Најубавите песни на Ацо Шопов*

Милан Ѓурчинов (2028-2018), македонски литературен критичар. МАНУ, 2003.

Милан Ѓурчинов

Поетското творештво на Ацо Шопов содржи 12 стихозбирки што се јавуваат низ речиси рамномерни временски интервали, од кои секоја има свој основен поетско-естетски профил и обележува посебен миг во развојот на современата македонска поезија.

Овојпат решив да зборувам за најубавите песни на овој исклучително сензибилен поет што, на одреден начин, ме ослободува од обврската да водам премногу сметка за времето и за другите околности во кои тие песни се јавувале. Но, неопходно е на самиот почеток да речам: зборувам на оваа тема не само или не толку како читател.

Под најубави песни јас ги подразбирам оние што ги сметам за најдобри и најзначајни и за самиот поет и пошироко. Атрибутите „убаво“ и „добро“ имаат поинаква смисла во животот каде што убавото и доброто честопати не одат заедно, но во уметноста, во поезијата, особено онаа од типот што ја пишуваше Ацо Шопов – тие се синонимни. Накусо речено, добрите песни се оние кои ја зачувале својата трајна вредност, кои одолеваат на мимолетноста и ефемерноста на мигот, кои можеме да ги толкуваме на разни начини во разни периоди, но кои ги читаме со задоволство и пред половина век и денес, чувствувајќи ја нивната убавина, нивната есенцијалност, нивната трајност.

Најубавите песни на поетот Шопов не се привилегија на некоја одделна фаза од неговиот развој, ниту на некоја негова одделна книга; нив ги има во сите негови стихозбирки.

Првите две такви песни јас ги гледам во стиховите од т.н. „партизански циклус“ на поетот објавени во денес далечната 1944 година: „Очи“ и „Љубов“. Првата од нив започнува со онаа плавна и разбранета мелодика што ја еманираат нејзините први четири стиха:

Три дена на раце те носевме збрана
со тага и болка на погледот срчен
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Звукот и ритмиката на овие стихови го зачувале својот флуид низ времето; ние сме готови нив во себе да ги мрмориме секогаш кога ќе се спомне раниот Шопов и тогаш кога референцијалноста на песната во целост е наполно заборавена.

Втората песна „Љубов“ содржи слични одлики. Можат ли да се заборават трите нејзини воведни стиха:

Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врелите усни жар да се сторат…

Кој не е готов да се присети на нив, да ги изговори, тивко или полугласно во друг контекст, во друга пригода?

Иако во неа поетот вели:

Не за љубовни песни ти пеам,
не за вечери неспани тлеам,
оваа песна за бунт ти збори,
во неа крвта моја гори!

тоа не би требало да нѐ заведе. И едната и другата песна претставуваат своевидна апотеоза на љубовта, на жената, како симбол, како стожерен симбол во кој се фокусираат најсилните, најкипнатите емоции на младиот партизански борец.

Двете песни, поседуваат изразита експресивност, префинета мелодика, сведочејќи за големата сензибилност на поетот која тој ја пројавува во оганот и жарот на борбата. Обете го содржат зародокот на клучните и опсесивни теми од севкупната лирика на Шопов. Обете сведочат за големиот талент на Шопов кој во нив се појавува и се движи како Орфеј меѓу куршумите, како чувствителен лирик меѓу бајонетите и чадот на битките.

Вториот круг песни кои имаат трајна убавина јас ги согледувам во стиховите на песните „Убавината“, „Во тишина“, „Ах таа убавина“, тие интимни исповедни признанија на поетот, потоа во вете минијатурни песни со лапидарен метафоричен израз како “Лист“ и „Облак“, како и во песните „На езеро“ и „Лов на езеро“, испеани во нагласено имажинистички дух, – сите од збирката Слеј се со тишината (1955). Во нив сѐ уште сме длабоко во пределот на интимата, во субјективниот свет на поетот, но сето тоа се одвива на едно поинакво поетско и експресивно ниво од она што го гледавме во Стихови за маката и радоста (1952).

Ги нема веќе симплифицираните, двосложни рими, па иако поетот се наоѓа сѐ уште во прегрaбoт нa пoлнoзвучноста на стихот, семантичкото поле се шири, не напуштајќи ги строгите прозодиски рамки.

Обидите на поетот да излезе од своето поетско „јас“, да наѕирне во просторот кој е вон него, даде несомнени резултати. За тоа речовито сведочат последните песни од погоре спомнатиот избор „На езеро“ и „Лов на езеро“.

