Шлагери и музика *

Владо Малески и Ацо Шопов, веројатно во 1958 год.

Владо Малески и Ацо Шопов, веројатно во 1958 год.

Владо Малески

Колку и да се напињаме да ги оправдаме неуметничките фабрикати на паролаштвото со некаков си “повишен и распеан општествен и личен оптимизам”; колку и да затвораме очи пред опасноста од уметниковата вовлеченост во себе си или пловење по стратосферата на изолираното од животот “царство на уметноста”; колку и да ги задушуваме со крпи на квазиспокојството сирените што свират тревога од проконтрабандираната декаденштина; колку и да храбриме некои од уметниците дека најназад “си го нашле својот фах” (иако немало никаква нужда да го барат та да го најдат, бидејќи тоа не е ништо ново туку враќање на она од порано), − сепак проблемот си останува несимнат од дневниот ред. Дотолку повеќе што за слободата на творештвото (плеоназам, зашто нема и не може да има никакво вистинско творештво без слобода на духот, која може да егзистира и егзистирала и при една политичка неслобода) каде нас, се чини, постојат и такви уложни разбирања, што од своја страна во многу ја осветлуваат состојбата во творештвото на некои уметници (не само поети). Последната збирка на Ацо Шопов и последната изложба на македонските художници, можеби, се најзборлести (но не и самечки) манифестации на тие и таквите разбирања.

Овие неколку години А. Шопов, меѓу другото, се јави со поемата На Грамос, на тема: граѓанската војна во Грција, и со збирката Стихови за маката и радоста. Иако на моменти го привлекува вниманието и чуваството на читачот со нему својствените лирски акценти, сепак во На Грамос Шопов не ги прескокнува рамките на познатите кај нас стихови од рангот на паролаштвото. Меѓутоа друг е случајот со “… маката и радоста”. Кога читам некои од овие песни, иако презаситени со “солзи”, “навлажени очи”, “смрт”, “гроб”, “есен”, “презрен”, “пусто”, “бездомник”, итн. − јас сепак чувствувам дека, додека се леело мастилото на празната хартија на столот од поетот, се разлеала и душата негова, и чуваствата негови, и болката човечка на едно скршено срце […]

Од друга страна, една рекапитулација на годишните изложби на македонските сликари ќе нè доближи до некои изјаснувања на разбирањата што ги спомнав погоре […]

Последната изложба фантастично го намалува бројот на изложените творби што ја третираат горната тематика [војната, изградбата, народноослободителните борби и разни портрети на раководители] до сè на сè: осум! од вкупниот број на изложени работи: 174 [во 1945, на пример, од 114 изложени творби, 51 биле инспирирани од наведената тема].

Интересно е да се проследи секој художник пооделно како се ‘ослободувал’ од изложба до изложба од овој тематкси “баласт” (почнувајќи со 1949), но тоа ќе ни одземе многу време и простор. А сепак, нека ми е позволено тоа да го сторам со Томо Владимирски, кој на времето беше дури и награден токму затоа што озбилно (а испадна “озбилно”) се зафати со третирања проблеми од нашата револуционерна стварност (друго е прашање каква вредност имаа тие негови платна, а уште подруго − дали воопшто беа нужни такви награди). Во 1945 год. Владимирски изложи 11 слики а од нив осум носеа име “На стрелање”, “Партизанска колона”, “Во борба”, “Бомбаш”, итн. Меѓутоа 1952 год. од 10 творби − ниеден “бомбаш” или што и да е од неговите порано омилени теми.

Па што е ова?

Всушност, овдека се работи за таканаречената “теорија на шлагери”: до 1948 год. се пееше едн шлагер − велат тие − а тој се викаше “социјалистички реализам”; денес се пее друг шлагер: “слобода на творештвото” […]

Оваа појава на оддалечување од животните проблеми на средината во која се живее и твори не смее да се засолнува со никакви објаснувања за “обогатувањето” на уметничката тематика. Зашто тука кај поединци не се работи за никакви навлегувања во многубројните пори на стварноста, туку за едно повлекување назад и за поедноставување токму на таа стварност […]

Човечката душа − толку повеќе уметниковата − не е едноструна гусла, туку богата, совршено осетлива цитра со бескрајно широк дијапазон од тонови на чуваства и бранувања. Та затоа, ако сакаш да го чуеш вибрирањето на секоја нејзина струна, да ја почувствуваш нејзината волшебна музика, тогаш мораш нежно да пребираш (нежно а не да драскаш!) по сите струни, напнати до раскинливост. А душата на нашиот човек еве со години ја свири химната на Револуцијата − широка колку и бескрајноста на редицата од нејзините сопствени струни. Уметникот мора да ја чуе оваа химна.

________________
* Извадоци од текстот “Шлагери и музика − Неколку белешки во врска со тематиката и ‘интимитетот'”, Разгледи, бр. 3, 12.02.1953, стр. 9−10.

Прочитајте ја реакцијата на Ацо Шопов, „Место одговор”, објавена во списанието Современост, истата година.