bozin-pavlovski-2

Божин Павловски, македонски писател

Шопов и нашата Африка*

Божин Павловски

Деновиве се во знакот на поезијата**. Затоа со задоволство му ја посветувам оваа прозна форма на еден голем македонски поет.

Заминувањето на Ацо Шопов за амбасадор во Африка [1971] своевремено беше доживеано со природна возбуда. Колегите му честитаа и правеа споредби со дипломатската мисија на Пабло Неруда. Следуваше работен појадок во книгоиздателството што го напушташе [Македонска книга], со оригинална вотка (купена во Драчево), најпосле и мал коктел во Академијата на науките и уметностите. Амбасадорот отпатува во Африка користејќи многу сложени авионски врски и во Дакар му ги предаде акредитивите на еден од најголемите африкански поети, Сенгор, тогашен претседател на Сенегал.

Салата од интриги

Сирано де Бержерак, 1957.

Прво издание на Сирано де Бержерак во препев на Ацо Шопов, 1957. Второ издание е објавено во во 1995.

Но вториот месец по заминувањето во Скопје за Шопов се прошири негативно расположение. “Неписмен и неавтентичен поет е испратен за амбасадор”, беше објавено во еден дневен весник. Авторот на таа сензација беше фален не толку за ученоста колку за храброста. Како некаков херој на сезоната, тој предизвика дузина слични написи и изјави за Шопов. Еден печатеше лична исповед во која на поетот му додели негативна улога, втор ги исмеваше очите што ликнувале по секоја убава жена, трет го претстави како алчен човек. Во писателските кругови со преголема леснотија падна угледот на Ацо Шопов. Дури и најпросечни колеги тврдеа дека Шекспир ќе се преврти во гробот кога би дознал кој го препеал Хамлет на македонски, а пак Ростан, да е жив, во знак на протест ќе се откаже и од оригиналот на Сирано де Бержерак.

Постапката за уривање на митот за Шопов беше изведена конспиративно, таа ги опфаќаше и творечката и човечката димензија. “Верно ли тој препејувал дела без да ги познава јазиците?”, ќе прашаше обичен сеирџија на улица. За одговорот многу не либеше, важно беше покрај името на поетот да ѕвечкаат празни тенџериња и конзерви. Времето зрачеше такво расположение, општеството се митареше.

Откако прочита задоцнет уривачки приказ за Гледач во пепелта, на Струшките вечери, босанскиот поет Изет Сарајлиќ напиша во својата песна: “Срамота е тоа што му се прави на Ацо”. И во кулоарите на манифестацијата се обиде да го блесне сјајот во творештвото на својот одличен препејувач Шопов. “Македонското виножито треба да содржи повеќе од две бои”, инсистираше Изет речиси безуспешно, воспалено шетајќи по кејот на реката.

И само што почна есента, работите се влошија. Неколку “врвни” политичари во кулите покрај Вардар примија фотокопирано писмо со најтешки обвиненија против амбасадорот во Сенегал. “Ова е познатата македонска салата од интриги”, тврдеше еден поранешен дипломат, роден во Штип, висок функционер во партијата. Единствено тој му беше наклонет на поетот. Меѓутоа, неговите колеги, иако презафатени со фронтовската борба против либерализмот, си најдоа време и за Шопов. Јавно предложија негово повлекување или сменување, додека уредниците на списанијата објавија нови прилози во кои се понижуваше неговото творештво. Канцеларијата во која некогаш работеше беше испразнета и проветрувана со денови, за да исчезнела миризбата на Шопов.

Автор на анонимното писмо што им отвори работа на политичарите беше некојси инженер од непосредното производство, демек невина личност. Нему му се веруваше на слепо, додека омразата и зависта растеа како тесто. Иако славниот поет живееше во Африка како на заточение, изолиран од македонскиот оригинален амбиент, сепак вестите за неговата грешна душа што треба да се покае му стигнуваа по тајни патишта. Неколку песни откриваат колку многу Ацо Шопов ги боледувал тие валкани македонски игри со карактерите.

1976-Odbrani-dela

Првиот том од одбраните дела на Шопов, во издание на Мисла, 1976 год., со предговор на Слободан Мицковиќ.

Но роднокрајците во ниту еден миг не му го свртеа грбот и не дозволија поетот да биде проголтан од злобата. Напротив, тогаш решија да го организираат и да го споможат објавувањето на неговите избрани дела. Едно утро во Скопје допатува градоначалникот на Штип и цел божји ден бараше издавачка компанија што ќе се нафати да го издаде анатемисаното творештво на Шопов. Попусто се обидуваше кај старите пријатели на поетот. “Не можам да разберам ништо”, се пожали на крајот, откако го реши проблемот.