Така доаѓаме до двете стихозбирки кои имаат исклучително значење за целосната творечка зрелост на Ацо Шопов: Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970). Првата го означи почетокот, а втората крајот на вториот пресврт. Наеднаш секнува романтичарската екстаза, се повлекува вообичаениот сентимент, песната станува повеќезначна сугестивност, во неа се појавуваат повеќе прашања одошто одговори, сето поетско творештво на Шопов се вклучува во тековите на модерната европска и светска лирика која, како што велат теоретичарите, го принудува јазикот на парадоксален начин: смислата и да ја искажува и „да ја сокрива“. Значењето на тој остар поетички свиок или епистемолошки рез во сфаќањето на песната кај Шопов имав прилика повеќепати да го формулирам во своите текстови тогаш кога овие книги се појавија и сега кон тоа не би сакал ништо да додадам или променам. Овде би можел само да укажам на следново: не е ни малку случајно што збирката Небиднина започнува со песната „Раѓање на зборот“. Не мислам дека е тоа најубавата песна во оваа книга, но таа е мошне парадигматична за остварениот пресврт – за обраќањето кон внатрешната реалност, од која пресудно зависи и поетскиот резултат. „Отвори ме, проклетио, ти тврдино камена, да изгорам во јагленот на зборот, да се стопам.“

Но, најубавите песни од оваа нова, загадочна и во голема мера непроѕирна стихозбирка се содржани во циклусот „Молитви на моето тело“. Тој циклус е еден од најдобрите во севкупната лирика на Шопов. А тука најнапред треба да биде истакната песната „Молитва за еден обичен, но уште непронајден збор“. Она што поетот сега го измачува е – патот кон новопронајдениот збор. Веќе оваа песна е извонредна, антологиска. Трагањето по зборот станува негова судбина. Така, тој се нурнува смело во еден неомеѓен, широк метафизички простор и тоа нурнување е со извесен исход, но токму таквиот потход овозможува љубовниот копнеж и музикалноста на неговиот стих овде да го достигнат својот максимум. Другите песни од овој циклус се морничав запис за натамошните конвулзии на тоа нурнување кое во третата и четвртата молитва на моето тело го доживуваат својот климакс. Но, тоа на мошне сугестивен начин ќе го сретнеме и во песните „Има долу една крв“ и во „Лузна“, која на драматичен начин ни го доловува прогонството на крвта:

Те оградив со девет градини, крви
Те затворив во девет грла,
што бараш уште, зошто ме прогонуваш крви,
зошто закануваш со своето копито темно,
зошто незасито?

Својот критички осврт за збирката Гледач во пепелта на времето го насловивме: „Рефлексивна зрелост на интимата“ [Нова Македонија, 23.VIII 1970] – и во него напишавме: Природно и неминовно беше поетовото соочување со црните води на Небиднината да предизвика во неговата поетика крупни промени. Рефлексивниот немир од циклусот „Молитви на моето тело“ созреал во едно сѐ поинтегрално мисловно искуство… Поетската структура на Гледач во пепелта се остварува преку еден цврст, стегнат, вонредно организиран јазичен фундамент. Инерцијата на формата од претходните фази на творештвото на Ацо Шопов е исто така надмината: содржината, смислата и духот на песната се раствориле во невидлив амалгам на поетскиот облик. Се наметнуваат основните столбови на оваа ретко хомогена збирка: најнапред „Гледач во пепелта”, програмска песна во која поетот ќе ѝ се обрати на песната:

Изгасни песно во огнот што го запали сама.

Во неа прашањата се ројат, одговорите се непроѕирни. Колку што повеќе живее поетот и колку што повеќе твори, сѐ позагадочен и понедосеглив му изгледа светот. Потоа, „Тажачка од онаа страна на животот“, една од најтажните исповедни песни во нашата современа лирика со финалното четиристишие:

О земјо, на земја врати ме,
човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.

Наспроти неа, беспрекорна како целосно остварена творба, стојат песната „Август“, или трите први песни од циклусот „Црно сонце“ испеани во голем сликотворен и метафоричен замав, сите остварени во дистих во кој версификаторското мајсторство на Шопов го достигнува својот врв:

Ни исток имаш црно семе, ни имаш запад
Ни небо за молитва ни земја за напад.

И секој што ќе посака да се напие од сјајот
изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот.

