подвлекувајќи го неговото значење во македонската национална култура и самобитност.

Напорот на Кнутс Скујениекс што поадекватно да ги пренесе оригиналите на јазикот на Јурис Алунан, Јан Paјнис, Аспазија и Јан Судрабкалн, не се исцрпува само во коректноста во задржувањето на содржинската смисла. Забележителни се неговите стремежи да ги сочува, колку се може повеќе, исите формални, експресивни особености на оригиналот.

Книгата се појави во извонредно чиста и убава графичка опрема (нацрт на корицата од ликовниот уметник Алексеј Липинс), а во тираж од 8.000 примероци.

(Извадоци од текстот „Избор од поезијата на Шопов на летонски јазик” на Александар Нејман, објавен во Современост во 1978 година)