Како и да било, петтомната колекција беше стокмена со помош на младите штипски поети. Остана да се побара угледен критичар што ќе го протолкува делото низ предговор или поговор. Тие денови беа необични, комунистичката партија речиси го удвојуваше своето членство. Во нејзините редови се зачленуваа и писатели стари половина век. Ортодоксијата на времето, како што се изразуваше Јован Котески, не му беше наклонета на Шопов. Угледните критичари си најдоа изговори и одбија да го протолкуваат неговиот опус. Сепак, најпосле работата се приврши, делата излегоа од печат.

Ветрот носи убаво време

И како што херојскиот Штип се подготвуваше за тројна прослава: на градот, на генералот (Апостолски) и на поетот, така ветрот “почна да навева” убаво време. Пролетта почна со тивка рехабилитација на Шопов. Поминаа веќе два месеци без да се објави ништо лошо за ликот и делото на поетот. Циклуси од негови песни се отпечатија во Сараево, Загреб, Нови Сад и во Прилеп, агенциите јавија и за странски препеви.

Иако во писателските кулоари не беше исчезнато старото расположение (некои му ги броеја парите што ги добива како амбасадор, други мрмореа за неговата кревка инспирација), сепак, “негативната” магија се стопи. Баобаб, там-там. Егзотика, диви племиња, африканско сонце, бегство од нашата монотонија, а згора на тоа и угодни разговори со претседателот на Сенегал, еден од најславните живи франкофонски поети. Баобаб, там-там, полека зависта беше заменета со восхит.

Најпосле амбасадорот пристигна во Скопје, додека издавачот (“Мисла”, се разбира) го закупи ресторанот “Огниште” за промоција на делата. Традиционалниот амбиент со пријатна роднокрајна музика, заедно со шарпланинските склопци и вино за сите гости го издвоија настанот како некаква екстраваганција. Масите се исполнија до последното столче. Цвеќе за славеникот и за неговата госпоѓа, фолклорно облечени келнери. “Не е верно дека Шопов ги загубил пријателите”, коментираше Благоја Корубин. Малку пеплосан, но со разиграни очи, поетот им се насмевнуваше на сите. “Што не кажавте кого сакате да нагостите?”, со возбуда праша шефот на ресторанот. Зеде комплет од делата и го замоли славеникот за автограм. Некој тука го споменуваше На Грамос, друг пак Ветрот носи убаво време. А за поздравување со амбасадорот се чекаше во редови. Му пристапи и човекот што напиша дека “неписмен и неавтентичен поет е испратен за амбасадор”, се поздрави најсрдечно. На масата дојде и колегата што требаше да му ја чува канцеларијата во книгоиздателството. Избувна неконтролирана смеа.

1960 Hamlet

Прво издание на Хамлет во препев на Ацо Шопов, 1960. Повторни изданија: 1966, 1971, 1981, 2002 год.

Топлината на амбиентот беше во хармонија со изобилството на трпезата. Меѓу поетите се наоѓаа и најславните граѓани на Штип, но и други необични гости. Две средовечни и мили женски лица, ќерките на славниот Арсениј Јовков, еден висок маж, синот на уште пославниот Војдан Чернодрински. Ацо Шопов и веруваше и не веруваше од каде такви гости на неговата промоција, која се провлече неколку часа. Со позитивна енергија се наздравуваше од сите четири страни. Баобаб, там-там. Ни трага од негативното расположение во кое, без здрави причини, беа вовлечени Шекспир, Ростан, Изет Сарајлиќ и други големи имиња што ги помакедончи романтичниот поет од Штип.

За жал, како што се реафирмираше неговото дело, така во неговото тело се населуваа болестите. Во една пригода на Водно, завршувајќи го читањето на мојот Вест Ауст, тој ми се жалеше: “Откако се вратив од Африка, бел ден не видов. Стресовите што ги доживеав во туѓина, поврзани со овдешниот менталитет, неповратно го разорија моето здравје”. Споменот на овој суптилен поет со трајни книжевни вредности силно зрачи неделава, додека Република Македонија е центар на светската поезија.

  * Колумна на Божин Павловски во Дневник, Бр. 2238, сабота, 18 март 2006.
** Во март 2006 год., Македонија ја прославуваше Годината Сенгор.