Дојдовме до последната деценија од животот на Шопов, до неговите последни стихозбирки. Извонредната Песна на црната жена со своите дострели како да го надвишува сето претходно создадено од Ацо Шопов. Пред да ја образложам оваа оценка, ќе си дозволам да го спомнам она што големиот руски поет Борис Пастернак го рече имајќи ги предвид радикалните пресврти кои настапуваат со возраста и завршната фаза од развојот на секој голем поет:

В родстве со всем, что есть, уверясь,
И знаясь с будущим в быту,
нельзя не впасть в конце, как в ересь,
в неслыханную простоту.

Нешто слично во средината на седмата деценија настапува и кај Шопов: освојување и препуштање на една внатрешна слобода, дотогаш невидена и непозната, не барем во толкава мера кај него. Настапува освојување на креативната едноставност. Напуштен е наполно стариот прозодиски систем, метриката, римувањето, ритмиката, дури и филозофско-метафизичкиот напон од Небиднина и Гледач во пепелта оди сега на заден план. Но, она што не е напуштено, она што уште повеќе дојде до израз е: големиот творечки занес, високата сензибилност, богатството на поетската имагинација во создавањето на новите метафорички слики и мисловни резонанси.

Само 13 песни поделени во 3 циклуси ја исполнуваат оваа неголема стихозбирка. Четири од нив, според мене, спаѓаат во најтесниот круг на врвното во севкупниот негов опус. Најнапред тоа е песната „Пред расцутување на фланбоајaните“. Таа ни покажува дека проѕирната референцијалност, едноставноста на изразот можат да бидат хендикеп за слабите поети, но за големите тие се патот кон досегот на она што во таа фаза е созвучно со нивната длабока природа, со новиот дискурзивен израз кој може исто така да биде откритие, да возбудува и да плени, да ја поттикне креативната имагинација со своите нови откритија.

Уште порафиниран дострел на „необичната обичност“ Шопов досегнува во песната „Настан на езерскиот брег“, во која во облик на чудесна сага и легенда поетот ја развива сликата за лекокрилиот коњ со ѕвездена светлина во очите, кој сиот свет го обиколи, ги прелета сите мориња и океани и одвај смогна сили да се спушти на родното езеро за да се напие бистра вода, ладна и лековита, за потоа одново да се вивне кон сонцето, носејќи ја со себе својата највисока смисла – „откривајќи ја родината да го открие светот“. Оваа прекрасна мисла како да го заокружува сето животно и творечко искуство на Шопов, а поетската порака искажана преку наративен дискурс во кој помеѓу 40 стихови среќаваме само една рима: „летот и светот“ сублимира во себе смисла што далеку ги нaткрилува границите на убавата поетска слика.

Третиот висок дострел во оваа мала стихотворба остварен е со песната „Загледан во океанот“ во која се сублимира човечката, историско-цивилизациската и социјалната, а пред сѐ човечката драма на сиот африкански континент. Од неа зрачи длабокото разбирање и големо сочувство што го понел во себе поетот од својот неколку годишен престој во овој дел на светот. И оваа песна е структурирана на сличен начин како претходната и нејзините долги дискурзивни стихови се држат како космосот врз иглениот врв од една кратка рима: „жал – мал“, но нејзината завршна каденца во која поетот вели

А човекот упорно стои и гледа во брановите на океанот.
Човекот е огромен, океанот е мал.

е доволно силна да ја воспостави нејзината и естетска и хуманистичка рамнотежа.

И на крајот, четвртата песна ,,Молитва за сињарката – моја наречница“ во која поетот уште еднаш го пронаоѓа поетскиот клуч за својот исконски порив кон жената, како alma mater, спасоносна котва пред сите негови душевни трауми и ноќни бденија, морничави кризи и потклекнувања.

Таа започнува со стиховите:

Дури сега сфатив дека сум сосем во твоја власт,
дека сум играчка во твои раце и дека сите клучеви на мојот
живот ги држиш.

за да заврши со следниов загадочен катрен:

Отклучај ги ноќните патувања на поетот
да ми се валка главата низ зелените патувања на светот
зашто само така и татковината ко ѕвезда ќе ја краси.
Отклучај ги тие порти, излечи ме, или – проклета да си!

Дозволете ми сега, почитувани пријатели, да го завршам своето излагање со оваа повеќезначна и фуриозна строфа, препуштајќи ја исцело на вашето чувство и на вашата размисла.

________________________________

* во Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005

________________________________

Огледи и критики на Милан Ѓурчинов за делото на Ацо Шопов: work in progress