Шопов на унгарски јазик*
Паскал Гилевски
Неодамна се појави првата стихозбирка од македонски поет на еден странски, несловенски јазик. Тоа е избор од поезијата на Ацо Шопов преведена на унгарски, што претставува значаен датум за афирмацијата на македонската поезија надвор од нашата регија, впрочем, иницијатива на која треба да ѝ се упатат најдлабоки, најискрени поздрави.
На оваа стихозбирка ѝ предходеа два други избори од поетскиот опус на Шопов, и тоа на словенечки и на руски јазик. Но овојпат, збор станува за еден јазик кој морфолошки и фонетски сосема се разликува од македонскиот, па според тоа, го зголемува и нашето интересирање.
Технички вонредно-естетската книшка ја издаде новосадската издавачка куќа „Форум“, која последние години се здоби со општоунгарски углед, и своите изданија кои понекогаш го достигаат и го надминуваат тиражот на најпознатите југословенски книгоиздателства ги продава најшироко не само во Унгарија, туку и во некои други држави каде што постојат припадници на унгарска народност.
Изборот го изврши самиот автор од своите три последни эбирки: Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време, и Небиднина, а на унгарски песните ги превел Ференц Фехер, кој е заедно со Каролј Ач веќе повеќе од еднаипол деценија главен претставник на унгарската поезија во Југославија. Книгата носи наслов (веројатно ќе ги изненади македонските тознавачи на Шоповата поезија) „Тој вечно што чека“, земен од насловот на една песна која во оригиналот стои под насловот: „Во секој град“. Збирката е поделена на четири циклуси: „Минијатури“, „Молитви на моето тело“, „Купувачи на старо“ и „Пеcната и годините“.
Голем, мошне голем впечаток оставаат љубовта и напорот на преводачот, кој уште одамна се покажа како вистински љубимец на Македонците, да проникне до многу карактеристики на нашиот јазик, поесбно на нашата синтакса.
Преведувањето на поезија не е едноставна работа. Не само поетот-творец, туку и поетот-препвувач е помалку Орфеј, рекол еден голем унгарски поет. Зашто ако на добриот прозен преведувач му ја придружиме како предуслов јазичната култура, тогаш на добриот препевувач му следува поетската култура. Фехер располага во доволна мера со последната, и затоа доминатните резултати во овој препев би требало да имаат поетски карактер. Но, поради недоволното познавање на македонскиот јазик, преводачот морал да се сконцентрира претежно на содржинското толкување на песните, околу граматичките атрибути и јазичните изрази проблеми, оставајќи ги во втор план примарните својства на оригиналот. Имено, секоја песна на Шопов првенствено се одликува со својот интегрален облик, постигнат преку чисти, слики елементи: импресивно вариран ритам, безпрекорен редослед на зборовите во стихот, суптилно обоена мисла и виртуозно моделирана рима, – како крајна каденца на песната. Тие особини сочинуваат едно поетско созвучие, кое освојува и понесува со својот непретенциозен но величествен тон, кулминација што се постигнува во „Молитви на моето тело“, како потреба за неприкосновеноста на лириката на Ацо Шопов.
Тука треба да се спомене дека унгарската поезија никогаш немала одреден ритам и рима, па затоа и овој преведувач не може доследио да ги прати стапките на амфибрахот и на јамбот, но најосновната унгарска стапка, трохејот, можел доволно да ja користи во многу песни („Љубов“, „Песната“, „Во тишина“ и др). Преводот минијатурата „Во тишина“ – еден од бисерите на Шопов – многу заостанува зад оригиналот.
Судејќи според општото ниво, овој превод не може да се нарече „Формалистички“, но тој не е ни „реалистички“. Еве неколку примери како потврда на оваа оценка:
Во оригиналот стои: „Он (ветрот – П. Г.) не ги ни познава сите свои корени“.
Во преводот: „Не ни знае што ли го ниша, какви цвеќа“. (Природно е дека само ветерот може да ги ниша цвеќата, а не тие него). Понатаму, насловот „Како говорот (што го сфаќаат — П. Г.) глувонемите“, преведен е: „Како говорот на глувите“, така што сврзникот ја прави неразборна поентата на песната. Или пак, насловот на песната „Има долу една крв“ преведен е во стилот на големиот унгарски поет Ади: „Непознатата крв“, што не е точно, зашто во оваа песна „крвта“ е позната и просторно (долу) и временски (од древноста) и содржајно (проколната, густа, црна како смола, исконски жедна, рие во свеста, ги исполнува сите празнини и места, итн.).
Ти што си недостапна за туѓото мнение –
гол пред тебе стојам како вдахновение.
Преведени се:
Заради тебе друг празно чека низ бдеани ноќи,
а јас стојам пред тебе опчинет, гол.
Очигледна е разликата меѓу лирски возвишениот чин на оригиналот, и прозаичноста, гротескноста на преводот што завршува несмасно и поразно.
Постојат во приличен број такви несогласности помеѓу оригиналот и преводот, но од друга страна пак, има многу песни (,,Лов на езеро“, „Здравица“, „Јас и мојот пријател“, како и пет-шест песни од „Молитви на моето тело“) кои се препеани со еден висок поетски занес и талент, и со најсигурно поетско искуство, така што можат сериозно да се рамнат со оригиналот, а на места каде што доаѓа до полн израз, со векови потврдуван јазикот на преводачот, особено кога се користи (во песните од Небиднина) со изразните средства на Ендре Ади, Фехер успева да постигне резултати од завиден формат.
Имајќи ги предвид одличните страни на препевот и високите квалитети што ги содржи поезијата на Шопов, се очекува дека овој прв препев од македонски на унгарски ќе биде топло примен од унгарските читатели.
______________________
* Текстот, посветен на книгата Тој вечно што чека, е објавен во Нова Македонија, на 07.03.1965.