This post is also available in: French
Епистоларни сеќавања*
Ристо Лазаров
Минаа повеќе од три децении откако Ацо Шопов отиде во Сенегал и откако Леополд Седар Сенгор дојде во Македонија. Обајцата останаа со новите поколенија – нурнати во нивните песни или исчезнати во убавините, како што запиша Шопов во Песна на црната жена.
Еве ги обајцата – Шопов и Сенгор – вечерва меѓу нас, загледани еден во друг, си даваат меѓусебна поткрепа, а нè крепат и сите нас вечерва збрани искрено да им се поклониме на двајцата поетски великани, да двајцата одважни негувачи на достоинството на човековата болка.
И вечерва допира до нас гласот на Сенгор, струшкиот венценосец од 1975-тата: „Во дното на бунарот на моето сеќавање го здогледувам твојот лик и оттаму црпам вода што ја освежува мојата вечна тага“.
Отспротива, нашиот Ацо Шопов со „Песната на црната жена“ донесена од Сенегал, со сознанието дека човекот е огромен, а океанот мал и со блескавата паралела за Штип и Жоал:
Штип и Жоал,
Еден под Исарот,
друг на Океанот.
А исти љубови,
исти бранувања
и исти поетски маки и сонувања.
Во тоа време, кога Шопов во земјата на флаmбоајaните го препејуваше Сенгор, јас тука, во Скопје, играв во подмладокот и не баш стрпчливо чекав да видам како тоа светот им останува на младите. Бев во редакцијата на Млад борец кој, нели, повлече златна жица во македонската литература и новинарство и кој, како благодарност за тоа, стана една од првите жртви на транзицијата.
Нејсе. Тогаш немаше ни мобилки, ни и-мејлови, ни факсови. Тогаш еден телефонски разговор со Дакар се закажуваше преку пошта најмалку два-три саати порано, а квалитетот на врските беше таков што и во соседството ќе дознаеја дека разговарате со некого во странство. Тогаш се живееше опојната радост на допишувањето.
Оттогаш, наспроти сета моја немарност, останале три писма од Ацо Шопов од Сенегал, баш од времето кога тој го препејуваше Сенгор. Вечерва ќе ви ги ставам на увид, почитувајќи го вашиот пиетет кон делото на Шопов и длабоко верувајќи дека, 31 година по нивното пишување, ќе биде разбрано дека единствен мотив тие да се објават е надежта дека можат троа да припомогнат во дорасветлувањето на творечката постапка на Шопов.
Првото писмо е испратено од Дакар на 11 февруари 1975. Шопов пишува:
„Како што знаеш Сенгор доаѓа кај нас и јас веќе на големо работам над мојот дел на препевите. Матевски ми пиша неодамна дека освен мене ќе работат на препевите Сталев и Урошевиќ. Во текот на работата се сретнав со некои зборови кои не можам да ги преведам на македонски, па би те молел да ми помогнеш и да ми ги јавиш што побргу. Тоа се заборовите вилин коњиц, кос и латица.
Инаку, со преводите уште малку ќе бидам готов. Лично сум задоволен од работата, а колку ќе бидат останатите ќе видиме.
Ти праќам една моја песна, па кога ќе можеш објави ја во весникот. Прашај го Матевски и јави ми дали ја примил пратката со песните на Сенгор и списокот на избраните песни“.
Песната носеше наслов „Во сонот на црната жена“ и веднаш беше објавена во Млад борец, како претходно и некои други песни на Ацо Шопов.
Се подразбира дека, како играч на подмладокот, безмерно почестен баш од бардот, летајќи тргнав да ги барам македонските значења на зборовите што му требаа на Шопов за препевот на стиховите на Сенгор. „Вилиниот коњиц“, тоест вилинското коњче, доби и анегдотско значење. Во некоја од енциклопедиите најдов дека некое растение носи такво име и му го препратив тоа значење на Ацо во Дакар. А оттаму, на 28 март, одговор:
„… Посебно ти благодарам на македонскиот превод на зборовите со кои се судрив во препејувањето на Сенгоровата поезија. Само ми се чини дека има едно недоразбирање во врска со поимот „вилински коњиц“. Ти велиш дека е тоа некаков цвет и го преведуваш со „вилинско коњче“. Колку пак јас што знам „вилински коњиц“ е некаков инсект со прозирни крила. Во својот роман „Песна“ О. Давичо го споредува својот главен јунак Миќа со него. Те молам провери ја уште еднаш оваа работа и јави ми!
Што се однесува до Сенгора својот дел од работата го завршив, препеав околу 600 стихови. Изборот од неговата поезија знатно го проширив и сите додатни песни, покрај оние што од порано ги зедов, веќе ги препеав. Навистина, овој чудесен поет се повеќе ме воодушевува. Но сега ми останува уште не помалку важната и одговорна работа – предговорот. Се надевам дека до мај и таа работа ќе ја завршам и со препевите ќе му ја испратам на издавачот“.
Тогаш се активираа и какви-таквите телефонски врски и се брзо се реши проблемот со вилинското коњче, она од романот на Оскар Давичо и она хеликоптерче од нашето детство.
Не мина долго време, а од Дакар стигна уште едно писмо, што го донесе една нашинка што се беше вратила од таму. Ацо Шопов пишуваше:
„Бев зафатен со препевите и предговорот на книгата за Сенгор и тоа ми беше најважно. Сега таа работа ја завршив и препевите му ги испратив на Матеја. Неколку песни ти праќам и тебе за да ги објавиш во „Млад борец“, ако имаш можност. Но нјамногу што сакам е ова писмо да го добиеш во добра здравствена состојба – тоа е најважно!“
И во пост скриптум:
„Полека се спремам за дефинитивно враќање дома, но времето некако доста бавно ми мине, иако имам обврски преку глава“.
Во вечерашниов контекст, важно е да се подвлече фактот дека благодарејќи на оваа преписка, песните на Леополд Сенгор, препеани од Ацо Шопов, за првпат се објавија на македонски јазик токму во Млад борец.
Ете, ова сакав да ви го соопштам вечерва. Како припадник на тогашниот подмладок, прооден под истиот Исар како и големиот Ацо Шопов, со мисла дека допрва ќе се раздиплуваат убавините од очите сињарките.
Прочитајте исто така:
Тишината, небиднината и црното сонце
Во 2006, Ристо Лазаров ја доби наградата „Ацо Шопов” за збирката Чехопек.
Во 2007, изјавува за Глобус: „Моја ѕвезда водилка, еден вид духовен татко, ми беше Ацо Шопов. Бескрајно сум му благодарен што во „улавите години“ татковски ми помогна (барајќи да му дадам чесен поетски збор) да го фатам вистинскиот пат, за поддршката што несебично му ја даваше, за скапоцените совети, за долгите разговори во неговата работна соба на Водно, низ кои се роди една трајна и нераскинлива приврзаност – и човечка, и поетска.”