Класични дела од светската литература на македонски јазик*
Иван Ивановски
Покрај објавувањето оригинални дела од современи македонски автори и преведувањето на најрепрезентативните литературни остварувања на писателите од другите јазични подрачја на Југославија (српско-хрватското и словенечкото јазично подрачје), во сѐ побогатата издавачка дејност во Македонија прилично е направено и за доближувањето на делата од светските класици до македонската читачка публика. Денеска во превод на македонски јазик можат да се сретнат многу романи, драми и други литературни жанрови од перата на поголем број прочуени писатели од светската литература. Да споменеме само некои од нив.: Шекспир, Толстој, Флобер, Ростан, Драјзер, Ролан, Горки.
Првите преводи на светските класици во Македонија датираат непосредно по ослободувањето.
Секако, значаен настан и датум во преведувачката активност во Македонија претставува појавувањето на монументалното книжевно дело Горски венец од Петар Петровиќ Његош. Неговите стихови во препев на еминентниот македонски поет Блаже Конески прозвучеа топло, свежо и автентично. Големо преведувачко мајсторство Конески покажа и со поетските препеви на уште две значајни дела од богатата ризница на светската класика: на Шекспировата трагедија Отело и на Хајнеовото Лирско интермецо. Освен Б. Конески, со преведување и препевување на дела во светската литература се занимаваат уште низа реномирани македонски поети и раскажувачи. Меѓу имињата што треба да се издвојат со своето сѐ поизразито присуство во преведувачката дејност во Македонија е секако поетот Ацо Шопов. Досега тој со голем успех го препеа делото на Едмонд Ростан − Сирано де Бержерак, како и трагедијата Сид од Корнеј. Убавите преведувачки можности на Шопов особено дојдоа до израз во споменатата Ростанова трагедија. Таа со право може да се смета во редот на најубавото што е преведено кај нас.
Овие денови во превод на Ацо Шопов излезе од печат едно од најзначајните Шекспирови книжевни дела − Хамлет. На македонски јазик од овој голем драмски писател се преведени делата Отело и Како што милувате. Најновиот превод на Шопов уште еднаш ги потврди неговите квалитети и реноме на одличен преведувач.
Ако кон сево ова се додаде дека во печат се наоѓаат уште неколку дела од светски класици (Ана Карењина од Толстој, Госпоѓа Бовари од Флобер), тогаш претставата за преведувачката дејност во Македонија станува многу појасна и поодредена. Но би било погрешно да се мисли дека со споменатите преведени дела се исцрпува листата на преводи на светски литературни остварувања на македонски јазик. Самиот факт што во блиска перспектива ќе бидат отпечатени околу четириесет најзначајни класични дела од светската литература, говори за сериозните напори и настојувања на овој план. Особено обемна преведувачка дејност се очекува во текот на наредните неколку месеци. Со ознака − 1961 година ќе се појави избор од прозниот и драмскиот опус на големиот руски писател А. П. Чехов, а ќе бидат отпечатени и романите Големото исчекување од Дикенс, Тереза Ракем од Зола и Доктор Фауст од Томас Ман. Идната година исто така ќе ѝ биде репрезентиран на публиката со прозни и поетски текстови и големиот поет Едгар Алан По.
____________________
* Текстот е објавен во списанието Македонија, 1960, VIII, 92, стр. 16.
За овој препев на Хамлет прочитајте ги исто така критиките на Томе Арсовски: Македонскиот препев на Хамлет, Современост, 1960, X, 9, стр. 925-927, и на Томе Момировски: Хамлет во македонски препев. — Културен живот, 1960, V, 8, стр. 54.