This post is also available in: French Spanish

Шопов многу рано научи да чита во пепелта*

Аурора Марија Сааведра (1930-2003)

Беше тоа во 1944 година. Македонците го славеа стивнувањето на бурите од оган и смрт на Втората светска војна. Речиси истовремено го славеа и прогласувањето на нивната нова република, во пределите околу долината на Вардар, каде што се протега пејзажот на нејзините реки, езера и планини.

Во текот на таа еуфорична година — кога требаше што побрзо да зараснат незараснатите рани, кога требаше да се гради и обновува, кога требаше да се втемели еден нов политички систем, еден нов начин на живеење, една нова естетика и култура што ќе одговара на барањата како на традициите така и на новото време — во една таква атмосфера, излезе во јавноста еднаа збирка песни од „поетот-партизан“ како што нагалено го нарекуваа Ацо Шопов.

Под не може поскромниот наслов Песни, се наоѓаше драгоцен материјал што му отвараше нови хоризонти на поетскиот и литературен израз, пишуван со кирилица, на македонски јазик.

Тоа се песни што поетот-партизан ги напишал среде ужасите на војната, меѓу реките крв што течеле при битките на антифашистичките сили. Обоен со горчливи спомени и тага по изгубените, лирскиот патос на младиот борец ќе ја обележи оваа прва фаза од творештвото на поетот, исто како и следните, суптилно врзан за најдлабокото во него.

Во тоа време, Шопов ја напиша и песната „Очи“, која се смета за ремек-дело на македонската љубовна поезија. Напишана во најчист елегичен тон, таа е инспирирана од ликот на Вера Јоциќ, неговата сакана сопатничка во војната која загина при една битка. Сеќавањето на неа поетот го преточува во прекрасни метафори кои повеќе ги откриваат неговите интимни чувства отколку колективните идеали од тоа револуционерно време.

Истото може да се каже и за „Љубов“, песна која се наоѓа на страниците на оваа прва книга која ги воспостави правилата на игра на новородената современа литература на младата република и го возобнови нејзиниот јазик кој толку долго беше осквернет и потиснуван.

Со Песни, дотогаш кревкиот јазик на Македонците ﹣ на кого толку долго му беше оспорувано правото да ги одразува чувствата и мислите на народот и чијашто пишувана литература беше ограничена во својот развој поради многубројните странски натрапништва ﹣ почна да се воздигнува и да го стекнува својот самоопределувачки профил. Новите услови овозможија тој јазик да се спаси и во него да се воспостави ред.

Шопов се внесe во тој потфат со жар која ја споделуваше со едно јадро интелектуалци, негови современици, какви што беа Коле Чашуле, Блаже Конески и Славко Јаневски.

Во напорите да му го врати сјајот и престижот на литературното творештво на неговата земја, поетот се служи со своите темелни познавања на изразите и лавиринтите на писмото и на говорот на своите предци. Тој со еднаква умешност се справува како со неологизмот, така и со архаизмот ﹣таа порта што се отвара кон неизмерливиот свет на словенските симбологии.

Ацо Шопов многу рано научи да чита во пепелта.

Неговото поетско дело, што ја покажа насоката по која требаше да се тргне, беше од крај до крај проткаено со метафизички прашања и исполнето со естетски предизвици.

Во неговата поезија доаѓа до израз чувството за чудесното, кое во добар дел е наследено од традициите и фолклорот на неговиот народ, но кое во неговата поезија честопати се објавува во вид на парафраза и пулсира во ритмот на неговото срце.

Овој македонски поет никогаш не дозволи да го допре било која догма, било кој идеен апсолутизам. Неговото згуснато и вдахновено писмо, дури и кога обработува епски теми, е ослободено од било каков спектакуларен хероизам, како што е ослободено и од секаква трага на шовинизам.

Неговиот префинет сензибилитет и неговата широка интелектуална перспектива му овозможуваат многу прецизно да ги разграничи како можностите така и границите на експресивните ресурси упатени кон „широките маси”, типични за соцреализмот што се наметна на културната сцена во повоена еуфорија на Балканот.

Ацо Шопов многу рано научи да чита во пепелта.

Овој поет, роден во Штип, град со поглед свртен кон планините, малку се грижеше за филозофските и естетските струи што се разгрануваа на различни географски широчини, натпреварувајќи се меѓу себе по своите „авангардни“ интенции. Колку и да беше добро информиран новинар, академик и дипломат, тој не им должи ништо на  унанимизмот, тремендизмот, футуризмот, експресионизмот или било кој друг помодарски правец. Во исто време, во неговата поезија навираат истите поплави од сомнежи и убедувања како во мислата на еден Сартр, на еден Ками или на еден Ман.

Неговата поезија не познава граници.

Песните како што се „Жена во ивернажот” или „Баобаб“ ги пресоздаваат африканските слики и суштини што тој ги впивал за време на неговиот престој, во својство на амбасадор на Југославија, во Сенегал, земја со која тогаш претседавал еден друг извонреден поет, Леополд Седар Сенгор.

Лирскиот израз на Шопов достигнува извонредни височини кога искажува нешта од минатото со зборови од сегашноста и кога ја опфаќа сегашноста со зборови од минатото. Тоа е секако тешка игра, потешка не може да биде, во поетскиот занает.

Крајот на животот на македонскиот поет беше трагичен. Но, неговите песни остануваат да живеат на многу јазици. Во нашиот превод на шпански јазик, ние се погриживме, во секоја песна, да бидеме апсолутно верни на  прецизниот, невралгичен набој на секој свиок на огнените вени на нејзиниот автор.

_________________
* Предговор на изборот Lector de cenizas (Гледач во пепелта), Мексико, 1987, во превод на Јасмина Шопова.
Во Културен живот, 1988, год. XXXIII, бр. 1-2, стр. 43-44, објавен е друг превод што му го должиме на Александар Митевски.